Теа Трајковска/Фото: Приватна архива

Интервју со пејачката Теа Трајковска: Време е да си ја вратам контролата на својот живот

Поп-пејачката Теа Трајковска неодамна ја промовираше ноовата песна „Не ми троши време“, инспирирана од лични моменти и поставување граници. Со Теа зборуваме за процесот на создавање на песната и видеоспотот, за тоа како преку музиката ја враќа својата самопочит, како се справува со јавниот притисок, но и за празничните традиции, патувањата што ја инспирираат и идните музички проекти.

Теа Трајковска/Фото: Приватна архива

Песната „Не ми троши време“ е инспирирана од твоите лични моменти и поставување граници. Кој беше најважниот момент што те мотивираше да ја напишеш?

– Најважниот момент беше кога сфатив дека постојано давам повеќе отколку што добивам и дека тоа ме исцрпува. „Не ми троши време“ се роди од таа јасна одлука да си ја вратам контролата на својот живот, да кажам „доста е“ и да бидам искрена со себе. Во песната, иако е лична, верувам дека многу луѓе ќе се препознаат и дека им се случило нешто слично.

Како би го опишала чувството кога ја враќаш својата самопочит преку музика?

– Ослободувачко. Музиката ми е најчистиот начин да ги изразам емоциите и кога преку неа ги канализирам сите работи што ми се случуваат, па чувството е како да застануваш цврсто на свои нозе. Тоа за мене беше момент кога си мирен со себе, свој на своето и знаеш дека си на вистинската страна и пат.

Теа Трајковска/Фото: Приватна архива

Видеото прикажува љубовна приказна со Петар Стојанов. Што беше најголемиот предизвик при снимањето на ова видео?

– Снимањето одеше многу полесно отколку што очекував. Петар е врвен и исклучително професионален актер, што многу ми помогна и мене да бидам опуштена пред камера. Кога работиш со некој што точно знае што прави, автоматски се создава сигурност и простор емоцијата да излезе природно. Приказната е суптилна и бараше многу внимание на деталите и на хемијата меѓу ликовите. Со Петар работевме ептен лабаво, што ни помогна приказната да изгледа искрено и реално. Голем поздрав и до Никола Наумовски, кој стои зад видеото и кој го долови сето тоа да изгледа така како што излезе на крај.

Теа Трајковска и Петар Стојанов/Фото: Приватна архива

Песната зборува за граници и мир. Како го одржуваш својот личен мир во секојдневието, особено кога си под јавен притисок?

– Учам да бидам селективна, со луѓе, со обврски, со енергија. Не одговарам на сè и не се објаснувам секогаш. Мирот ми е приоритет и кога ќе го поставиш така, многу полесно се справуваш и со јавниот притисок.

Како ќе ја прославиш празничната сезона оваа година? Имаш ли некоја традиција што ти е посебно важна?

– Празниците ги поминувам дома, со најблиските, тоа ми е најважната традиција. Елката ми е розова, со розови лампиони и светилки, а искрено целиот стан ми е накитен во розово, токму како вистински „женски“ стан. Ме исполнува и ми прави некоја посебна празнична атмосфера.

Колку зимата влијае врз твојата инспирација? Дали си од оние што го сакаат снегот?

– Зимата ми е едно од омилените годишни времиња, но најмногу ја сакам кога сум на планина и во снег, не кога сум во град и се мачам да вклучам автомобил на ладно (ха-ха). Обожавам да скијам и едвај чекам да одам на зимување. Воедно, во овој период подготвувам и музички проект што ќе излезе доцна во јануари, така што оваа зима ми е и многу инспиративна и креативна.

Теа Трајковска/Фото: Приватна архива

Позната си по честите трансформации на изгледот. Колку уживаш во тоа и дали овие промени се одразуваат и во твојата музика?

– Многу уживам во трансформациите, затоа што изгледот за мене е уште еден начин на изразување. Секоја промена доаѓа природно, како одраз на мојата енергија во тој период, а тоа се чувствува и во музиката што ја создавам.

Дали патувањата ти носат инспирација за песни или видеоспотови? Кое место последно остави најсилен впечаток на тебе?

– Патувањата секогаш ми носат инспирација. Најубав спомен ми се патувањата во Париз, каде што имав можност да посетам концерти на моите два омилени бендови од детството – „Фол Аут Бој“ и „Паник! Ат Де Диско“. Секогаш најсилен впечаток ми остава патување што е поврзано со музика бидејќи таа е мојата најголема љубов.

Работеше со многу артисти и професионалци. Кој момент од соработките со колегите ти остана највпечатлив и зошто?

– Последните два дуети – со Таско и со „ДНК“ ми се дефинитивно најдраги. Особено сум благодарна за дуетот „Амајлија“ со „ДНК“, кој ми остана како вечен спомен за нашето огромно пријателство и беше препознаен како апсолутен хит кај публиката.

Идни проекти и планови за Новата година – што можеме да очекуваме од тебе?

– Наскоро пристигнува уште една нова песна, а со голема радост можам да најавам и нешто што долго го посакував, конечно нов албум во 2026 година. Следува период полн со нова музика и искрени приказни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот