Мартина Димоска / Фото: Приватна архива

Интервју со Мартина Димоска, првата Македонка што работи за НАСА: Да се биде дел од „Артемис 2“ е неверојатна комбинација од восхит и одговорност

Додека сите погледи беа свртени кон лансирањето на ракетата „Артемис 2“, таму некаде меѓу големиот број лица што следат како НАСА испишува историја е и нејзиното, Мартина – првата жена од Балканот што стана аналоген астронаут и е инспирација за голем број млади и талентирани луѓе во земјава.

Мартина Димоска e првата жена од Балканот што стана аналоген астронаут и која имаше можност одблиску да ја следи мисијата на НАСА на Месечината, „Артемис 2“. Патот од Кичево до Хјустон беше исполнет со предизвици, вели Мартина Димоска, која веќе цела деценија упорно работи на тоа да изгради кариера на полето на вселенските истражувања.

Додека сите погледи беа свртени кон лансирањето на ракетата „Артемис 2“, таму некаде меѓу големиот број лица што следат како НАСА испишува историја е и нејзиното, Мартина – првата жена од Балканот што стана аналоген астронаут и е инспирација за голем број млади и талентирани луѓе во земјава.

Какво е чувството да се биде дел од тимот на НАСА, особено да се работи на мисии поврзани со враќањето на човекот на Месечината?

– Чувството е неверојатно, комбинација од огромна благодарност, одговорност и искрено восхитување. Во еден момент сфаќаш дека сè за што си работела со години, те донело до можност да придонесуваш кон нешто што е поголемо од тебе самата. Сè уште ми изгледа нереално, но истовремено носи и свесност за тежината на задачата и за довербата што ти е дадена.

Она што е особено значајно е што нашиот тим се грижи за сите мисии со човечки лет, од Меѓународната вселенска станица, па сè до мисиите кон Месечината, што дава една поширока перспектива и одговорност во рамките на целокупната архитектура на човечкото вселенско истражување.

Како е да се биде дел од „Артемис 2“, тим што испишува историја?

– Неверојатно е чувството да си сведок на толку значаен дел од историјата, но и истовремено дел од тимови што активно ја испишуваат. Имав чест да бидам во Teague Auditorium (Тиг аудиториум) и да ги следам службените брифинзи, како и да присуствувам кога администраторот на НАСА Џаред Ајзакмен и претседателот на САД Доналд Трамп разговараа со екипажот.

Но, најсилен впечаток ми оставија човечките моменти – zero-G (нулта гравитација) индикаторот „Rise“, пријателската нараквица на Рид Вајсмен, историскиот момент на Кристина Кох, која ќе биде запаметена како првата жена што орбитира околу Месечината; како и именувањето на кратерот на Месечината „Карол“, по починатата сопруга на командирот Рид Вајсмен, и кратерот „Интегрити“. Токму тие човечки допири, покрај сите технички достигнувања, ја дефинираат вистинската вредност и влијание на овие мисии во моите очи.

Фото: Приватна архива

Што беше најпредизвикувачко во периодот на адаптација?

– Најпредизвикувачко беше темпото. Во период од околу пет месеци се преселив од Македонија во Калифорнија, а потоа во Тексас. Иако сум навикната да „живеам во куфер“, овој период беше особено интензивен и, искрено, сега чувствувам потреба да се „закотвам“ и да пуштам корени.
Истовремено морав да затворам работни обврски на едно место, а истовремено да започнам нови на друго, што значеше транзиција на сè што штотуку беше поставено и организирано во Калифорнија. Тоа бараше високо ниво на организација, фокус и приспособливост.

Паралелно со тоа, постои огромен административен и безбедносен процес – проверки, одобрувања и обуки. Сакав да поминам низ сите тие чекори, од безбедносни проверки до сите други одобрувања, за да бидам целосно усогласена со сите стандарди пред јавно да споделам. Тоа бара трпение, фокус и заемна доверба во процесите и во тимот.

Како изгледаше преминот во Хјустон и вселенскиот центар НАСА Џонсон?

– Преминот е сè уште интензивен, но истовремено и многу природен чекор. Станува збор за средина со огромна динамика, каде што од првиот ден си опкружен со луѓе што оперираат на врвно ниво – колеги и ментори што веќе имаат испишано историја и претставуваат постојана инспирација. Сè се случува брзо, но истовремено системски и структурирано.

Дојдов на работа во период пред лансирањето на „Артемис 2“, што само по себе беше исклучително предизвикувачки период, па по работното време буквално поминував часови во Тиг аудиториум заедно со колеги и медиуми од целиот свет следејќи ги настаните. Имаше денови кога тоа беа и по 12 часа целосно посветени на следење, вмрежување и учење од сите оние експерти што се обраќаа на самото место.

Фото: Приватна архива

Работиш како интегратор на човечки системи – можеш ли едноставно да објасниш што опфаќа оваа улога и како придонесува за мисии кон Месечината?

– Улогата на интегратор на човечки системи во НАСА значи да се осигури дека човекот е во центарот на секоја мисија. Тоа вклучува сè – од здравје и безбедност, до перформанси, ергономија и начинот на кој астронаутите комуницираат со системите околу нив.

На едноставен начин, нашата работа е да обезбедиме сите технологии, процедури и системи да бидат дизајнирани така што ќе му овозможат на екипажот да функционира безбедно и оптимално, особено во екстремни услови како мисиите кон Месечината. Тоа значи постојана координација помеѓу инженерски, медицински и оперативни тимови за да се осигури дека човечкиот фактор е целосно интегриран во секој аспект од мисијата.
Она што ја прави оваа улога особено комплексна е што како инженер мораш да имаш целосна слика за сè што ги опкружува астронаутите – сè што носат, сè во што живеат, сè со што имаат интеракција. Истовремено, потребно е длабоко разбирање на човечкиот организам за да можеш да предвидиш потенцијални ризици и предизвици. Ова е динамична и многу одговорна работа со постојана изложеност на проблеми што треба да се решаваат во реално време, со вклученост на многу инженерски тимови, експерти и строги рокови. Твојата улога е да ги обединиш сите тие аспекти и да ги насочиш кон една заедничка цел – мисијата да биде подготвена за лет, а астронаутите да бидат максимално заштитени и оптимално поддржани.

Какви беа почетоците и што би им порачала на младите?

– Мојот пат започна со проактивно волонтирање, пред сè за да стекнам искуство, како и со континуирано учење. Учествував на настани, конференции, хакатони и натпревари – некои поуспешни од други, но секогаш или добиваш конекција или лекција. Во тој период немаше јасна патека пред мене, па често морав сама да ја градам, чекор по чекор.

Студирањето беше исто така интензивно – дипломирав инженерство на материјали и нанотехнологии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а потоа продолжив со студии и програми во САД и во Франција, заклучно со магистерски студии по вселенски науки на Меѓународниот вселенски универзитет (International Space University). Тоа искуство не беше само академско, туку и трансформативно – ми покажа како функционираат други екосистеми и колку е важно да се размислува глобално.

Истражувачката работа низ тие студии подоцна прерасна во четири аналогни мисии, каде што имав улоги од член на екипаж до командир, во соработка со НАСА, Европската вселенска агенција (European Space Agency), Канадската вселенска агенција (Canadian Space Agency), Полската вселенска агенција (Polish Space Agency), Аксиом Спејс (Axiom Space) и со други партнери. Тоа беа средини што те тестираат и технички и човечки, и те учат како да функционираш во екстремни услови и тимови. Но искрено, успехот за мене не се мери само преку титули или признанија, туку преку тоа колку врати сме отвориле за други и колку животи сме допреле.

На младите би им порачала да не го мерат својот потенцијал според средината во која се наоѓаат. Ако нешто не постои околу вас, тоа не значи дека не можете да бидете дел од тоа. Понекогаш вие ќе бидете првите.

И најважно, да не дозволат туѓите ограничувања да станат нивни. Светот е многу поголем отколку што изгледа од која било „фиксна точка“ и има место за вас во него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот