Сашо Поповски, директор на „Џез фабрика фестивал“ – Битола

Интервју со Сашо Поповски, директор на „Џез фабрика фестивал“: Џезот во Македонија е жив, растечки и поврзан културен феномен

Благодарение на ентузијазмот на тимот и на упорноста на неговиот основач Сашо Поповски, „Џез фабрика фестивал“ во Битола успева континуирано да се развива и да го проширува својот опсег.

Деветтото издание на „Џез фабрика фестивал“ ќе се одржи од 15 до 19 април, потврдувајќи ја својата позиција како единствена национална џез-платформа во Македонија. Надминувајќи го класичниот фестивалски формат, „Џез фабрика фестивал“ прераснува во национално културно движење кое ги поврзува градовите, уметниците, институциите и публиката преку современиот џез-израз.

Деталите ни ги открива Сашо Поповски, директор на „Џез фабрика фестивал“ – Битола.

Дефинирана е комплетната програма за деветтото издание на „Џез фабрика фестивал“ – Битола. Кои групи ќе настапат во рамките на главната програма?

– Деветтото издание на „Џез фабрика фестивал“ годинава е најобемно досега и ќе се одвива во неколку градови и различни простори. Фестивалот започнува во „Утопија“ во Битола со прес-конференција, промоција на книгата „Вокинг он Масочизм“ (Walking on Masochism) од Иван Благојевиќ и настап на Христијан Ристески квартет од Македонија.

Саксофонистот Христијан Ристески е добитник на наградата за најдобар млад џез-музичар за 2025 година

Следниот ден, во Народниот театар – Битола, настапуваат интернационалните состави „Трајбвајберс – Блал Љујич Пјер“ (Tribevibers – Blal Ljujic Pierre) од Франција и Матан Клајн – Гент Руши Трио (Mattan Klein – Gent Rushi Trio) од Израел/Албанија, а во паб „Бурбон стрит“ во Битола ќе се претстави македонскиот „Алекс џез квартет“. Истовремено, во „Аудиокултура“ во Скопје ќе се одржи втората промоција на книгата на Иван Благојевиќ проследена со настап на „Остстријан ритам секшн“ (Oststyrian Rhythm Section) од Австрија.

На 17 април, во „Јуроп хаус“ во Битола ќе се организира едукативен настан „Џез фактори фор кидс“, а во Државното музичко училиште во Битола ќе се одржи мастерклас по џез-пијано на Лукас Мајсл од Австрија. Главната вечерна програма во Народниот театар вклучува доделување на наградата „Гоце Димитровски“ на Христијан Ристески, како и настапи на „Воис енд бас“ (Voice and Bass) од Унгарија и „Остстријан ритам секшн“ од Австрија.

„Остстријан ритам секшн“ од Австрија

На 18 април, во Асоцијацијата „Пелагонија“ во Битола ќе се одржи годишна конференција на Асоцијацијата на џез фестивали, додека во Домот на култура „Илинден“ во Демир Хисар ќе настапи полската група „Џума“ (Juma). Фестивалот завршува на 19 април во „Џез-ин“ во Охрид со настап на истиот состав.

Оваа програма ја демонстрира нашата цел да ги споиме домашните и интернационалните артисти и да го прошириме фестивалот низ четири градови – Битола, Скопје, Демир Хисар и Охрид – позиционирајќи го како Национална џез-платформа.

На кој начин се составува програмата и колку групите што настапуваат се дел од соработките што „Џез фабрика фестивал“ ги има со европските мрежи и фестивали за џез-музика?

– Програмата се гради преку долгорочни партнерства со европски фестивали, мрежи и артисти. Многу од интернационалните учесници доаѓаат преку овие соработки, што овозможува размена на уметници и идеи и ја позиционира Македонија како дел од европската џез-сцена. Со ова се гарантира квалитетна интернационална компонента и можност за локалните музичари да се поврзат со светските трендови.

Идејното решение за плакатот е на Даниел Ѓурчиновски

Дел од програмата е составена од концерти на македонски музичари. Како се прави нивната селекција и со каква цел некои од нивните настапи се одржуваат во неформални простори?

– Поддршката на домашната сцена е приоритет. Селекцијата се заснова на квалитет, оригиналност и авторски израз, како и на можноста да се промовираат албуми и носачи на звук од македонски артисти. Настапите во неформални простори, како клубови или алтернативни сцени, овозможуваат поинтимна атмосфера, директна комуникација со публиката и привлекување помлада публика, која обично не посетува големи сцени.

Репутацијата на фестивалот секоја година расте. Дали со истиот процент расте и финансиската поддршка за одржување на фестивалот?

– Растот на репутацијата не секогаш е проследен со пропорционален финансиски раст. Сепак, благодарение на партнерствата, поддршката од други институции и ентузијазмот на тимот, фестивалот успева континуирано да се развива и да го проширува својот опсег.

Годинава, за жал, фестивалот не е поддржан од Министерството за култура и туризам, што не е изолиран случај, туку дел од поширок проблем со кој се соочуваат речиси сите џез-фестивали надвор од главниот град. Со тоа сериозно се доведува во прашање декларативната заложба за културна децентрализација.

Наместо рамномерен развој, сведоци сме на концентрација на ресурси и внимание кон фестивали и институции во Скопје, што практично води кон тотална централизација на џез-уметноста. Ваквиот пристап ги маргинализира локалните иницијативи и го ограничува развојот на публиката и сцената во другите градови.

Во Демир Хисар ќе настапи полската група „Џума“

Еден од концертите ќе се одржи во Демир Хисар. Што тоа значи и за фестивалот и за публиката во Демир Хисар?

– Настанот во Демир Хисар е потврда дека фестивалот ги руши традиционалните културни стереотипи и носи висококвалитетна џез-програма до публика која ретко има пристап до вакви содржини, ја зајакнува локалната културна сцена и ја потврдува националната димензија на фестивалот.

Дали на фестивалот ќе има дополнителни активности што не се дел од концертната програма?

– Да, деветтото издание вклучува две промоции на книга, промоции на албуми и носачи на звук, едукативни настани за деца, мастер класови со интернационални артисти, како и годишна конференција на Асоцијацијата на џез фестивали. Овие активности го потврдуваат статусот на фестивалот како Национална џез-платформа, со содржини во Битола, Скопје, Демир Хисар и во Охрид, демонстрирајќи дека џезот во Македонија е жив, растечки и поврзан културен феномен.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 328, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-13.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот