Тања Турунџиева, нутриционистка/Фото: Приватна архива

Интервју со Тања Турунџиева, нутриционистка: Ако страдате од уринарни инфекции, исфрлете ги лебот и слатките од исхраната

Може да се појават кај луѓе од сите возрасти и кај двата пола, со оглед на тоа што во текот на животот жените се поподложни на овие инфекции поради пократката уретра, па затоа продорот на патогените организми во уринарниот систем е почеста.

Инфекциите на уринарниот тракт се меѓу најчестите здравствени проблеми, кои ги нарушуваат и ги ограничуваат секојдневните активности, а со тоа имаат негативно влијание врз квалитетот на животот.

Може да се појават кај луѓе од сите возрасти и кај двата пола, со оглед на тоа што во текот на животот жените се поподложни на овие инфекции поради пократката уретра, па затоа продорот на патогените организми во уринарниот систем е почест.
Инфекциите на уринарниот тракт се најчестите бактериски инфекции кај жените, па затоа се појавуваат кај половина од жените најмалку еднаш годишно. Најчести причини за инфекции на уринарниот систем се цревните бактерии (ешерихија коли е причина во 90 отсто од случаите).

Инфекциите на уринарниот тракт можат да доведат до сериозни компликации доколку се прошират на бубрезите, па затоа е важно навреме да ги препознаете и правилно да ги третирате.

Храната што ја јадеме, односно молекулите што настануваат кога ја вариме, влијаат врз растот на бактериите во нашиот уринарен тракт. Затоа, оние што имаат проблеми со уринарни инфекции треба да внимаваат и на исхраната.

На оваа тема разговараме со нутриционистката Тања Турунџиева.

Кои се најчестите симптоми што укажуваат дека се во прашање уринарни инфекции?

– Најчесто симптомите на уринарни инфекции се изразени во вид на често и отежнато уринирање, болно уринирање, пецкање при уринирање, често проследени со ноќно мокрење, како и со болки во карлицата и грбот.
Жените што се склони на уринарни инфекции, потребно е да прават испитувањa на уринокултурата на три месеци и тогаш кога немаат симптоми за тоа, сѐ додека не дојде до посериозен проблем. Доколку инфекцијата е во уринарниот тракт и лекувањето е полесно, ако се прошири нагоре кон бубрезите поради нелекување или несоодветно третирање со антибиотска терапија, тогаш настануваат сериозни компликации.

Објаснете ни зошто уринарните инфекции повеќе ги погодуваат жените?

– Конституцијата на организмот на жената, поконкретно пократката уретра (мочен канал), ги прави жените повеќе склони кон инфекции на уринарниот тракт за разлика од мажите, како и физиономската поставеност на уретрата и аналниот отвор, кои кај жените се поблиску поставени. Жените уште во најрана возраст, како мали девојчиња, треба да бидат едуцирани за правилно бришење со тоалетна хартија што секогаш треба да се одвива однапред кон наназад, за да се спречи пренесување на бактериите од аналниот отвор кон уретрата, како и носење памучна долна облека и вршење соодветна нега, без употреба на пудра во прав (талк пудра), парфимирани купки и слично. Воедно, при појава на вакви инфекции особено е важна негата и хигиената што треба да биде на највисоко ниво по секое одење во тоалет. Уште една од препораките, кај сексуално активните жени што имаат проблеми е задолжително мокрење по интимниот однос, со што би се спречило пренесување на вагиналните со уринарните инфекции.

Ешерихија коли е најчестата причина во 90 отсто од случаите на уринарни инфекции. Како доаѓа до тоа и на што треба да се внимава?

– Од бактериите што го напаѓаат уринарниот тракт, факт е дека најраспространета е ешерихија коли. Еден од начините на кои таа честопати влегува во нашиот систем е преку овошјето и зеленчукот што не се добро измиени, а при одгледувањето биле полевани со фекални води. Затоа, прва препорака е добро миење и лупење на овошјето и на зеленчукот при нивната консумација. Еден од начините е да се потопат во сад со вода и да се додаде една лажица сода бикарбона што ќе создаде алкална средина, потоа, друг начин е да се измијат со филтрирана вода или, пак, да се озонираат. Следуваат доматите, пиперките и сите зеленчуци што не се лупат и не се обработуваат термички, односно се внесуваат во свежа форма.

Брусницата долги години се смета за природен лек за уринарни инфекции. Како треба да се консумира и во кои количини?

– Уште од далечната 1984 година, професорот д-р Собота од Универзитетот во Охајо прв открил дека брусницата е фамозно овошје за лекување на уринарните инфекции. Тој открил дека брусницата е за повеќе од 25 отсто поефикасна и полековита од кои било миксови на чаеви и од увиниот чај. Кај нас, брусницата најчесто се консумира во форма на чај, кој не треба да се внесува во огромни количини – доволни се 450 милилитри чај, трипати на ден, 30 минути пред оброк или два часа по оброкот. Постојат и органски концентрирани препарати од брусница, кои, доколку се земаат, мора да се разредат со вода за да не го надразнат дигестивниот систем. Сепак, најдобро е да се јаде во свежа форма.

Покрај брусницата, одлична во справувањето со уринарните инфекции е и боровинката, како и сите црвени плодови од жбунестите растенија. Доколку се внесуваат во сушена форма, тие не треба да бидат засладени или кандирани.

Кога зборуваме за лекување на уринарните инфекции, освен храната, акцентот паѓа најмногу на течностите. Колку течности треба да пиеме во овој случај?

– Кога зборуваме за уринарните инфекции, храната е важна, но најважни се течностите. Треба да внесуваме по минимум два литри вода, и тоа вода со поголема Пх-вредност. Алкалната вода со Пх-вредност 8,8 е приоритетна и има цел да го одмие уринарниот тракт преку почесто мокрење, што го предизвикува. Во никој случај да не се внесуваат газирани, зашеќерени, ниту кофеински пијалаци, кои заедно со чоколадото се на црната листа на производи кај лицата што се соочуваат со уринарни инфекции. Покрај водата и чајот, се препорачуваат и цедени, зеленчукови сокови разредени со вода. Се препорачува да се консумираат повеќе течности, но да не се практикува задржување на урината, бидејќи при апстиненција или одложување на уринирањето, бактериите во уринарниот тракт уште повеќе се размножуваат.

Каква исхрана препорачувате во периодот кога личноста страда со уринарни инфекции?

– Во периодот при справување со уринарните инфекции, особено поради тоа што често се повторуваат, важно е да се направат промени во исхраната и повеќе да се насочите кон вегетаријанската исхрана. Сепак, ако не можете без месо, во тој случај тоа нека биде мисиркино, а оброците да бидат најчесто во чорбеста форма богати со коренест и трупкав зеленчук – пашканат, морков, целер, дајкон, ‘рдоква во свежа форма. Овие зеленчуци имаат антиоксидативно и диуретско дејство, па освен во чорби, во организмот одлично се внесуваат и во сирова форма во салати или како додаток на зеленчуковите сокови. Покрај овие, треба да се консумираат и т. н. „смрдливи“ зеленчуци, кои изобилуваат со етерични својства. Тука спаѓаат празот, лукот, кромидот и ѓумбирот. Се препорачува магдоносот да се зема во свежа форма, а не како чај.
Освен какаото, чоколадото и кофеинските пијалаци, се препорачува да се исфрлат сите индустриски производи, лебот и слатките.

Со оглед на тоа што инфекциите на уринарниот тракт се упорни и се повторуваат, што треба да се преземе? Кога треба да се обратат кај лекар?

– По забележувањето на симптомите што укажуваат на уринарна инфекција, да се обратите за помош кај лекар, придружено со микробиолошки испитувања, што ќе дадат адекватен биограм, според кој ќе може да ви се препише соодветна антибиотска терапија, задолжително поткрепена со антибиотик. Затоа треба да се направи уринокултура еден месец по завршувањето на антибиотската терапија, бидејќи сѐ порано ќе покаже стерилен резултат. Доколку е потребна нова доза антибиотик, тој мора да се промени за да не создаде резистентност и да ја обезбеди својата ефективност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот