Интервју со Сергеј Варошлија, висажист: Секогаш сум искрен, со малку хумор критиката полесно се прифаќа
Сергеј Варошлија е едно од најпрепознатливите имиња во македонската модна и естетска сцена. Пред три децении го постави стандардите во стилизирање и визуелен израз. Познат по автентичноста, директниот став и остриот, но секогаш духовит коментар.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“ тој зборува за идејата зад својот нов поткаст „Урок“, за мистиката и енергијата што го инспирираат, неговите почетоци, македонската модна култура, односот кон убавината, личниот стил, па сè до малите секојдневни навики што го прават токму тоа што е…
Несомнена е твојата автентичност… Од каде ти е тој осет за мода и убавина?
– Основно, пред сѐ, од сите форми на уметност што ми прават тригер на сите сетила и искрено комбинација од сѐ што содржи прашањето. Природно вроден осет, домашно воспитување, надоградување и развивање талент на поле на убавина и мода! Долги години работа на себе за да се остане свој. Исклучително и детално сум визуелен, дури некогаш и сам на себе се чудам за мојата перцепција на мода и убавина. И секогаш сакам да се надоградувам! Не мислам дека знам сѐ.
Кога стана свесен дека шминката, фризурата и стилот се твоја љубов? Како пионер во оваа работа, пред 30 години, што беше пресудно за да го почнеш овој пат и да се слушне за твоето име?
– Јас немав план да се слушне за моето име. Јас само сакав да работам нешто што ќе ги направи луѓето да бидат негувани и автоматски посреќни! Така бев среќен и јас, а кога нешто се работи со љубов, има резултат. Резултатот е што моето име е сѐ уште репер што е поврзан директно со секторот естетика, мода, шминка, коса, стајлинг повеќе од 30 години.
Што ти даде храброст да излезеш надвор од клишеата кај нас во тоа време?
– Желбата за промена и трансформација што сметам дека е процес што секој треба да го помине на кое било поле и, пред сѐ, за самореализација! Бидејќи само така можеме да бидеме среќни.

Твојот стил на коментирање на стилот на јавните личности е искрен, но и со доза на хумор. Има ли позитивен ефект? И ти било ли криво некогаш, па да си речеш, „ех, тука претерав“?
– Секогаш сум искрен, некогаш внимавам како кажувам, некогаш не, тоа е дел од мојот карактер. Исто како и хуморот што и приватно е дел од моето секојдневие, бидејќи со соодветна доза на хумор, сметам дека луѓето можат повеќе да ја сфатат критиката и дефинитивно има позитивен ефект. Критикуваните го потврдуваат истото. Не ми е криво за ништо! Бидејќи не живеам во минато свршено време, живеам во сегашност.
Колку Македонките навистина внимаваат на стилот? И дали се трудиме премногу?
– Не можам да кажам дека не внимаваат! Сите сакаат да изгледаат убаво, и жени и мажи. Повеќето можеби не знаат и како. Но, со внимание и со доза на грешки учиме сите многу повеќе на една поубава верзија на самите себе. Многу има што се „трудат“… и кај многу тоа е џабе, затоа што е само лошо фасадирање. Бидејќи рецепт за добар вкус нема! Има и примери каде што трудот е прогресивен. И дефинитивно моментот да се биде „свој“ е процес што трае, а е клучен!
Постои ли некој со посебно топ стил од јавните личности и кога ќе видиш, да кажеш: „Тоа е тоа?“
– Има, секако! Последно нешто што реков, тоа беше аутфитот на Каролина Гочева на настапот на „Младо вино“ по повод јубилејот 140 години на винарницата „Тиквеш“, неколку денови пред ова интервју. Едноставно ме остави без зборови.

Како го изгради твојот стил? Што мора секогаш да имаш на себе?
– Да бидам бескомпромисно свој, тоа е почетокот. Среќен сум кога од себе создавам нешто што е посебно во сферата на стилизирање! Секогаш добри аксесоари како чевли, торба, очила и секако накит – прават еден посебен изглед.
Кое скопско време за тебе е најубаво и зошто?
– Ако ти е убаво, секое време ќе ти е убаво! Дури и во „неубави“ ситуации, откако ќе поминат, гледам нешто убаво! Сакам да градам убави спомени.
Малку домаќински муабет. Те бива ли во кујна? Има ли манџа на твоето мени?
– Ништо домаќинско нема, ха-ха. Не ме бива во кујна, искрено! Не знам да готвам и ми е страв во кујна. Постојано има чудни апарати што се врели, нешто врие, бучи, остри уреди… Во кујна само сендвич. И сакам специјални рецепти кога некој друг ги спрема. Добро, сакам и манџи многу, нормално. Домашни јадења.

Колку внимаваш на изгледот и на формата?
– Внимавам многу отсекогаш! Особено на негата. И генетиката има свој удел. Од друга страна, мрзлив сум за физичка активност, искрено, и затоа сум „потенок“ – од страв од поправање! Не би можел да се доживеам со 5 кг плус ако не се распоредени. А се распоредуваат само со физичка активност, што ја немам.
Твој совет за дамите, што да облечат кога не знаат што да облечат?
– Звучи и е клише, но т. н. „little black dress“ (мало црно фустанче), варијации на таа тема – секогаш ја спасува речиси секоја ситуација (освен на одредени настани каде што има кодекс на облекување или се од формален карактер. Се комбинира со различни аксесоари, чевли, ташна, накит – и секако добра шминка и фризура!
„Урок“ обично се врзува со лош поглед или енергија што се пренесува несвесно. Во поп-културен контекст, „урок“ значи нешто што има моќ и влијание. Зошто токму „Урок“? И од каде идејата за оваа поткаст приказна?“
– „Урок“ е дефинитивно нешто што има моќ и влијание на каков било начин не само во денешно време, туку од постоењето на човештвото, и е тесно врзан со мистицизам и суеверие. Се користи во секојдневието секаде во светот, помеѓу сите луѓе без оглед на раса или вера, како збор или како форма на влијание на некоја „сила-вибрација“, некогаш позитивна, некогаш негативна. Некогаш свесно, некогаш несвесно. Фасцинантно е што векови наназад луѓето сѐ уште немаат логични одговори на оваа тема. И луѓето често, свесно или несвесно, се завидливи и така фрлаат „урок“ на друг или на себе, ќе се подречат. Неколку години е дел од вокабуларот на тесен круг мои пријатели, повеќе во еден хумористичен контекст. И сметам дека силата на тој т. н. мистичен збор има влијание, а целта е луѓето повеќе да се радуваат отколку да завидуваат.


