Интервју со режисерката Нина Николиќ: Гостувањето на фестивали е лакмус хартија за квалитетот на претставата

Театарската копродукциска претстава „Отело“ во режија на Нина Николиќ, реализирана во 2019 година во соработка помеѓу продукцијата „Перипетија“, Македонскиот народен театар и Босанското народно позориште од Зеница, со гостувањето на „Скопско лето“ повторно се врати во живот.

Театарската режисерка Нина Николиќ посветено, сериозно и без многу „удирање в гради“ го гради своето уметничко портфолио. Зад себе веќе има две универзитетски дипломи, магистратура и докторат на ФДУ, постави 17 театарски претстави на различни сцени, додека со продукцијата „Перипетија“ често влегува во копродукциски проекти. Некои од нејзините претстави гостуваа на фестивали во повеќе земји низ светот.

Деновиве е актуелна со претставата „Отело“, која на 29 јуни беше изведена на „Скопско лето“, а веднаш потоа театарската екипа замина за Босна и Херцеговина за да ја изведе претставата и на сцената на Босанското народно позориште во Зеница.

Претстава во Ваша режија беше изведена на фестивалот „Скопско лето“. Станува збор за театарската копродукција „Отело“ од 2019 година. Колку фестивалските настапи се можност една претстава да го продолжи својот живот?

– „Отело“ е продукциски сложена претстава и секоја нејзина изведба претставува голем организациски зафат во кој се вклучени повеќе луѓе и организации; практично секое изведување за нас го има шармот на гостување, фестивал, ургентност, непредвидливост. „Отело“ е, на некој начин, претстава – „номад“, која постојано се адаптира на нови околности, сцени и простори. Фестивалските настапи се најдобар, можеби единствен, начин за нејзино одржување во живот и од финансиска и од организациска гледна точка. Нашата следна фестивалска изведба е закажана веќе за 17.8.2021 во рамките на Меѓународниот фестивал „Стоби“. Во 2022 година учествуваме на „Бурса балкан фест“ во Турција со две изведби, како и на Меѓународниот театарски фестивал во Бутринт, Албанија. Се надеваме дека ова е само почеток и дека претставата ќе живее на различни сцени ширум светот.

„Отело“ е, на некој начин, претстава – „номад“, која постојано се адаптира на нови околности, сцени и простори / Фотографија: Скопско лето – Марија Чедомировска

Што лично Ви значи фестивалот „Скопско лето“ и како претставата се најде во неговата годинашна програма?

– „Скопско лето“ го гледам како неизоставен дел од градот, летото не е лето без СКОПСКО лето. Четириесет и две годишната традиција самата говори за тоа колку е тој значаен за скопјани и колку внесува свежина во неподносливо жешките летни денови. „Отело“ беше дел од програмата на минатогодишното издание, но поради пандемијата изведбата беше откажана. Оваа година коцките се поклопија: Дирекцијата за култура и уметност – Скопје со задоволство го премести нашето гостување за оваа година, актерите покажаа исклучителна свест и храброст да се вакцинираат, тестираат и да настапуваат додека пандемијата сѐ уште беснее, а сето ова ќе беше невозможно без совршената организираност и ентузијазам на сите служби во МНТ. Со други зборови, „Скопско лето“ ја врати претставата „Отело“ во живот по една и пол година пандемиска неизвесност и исчекување, а тешко е да се обнови вака комплексна претстава за кратко време.

„Скопско лето“ ја врати претставата „Отело“ во живот по една и пол година пандемиска неизвесност и исчекување / Фотографија: Скопско лето – Марија Чедомировска

Претставата е поставена според класичен текст на класичен автор (Шекспир), но постановката и изведбата не се класични, туку напротив се базирани на современо театарско истражување. Каков предизвик беше поставувањето на „Отело“?

– Главниот предизвик за мене како режисер, но и за целата екипа беше да раскажеме разбирлива приказна која ќе биде интригантна за денешниот гледач. Исклучително време и енергија посветивме на адаптацијата на текстот; процесот започна со изработка на нов превод и негово јазично прилагодување – доближување до современиот говор, а продолжи со негово драматуршко обликување од страна на драматургот Тамара Барачков. Наместо во стих, како што е оригинално напишано – ние играме во проза, но прилично внимателно, обидувајќи се да не ја нарушиме структурата на делото и неговата внатрешна, вградена поетичност. Таквиот пристап кон текстот кој разработува и денес актуелни, свежи и безвременски теми, идејата за визуелно изместување во делот на сценографијата, како и начинот на игра придонесоа да создадеме целина која е не-класична, туку еден вид современо театарско истражување.

Во претставата учествуваат актери од два театарски ансамбли и зборуваат на различни јазици. Колку таквиот пристап беше дел од театарското истражување?

– Изборот актерите да играат на два јазика е повеќе моја лична желба во пракса да покажам (себеси, на публиката, на колегите) дека на сцената може непречено да се игра на различни сродни јазици, отколку некаков вид театарско истражување. Живееме во мали земји кои сами за себе претставуваат мал, затворен, недоволно инспиративен и креативен културен простор, кој е најчесто плодна почва за опаѓање на критериумите и губење на желбата за напредок што очигледно води до континуирана стагнација. Ние како автори сме должни да бараме начини да гледаме подалеку/надвор од границите и да создаваме мостови кои ќе го прошират тој затворен, омлитавен креативен дух. Мислам дека будењето на свест дека на сцената може едновремено да се говори на македонски, српски, бугарски, босански, хрватски, црногорски јазик… е начин од стеснет и затворен, да создаваме простран, послободен простор на уметничко делување. Нешто што е практика во Скандинавските земји, земјите од германското говорно подрачје, земјите на поранешниот Советски сојуз итн.

Екстремно е корисно да видиме (и како автори, и како публика) каде може да нѐ доведе неконтролираното расфрлање со нашите основни емоции и страсти / Фотографија: Ирина Крстевска

Приказната во Шекспировиот „Отело“ е за интригата, љубомората, стравот од неверство. Која е вашата цел кога поставувате драмски текстови од овој калибар?

– Екстремно е корисно да видиме (и како автори, и како публика) каде што може да нѐ доведе неконтролираното расфрлање со нашите основни емоции и страсти. „Љубомората е зеленооко чудовиште кое се забавува со жртвите што ги проголтува“. Епилогот е страшен – луѓето се подготвени да убијат поради љубомора. А треба ли да биде така? Треба ли човек да си дозволи емоцијата да го обземе до степен да изгуби разум? Целта поради која е важно да се поставуваат вакви текстови е тоа што тие преку анализа на она што ни е вродено некако зборуваат и за колективната свест, степенот на едукација и капацитетот за здраворазумско расудување. Ние како сѐ уште кревки општества треба да посветиме големо внимание кон изнаоѓање начини да не делуваме стихијно, да не дозволуваме во афект да ги решаваме проблемите, да не бидеме деструктивни кон самите себеси и кон она што најмногу ни значи. Ние не смееме да му дозволиме на чудовиштето кое одвнатре „нѐ јаде“ да говори во наше име. И индивидуално и колективно.

Дел од Вашата режисерска практика е што со иста авторска екипа (сценографија, костимографија, светло, кореографија) соработувате на повеќе различни претстави. Дали на тој начин правите обид да постигнете еден вид колективен авторски дух?

– Екипата со која работам е формирана спонтано. Она што нѐ поврзува е сличниот светоглед, сличното поимање на театарската уметност, сличните размислувања за функцијата на театарот во општеството и за начинот на кој тој треба да се практикува. Како колективна работа, театарот бара од нас постојано, континуирано да се обидуваме да го создаваме и одржуваме таканаречениот колективен дух, без кој тешко може да се создава. Соработката со истата екипа отвора можност за заедничко професионално созревање, а тоа, пак, раѓа доверба помеѓу членовите на тимот.

Претстави во Ваша режија гостувале на фестивали во далечни држави, како Русија, Непал, Кина… каков бил приемот на претставите во поинакви културни средини?

– Гостувањата на фестивали во други држави се лакмус хартија за квалитетот на претставата, таму човек може да види што точно направил и дали направеното има универзални, човечки, топли вредности. Моето досегашно искуство говори дека во странство најчесто те прифаќаат многу подобро отколку дома, зашто таму луѓето не се оптоварени со претходни информации за вас, не ве доживуваат како конкуренција, немаат чувство дека тие требало да бидат на ваше место… Со претставата „Разговори во четири очи“ го прошетавме светот, а со „Галеб“ одлетавме дури до Пекинг. Од Москва се вративме со награда за најдобра претстава, од Белорусија се вративме горди што како создаватели на театар нѐ третираа како луѓе од големо значење за развојот на општеството кон подобро, од Непал се вративме задоволни што имавме храброст, енергија и волја да отидеме и да придонесеме кон градење на театарска свест во една исклучително сиромашна и културно неразвиена средина. Мислам дека токму таму го сфативме вистинското значење на театарот како медиум кој може да образова, но и кој во права смисла на зборот може да биде духовна храна за гледачот. Одењето во „далечни земји“ е исто така клучно за зближување на екипата. Актерите, техниката, режисерот таму природно се препознаваат и поврзуваат и таа блискост создава колективен дух, кој е потоа видлив на сцената. Тоа е нешто што не можете да го изрежирате, одиграте…

Македонскиот народен театар е координатор на европскиот проект „Патиштата на хероите“, во кој се вклучени шест држави. Во рамките на проектот Вие ќе ја режирате претставата „Народен непријател“ според текстот на Ибзен. Во која фаза е тој проект и која ќе биде финалната цел?

– „Патиштата на хероите“ е сложен, мултидисциплинарен проект кој треба да се реализира во период од 29 месеци. Едно делче од таа голема сложувалка е претставата „Народен непријател“, која би требало да се изведе на сцената на МНТ следната година. Голем дел од активностите на проектот се реализираат во полна пареа, но самата претстава е во многу рана фаза. Актерската екипа е формирана, се радуваме што пред нас имаме долги месеци да го читаме, анализираме, дискутираме и повторно да се изненадуваме од текстот на Ибзен и веруваме дека ќе имаме убав и плоден процес.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 87, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот