ИНТЕРВЈУ | Симона Аврамова: Меси има прекрасна енергија и никогаш не си оди без прегратка од сетот

Фото: Приватна архива/Инстаграм/Кристијано Роналдо

„Меси нема никакви барања за време на шминкањето и во текот на фотосесијата. Секогаш доаѓа навреме, многу е професионален и многу е лесно да се работи со него“, вели Симона.

Целиот свет е воодушевен од новата кампања на француската модна куќа „Луј Витон“, во која Лионел Меси и Кристијано Роналдо го оставија своето фудбалско соперништво настрана и позираа пред објективот на фотографката Ени Лајбовиц.

Но, за нас е посебно важен фактот што Македонката Симона Аврамова беше задолжена за шминката на аргентинската фудбалска легенда Меси, за потребите на оваа, сега веќе култна фотосесија.

Македонката Симона Аврамова го нашминка Лионел Меси на култната фотографија со Кристијано Роналдо

Оваа талентирана 28-годишна девојка седум години живее во Барселона, каде што има успешна кариера како професионална шминкерка и фризерка на голем број светски познати личности.

Ексклузивно за „Слободен печат“, Симона раскажа за тоа како е да се биде лична шминкерка на Меси, како љубовта кон креативната работа ја однела во Шпанија и како го исполнува слободното време кога нема работни ангажмани.

Здраво Симона, претстави ѝ се на нашата публика.

– Здраво! Пред сѐ, Ви благодарам на поканата и многу ми е драго што ова интервју е токму со вас – „Слободен печат“.

Јас сум Симона, 28-годишна девојка што веќе седум години живее во Барселона. Креативна, секогаш искрена и одлучна во она што ќе го поставам како цел. Слободен дух и екстроверт. Риба во знак и двоен Стрелец во подзнак и Месечина – за подетален преглед на тоа која сум јас вистински, хаха.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by AVRA (@avra.simona)

Ти беше задолжена за шминката на Лионел Меси, за потребите на култната фотосесија со Кристијано Роналдо. Како стана дел од оваа приказна?

– Ахх, од каде да почнам… Да, точно. Веќе година и пол сум дел од тимот што стои зад Лео Меси. Јас сум негов шминкер и фризер за секоја негова појава на реклами и фотосесии.

Некаде на половина од јуни минатата година, ми се јавија од продукцијата со која веќе работев на неколку проекти во Париз дека праќаат портфолија затоа што се бара шминкер за во рајдер-тимот на Меси, па ме прашаа дали сум заинтересирана да го пратат и моето портфолио заедно со сите други. Реков: „Да, секако“. За неколку денови имав интервју на Зум со извршниот продуцент и веднаш потоа следуваше потврда дека сакаат да бидам дел од првата реклама за „Геторејд“ во Париз. Секогаш кога почнувам нов проект сум доста фокусирана затоа што дел од работата е и барање асистенти за неа, денови на подготовка итн. Накратко, по првата тест-реклама, јас веднаш станав дел од рајдер-тимот. За оние што не знаат, рајдер-тим е оној што секогаш се движи со славната личност.

Верувам дека многумина ги интересира – какви беа Меси и Роналдо „зад сцената“?

– Лео Меси е една од најфините личности што сум ги запознала. Не само во мојата кариера, туку и во мојот живот. Тој има прекрасна енергија, многу е професионален, секогаш има почит кон сите што се вклучени во секој проект и никогаш не доаѓа и не си заминува од сетот без прегратка.

За жал, не стигнав да бидам дел од фотосесијата со Кристијано Роналдо поради тоа што не ми стигна британската виза навреме (сѐ уште сум со македонски пасош, иако имам перманентна ЕУ-резиденција, хаха). Инаку, да, дел од мојата работа за кампањата беше да го спремам и Кристијано Роналдо за пред камера.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Cristiano Ronaldo (@cristiano)

Дали има посебни протоколи што мора да се следат кога е во прашање таква светска ѕвезда? Дали самиот Меси има посебни барања во текот на шминкањето?

– Секако. Секогаш потпишуваме договор за доверливост на податоци и не смееме да објавуваме фотографии и видеозаписи од сетот пред да излезе проектот. Нормално, ние сме од 30 до 80 луѓе на сет, секако можеме да снимаме „зад сцената“ за да споделиме на социјалните мрежи откако проектот ќе излезе во јавност, без, секако, снимање на самата славна личност. Мислам дека ова е многу стандарден протокол и, според мене, е многу коректен и професионален затоа што не може да се контролира содржината (која се снима) на секој член од тимот доколку сѐ би било дозволено.

Самиот Меси, пак, нема никакви барања за време на шминкањето и во текот на фотосесијата. Секогаш е навреме, многу е професионален и многу е лесно да се работи со него. Веќе имаме ритуал што го практикуваме секогаш. Неговиот омилен дел од шминкањето е масажата на лице, пред и потоа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Avra Simona (@avra.mua)

Како одлучи да се занимаваш со оваа креативна професија и како животот те однесе во Шпанија? Која беше твојата „отскочна даска“ и како почна да соработуваш со такви звучни имиња од светската сцена?

– Откако паметам за себе, јас сум многу креативна и имав голем проблем да се одлучам што сакам да бидам и што сакам да учам. Паметам дека од мала ги шминкав сите затоа што моите родители работеа со „Ревлон“ и дома секогаш имаше кутија шминки. Сакав да знам сѐ, а и сѐ уште сум многу љубопитна и, дефинитивно, сум малку бубалица, хаха. Имам фармацевтска заднина – која подоцна сфатив дека е совршена основа и, според мене, треба да е од круцијално знаење за секој мејкап-артист.

Ах, Шпанија. Едно лето, јас и мојата најдобра другарка решивме да одиме во Барселона. Тоа беше љубов на прв поглед, но не планирав да се преселам бидејќи во тоа време завршував факултет. Сепак, мене ми се случи неверојатен пресврт на нештата кога отидов во „Сефора“ во Барселона за да си купам шминки. Еден од менаџерите ми пријде и ме праша дали сум мејкап-артист. Реков: „Да“. Ме праша дали сум заинтересирана за интервју. Реков: „Да, сега?“. Ми одговори: „Да, сега. Имаме интервју со десет мејкап-артисти и имаме десет модели. Еден од шминкерите не се појави на интервју, па бараме замена“. Влегов внатре, го нашминкав моделот и заборавив на тоа. Кога се вратив во Скопје, добив повик дека сум ја добила работата. Почнав да работам со „Бенефит козметикс“ на релација Скопје-Барселона неколку месеци додека да дипломирам. Веднаш по дипломирањето, се преселив во Барселона.

По шест месеци во „Бенефит козметикс“, научив шпански и италијански јазик и почувствував дека е време за промена. Како да си изманифестирав, „Кендо брендс“ ми се јавија за интервју. Во тоа време, „Фенти бјути“ требаше да се лансира во Шпанија. Јас бев бренд-амбасадор за брендот и мои ментори беа самата Ријана, Присила Оно, Хектор Сото и целиот тим на „Фенти“. Ментор ми беше и официјалниот мејкап-артист на Марк Џеjкобс во тоа време – Ивон Мекинис. Оттука, со лансирањето на „Шарлот Тилбури“ ме земаа како водечки артист за цела Шпанија, па ментори ми беа самите Шарлот и Софија Тилбури.

По години, решив дека е време да почнам со фриленс соло-кариера, ризикував сѐ и дадов отказ од работата за којашто многу артисти чекаа ред. И еве сум.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Avra Simona (@avra.mua)

Твоето портфолио изгледа светски. Кои соработки би ги издвоила како најдраги?

– Ви благодарам! Дефинитивно, Лео Меси, кампањата на „Баленсијага“ со Ејсид Араб за магазинот „Најлон“ и Раја Мартигни со Тарек Мавад.

Кое е твоето мислење за начинот на кој се шминкаат македонските жени?

– Ми се допаѓа делот од културата каде што македонските жени се секогаш, без разлика на сѐ, средени и се грижат за себе. Што се однесува до шминката, би рекла дека некогаш е премногу и непотребна. До сите жени – убави сте и без шминка! Не треба многу, чувствувајте се сигурно во својата кожа. Јас речиси и не користам течна пудра за лице, туку само коректор на деловите каде што е потребно. Камената пудра што содржи талк не би ја користела за дневна употреба, туку повеќе за вечерна шминкa. За чиста кожа, многу е важно што се внесува со исхраната. Шминката е само додаток, а не потреба.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Avra Simona (@avra.mua)

Дали ги следиш трендовите или претпочиташ безвременска естетика?

– Никогаш не сум ги следела трендовите и никогаш нема да ги следам, без разлика дали се работи за облека, шминка итн. Секогаш избирајте безвременска естетика и она што ви прави да се чувствувате убаво. Споредувањето е лесен пат до лош ден. Сметам дека следењето на трендовите носи споредување со оние кои се во тренд или со она што е во тренд. Ова е сѐ понеизбежно на социјалните мрежи. Тоа носи потреба да се купи и да се има, а не секогаш секој од нас може да го направи тоа додека трендот трае, а тоа е краток период. Тоа создава фрустрација и намалување на самодовербата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by AVRA (@avra.simona)

Ако треба да одбереш само три есенцијални шминки, од што ќе се состои твојот личен несесер?

– Коректор, маскара и руменило во крема во нежна нијанса кое може да се користи и за усни.

Дали претпочиташ голема или мала ташна? И, што се крие во неа?

– Мала ташна или „тоут бег“(торба). Кога имам доста работи за носење, тогаш носам „тоут бег“ во којашто може да се најде мојот лаптоп, нотес без којшто не можам, секогаш имам пенкало, трите есенцијални шминки хехе, телефон, полнач, слушалки и никогаш не носам новчаник хаха.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by AVRA (@avra.simona)

Како изгледа твоето секојдневие кога немаш работни ангажмани? Како Симона, како една млада и успешна девојка, го поминува своето слободно време?

– Патувам многу. Понекогаш имам и по 20 лета во еден месец и посетувам неколку држави. Тешко е да се одржи рутина со такво темпо. Така што, кога сум дома во Барселона и имам слободно време, многу ми е важно да ѝ се вратам на основата. Многу готвам, вежбам, имам долги прошетки со моето куче и многу вечери со пријателите.

„Победа е состојба на умот“ е пораката на новата кампања на „Луj Витон“. Која е твојата филозофија што те води низ животот?

– Работи на себе. Физички, психични и духовно. Љубопитност. Волја. Комфорната зона е најголемиот непријател. Ризикувај. Верувај ѝ на интуицијата. И, не заборавај да се забавуваш попатно!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by AVRA (@avra.simona)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот