Ивана Настески / Фотографија: Драги Неделчевски

Интервју со ликовната уметница Ивана Настески: Смислата дека создаваш трајни вредности ти дава крилја

Со тематска изложба на 31 акварел под заеднички наслов „Флора“ на 28 октомври ликовната уметница Ивана Настески во Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово ќе одбележи 20 години од својата прва самостојна изложба на истата локација.

Ретки се луѓето што со голема жар и особена страст зборуваат за своето творештво, но и за уметноста, воопшто. Занимавањето со уметност не е лесно, ниту, пак, едноставно, но ликовната уметница Ивана Настески целиот свој живот го посветува на творештвото, а наскоро ќе одбележи јубилеј со изложба со која ќе се врати на местото од каде што и започнало нејзиното ликовно патување.

Личен ликовен јубилеј ќе одбележиш со тематската изложба „Флора“ во галеријата на Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово. Зошто се одлучи за акварели на тема „Флора“ за да го одбележиш 20-годишниот јубилеј?

– Од кога помнам за себеси, во мојот дом и ателјеа, секогаш имало малечка вазна со цвет или едноставна чаша со гранче од расцутен јаболков цвет. Нашата градина во село изобилува со цвеќе. Тој детаљ, навидум безначаен, за мене отсекогаш бил значаен. Ме фасцинираат тие бои и мириси.

Цветот многу често се наоѓа и во делата на големите мајстори на уметноста, и има голема симболика. Знам дека почнав да сликам еден бел лилјан, така започна раѓањето на „Флора“. А лани, кога аплициравме преку Министерството за култура со проектот, сфатив дека годинава одбележува токму 20 години од мојата прва самостојна изложба, која беше во Тетово, токму во Центарот за култура и „Флора“ природно го заокружи тоа 20-годишно патување. Како „Флора“ отсекогаш да тлеела во мене…

Што е спецификата во изработката на акварелите?

– Акварелот ја носи целата слобода на четката и на бојата. Целата таа лелеавост, налик на свила, ме фасцинира. Непосредното прелевање на нијансите, тој премин од боја во друга боја лично ме воодушевува. Акварелот нуди безброј перформанси и врз него може да се интервенира со различни ликовни ефекти. Отсекогаш лично ми бил близок како техника.

Акварелот ја носи целата слобода на четката и на бојата

Со какви инспирации се насликани делата?

– Ме инспирира природата и целата нејзина разноликост и обоеност. Силата на природата е најголемо чудо и мене ми е сето тоа многу блиско. Ме облева неверојатна радост. Таа радост на малите / големи нешта.

Изложбата ќе биде презентација на „букет слики“. Цвеќињата будат различни асоцијации. Дали идејата е и сликите да пренесуваат некакви пораки?

– Мотивот вазна со цвеќе, не е нов. Тој отсекогаш постоел на сликарските платна. Мојата идеја беше тој елемент да го пренесам, но низ сопствена визура, онака како што јас го доживувам давајќи личен призвук. Главната порака што сакам да ѝ ја пренесам на публиката е да погледнат околу себе и во себе. Во тие мали детали, кои се невидливи, а толку видливи. Да си го погледнат сопствениот одраз во нивното огледало. Тие малечки цветчиња на момината солза, или раскошниот цвет на виолетовиот лилјан. Едно малечко полско букетче може да ни го разубави денот. Моќта на деталите е толку силна!

Својот јубилеј Ивана Настески ќе го одбележи со акварели од циклусот „Флора“

Каков поттик за ликовно творештво даваат животот и работата под Шар Планина?

– Шар Планина е составен дел од мојот малечок свет и како таква е составен дел од моето битисување. Сум видела многу планини, но јас секогаш ѝ се навраќам со особена почит. Шара секогаш ми делува поинаку, колку и да е тој предел ист, за мене е различен и како да го доживувам за првпат. Тој масив е неверојатно инспиративен и единствен. Не постои ден, возејќи се со мојот велосипед низ градот Тетово, да го кренам погледот а да не го погледнам Балтепе.

На кои моменти се сеќаваш од својата прва изложба во Тетово?

– Живо се сеќавам, дека тоа беше студена вечер. Ја памтам и личната возбуда со тоа прво соочување, најпрво со самата себе си. Беа изложени графики во различни формати. Не ме збуни публиката што беше живо заинтересирана, ама тој прв контакт кога уметникот со своите дела за првпат ќе излезе пред јавноста, и делата ќе го создадат тој прв допир со луѓето и нивниот поглед. Тоа чувство не се заборава. Никогаш!

Покрај акварелите, твоја специјалност е графиката. Какви тематики се посоодветни за графичкиот израз?

– Графиката е деликатен и специфичен медиум. Сосема спротивен од сликарството, во кој сликарот веднаш ги гледа плодовите од својата работа во однос на неговата замисла и веднаш може да интервенира. Ефектот, графичарот не го гледа веднаш, ами отпосле. Тој никогаш не знае, што ли ќе излезе од под оловниот валјак. Тематиките се широки и неисцрпни. Тоа е огромно пространство. Најсоодветна треба да е техниката на работа, оти секоја графичка техника бара соодветна подготовка и посебен пристап. Како таква графичката техника е најблиска до цртежот, но таа во себе, всушност, ги обединува сите ликовни дисциплини: сликарство, цртеж, па дури и фотографија.

Силна потпора во твојот живот и творештво беше твојот татко Александар В. Настески. Кои се најубавите лекции што ги научи од него?

– Ах, татко ми… Нашата меѓусебна комуникација беше исклучителна, топло пренесена од неговите животни искуства, кои беа многу раскошни и богати, каков што, всушност, беше и неговиот живот. Тој беше вљубен во животот! Татко ми беше исклучително широкоглед човек, сестран уметник и ерудит. Строг кон себе си и самокритичен. Честопати долго дискутиравме за сите теми кои нè преокупираа. Силно ми недостигаат неговите мудри совети… Вистинска привилегија беше да се создава со него, под исто небо. Како мој животен учител, на шега често ми велеше дека тоа се неговите бесплатни лекции. Но она кое засекогаш ќе ми зуи во мојот ум, а тој често знаеше да ми го каже беше: „Човекот, а особено уметникот мора да биде искрен и чесен, најпрво кон самиот себе си! Ако не си добар и нежен кон себеси, нема да си ниту кон другите!“

Сега, од оваа дистанца, токму знам што сакал да ми порача, сега ги сфаќам татковите напатствија. Во таа насока, не сум сосема сигурна колку ги оправдувам во целост татковите животни максими, кои станаа и мои, но знам дека се обидувам да дадам сопствен белег во овие несигурни времиња, па нека биде тоа и погледот низ моите розови очила, налик романтичарски, како да се произлезени од романите на сестрите Бронте. Светот е и премногу груб и суров, ама, за среќа, можам да го гледам низ мојата сончева призма. Тоа го сметам за моја лична одбрана, и начин да ѝ се спротивставам на сета суровост која е навлезена во сите пори. Не знам колку успевам, но се трудам со сите расположливи сили. Убедена сум дека, напросто, мора да постои вселенска рамнотежа.

Главната порака што сакам да ѝ ја пренесам на публиката е да погледнат околу себе и во себе / Фотографија: Драги Неделчевски

Во кој правец планираш понатаму да го насочуваш сопственото творештво?

– Почнува да ми недостига мојата примарна дисциплина за која сум и едуцирана, а тоа е графиката. Во мојот ум кројам најнови графички плочи. Сакам да ѝ се вратам на графиката, со најнови остварувања. Ми фали мирисот на графичката боја и тежината на графичкиот валјак. Којзнае што ќе донесе новото раѓање на кое му се радувам. Честопати се прашувам, дали уметникот создава во својот ум и тогаш кога во реалноста не создава? Дали и тоа се брои во создавање? Мислам дека се брои, исто како што се бројат и врвовите што ги освојуваме во нас самите, борејќи се со нашите интимни размисли.

Ако се вратиме наназад во времето, што беше твојата првична мотивација да се занимаваш со ликовна уметност, воопшто?

– О, па тоа би било навистина многу, многу време наназад. Но тоа време, како да не бледее. Прекрасно прашање, кое инстантно ме наврати во моето убаво, колоритно и исполнето детство, со безброј книги и уметност. А секогаш кога како малечка паѓав болна, мајка ми ми купуваше книга. Имав впечаток дека така оздравував. Можеби делува на прв поглед идилично, но вистина така беше. Отсекогаш сакав да се занимавам со нешто кое ќе содржи многу боја и многу музика.

Татко ми ги чуваше сите мои детски цртежи. Едно време многу сакав да пишувам. Имајќи предвид дека мошне рано се описменив, тој свет на книгите ме маѓепсуваше, особено колоритните насловни страници. Растејќи во непосреден допир со уметностите, мојот пат генетски беше трасиран и како таков предодреден. Едно знам со сигурност, дека во ниту еден единствен миг не зажалив што се занимавам со уметноста. И да се родам повторно, би ја живеела уметноста со истиов жар и истата страст!

Каде ги стекна првите знаења за техниките со кои работиш?

– Во татковото ателје беа моите први чекори со уметноста, воопшто. Мирисот на боите, допирот на хартијата, моите први, дрвени боички. Тоа не се заборава. Тоа е врежано во мојот ум засекогаш. Сите ликовни техники, колку и да ми се познати, им приоѓам со страст на дете, кое се радува на најновата своја играчка. Уметникот создава постојано експериментирајќи и разговарајќи со своите дела.

Ликовната уметност општо, бара многу одрекнувања и мали, лични премрежија, тивки стравови, а понекогаш и солзи / Фотографија: Драги Неделчевски

Што значи за еден уметник да се занимава со ликовна уметност надвор од главниот град?

– Тетово е мојот роден град, во кој живеам, работам и творам. Ја сметам за предност можноста што имам ателјеа и многу, многу книги и бои. Тетово и не е така оддалечен од главниот град. Иако во Скопје се случуваат голем број настани, концерти или промоции, понекогаш имам чувство дека ме гуши целата таа градска бркотница и врвулица, и наеднаш копнеам за мојот мир и тивкиот џез што ми ги опушта мислите. Тогаш се чувствувам неверојатно благодарна што можам да побегнам во мојот мал, зелен рај и да општам со нашите јаболкници и големата бела бреза. Знам дека сето ова делува романтично, но тоа е мојата вистина. Ликовната уметност општо, бара многу одрекнувања и мали, лични премрежија, тивки стравови, а понекогаш и солзи. Јас живеам за уметноста, оти во таков дух се развивала и мојата личност. И не жалам!

Како ја чувствуваш смислата на занимавањето со уметност, воопшто?

– Во текстот кој го напиша поетесата Ана Голејшка Џикова за мојот каталог, таа совршено ја препозна смислата на уметноста и идејата на „Флора“. Интимно и да не се занимавав со уметност, интуитивно ќе ја сакав токму уметноста. Мислам дека таа, уметноста е единствената гранка од општеството која не создава болка или тага. Таа не боли, ами гали, нè разгалува, ни ги негува чувствата, ни ги проширува видиците и хоризонтите, нè прави богати по дух, нè развива, нè тера на размислување и талкање во сопствените мисли.

Некои можеби и би прашале: а како да се живее од уметноста? Не е едноставно живеењето од уметноста, но смислата дека создаваш трајни вредности ти дава крилја. Уметноста и низ целата историја преживеала, и како таква заслужува да постои и опстои. И покрај сè! Оттука, благородно е чувството дека колку и да имаш уморен и стресен или напнат ден, боите, четките и амбиентот во ателјето те очекуваат. Знаете, интересно е кога уметникот има личност која му е животен модел со став. Оттука мене не ми е туѓ сиот тој уметнички свет, но патеката во еден одреден сегмент од животот уметникот ја гради сам.

Животот на еден уметник, во еден мал град, не е лесен, но мене токму тоа ме возбудува. Донкихотовската борба мене ми е предизвик, со верба дека, можеби, некому ќе му го оттргнам вниманието од тешките мисли, токму еднакво како што и на мене делуваат оптимистично некоја одлична книга, добар филм или музика. Тие со сигурност те чекаат спремни, за твојот следен потег.

Вистина сè зависи од прозорецот низ кој гледаш, и од личната перцепција или став. Уметникот мора да има визија. Ете нека мојот прозорец биде обоен свет, колку ова и да звучи наивно, но на мојот прозорец и сега има една бела орхидеја. Како можам да не ѝ се восхитувам? Умно ќе забележи мудриот Руми: „Да се биде свеќа, не е лесно. Зашто за да можеш да дадеш светлина, најпрво треба да гориш.“

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 252, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20.10.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот