Интервју со историчарот на уметност Емил Алексиев: Димитар Кондовски остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето

Ретроспективната изложба со околу стотина дела од Димитар Кондовски веќе 15-ина дена ја фасцинира ликовната јавност, а околу деталите за изложбата и значењето на Кондовски разговаравме со историчарот на уметност Емил Алексиев.

Повеќе од триесет години ликовната јавност немаше можност во живо да ги види делата од творечкото наследство на Димитар Кондовски (1927, Прилеп – 1993, Скопје). Конечно, на 5 мај 2022 во Националната галерија – објект Даут-пашин амам – беше отворена ретроспективна изложба со стотина негови дела од сите творечки фази.

На подготовката на проектот, заедно со екипата на Националната галерија и семејството Кондовски, работеше историчарот на уметност Емил Алексиев, кој е куратор на изложбата и автор на текстот во каталогот. „Златото и пурпурот, византиското сино, филигранските арабески, сложениот сплет на линии што градат раскошен орнамент, загадочните знаци и езотеричните симболи останаа траен белег на неговото творештво“, напиша Алексиев во воведниот текст на каталогот.

Во разговорот за „Културен печат“ Алексиев зборува за значењето на творештвото на Кондовски некогаш и сега, но и ја нагласува неговата вонвременска димензија.

Фасцинантен одѕив имаше на отворањето на ретроспективната изложба на дела од Димитар Кондовски во Националната галерија – објект Даут-пашин амам. Вие сте автор и на поставката и на текстот во обемниот и луксузен каталог. Практично, колку време ја подготвувавте изложбата?

– Димитар Кондовски е еден од малкутемина македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност. Оттаму е разбирлив и интересот на македонската културна публика за неговото творештво.

Поради сложеноста на проектот изложбата е подготвувана две години. Всушност, изминаа три години откога со Националната галерија решивме да организираме ретроспективна изложба. Сметавме дека е потребно да се претстави целиот развоен пат и да се претстават сите периоди од творештвото на Димитар Кондовски затоа што тоа досега не е направено.

Изложбата е поделена на шест дела и ги претставува најзначајните етапи во сликарството и ги маркира референтните точки на неговото творештво, како што е неговата прва самостојна изложба во Скопје од 1957 година, преодниот период и преломот во стилот од 1962 и делата од Биеналето во Сао Паоло, Бразил, изложбата од 1977 година, каде што изложува 77 апстрактни дела во своето ателје, скандалот со конкурсот за осликување на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во 1987 година и последната самостојна изложба во МАНУ во 1992 година. Така, оваа изложба го следи доследно неговото сликарство и ги регистрира стилските промени од почетокот и неговите најрани дела, па сѐ до крајот на неговиот творечки пат.

Изложбата е поделена на шест дела и ги претставува најзначајните етапи во сликарството на Кондовски

Каква беше соработката со Националната галерија, имајќи предвид дека како историчар на уметност сте дел од колективот на Музејот на Град Скопје?

– Соработката беше на највисоко рамниште. Националната галерија ја имаше иницијативата за организирање на оваа изложба. Стручниот тим од Националната галерија под раководство на д-р Дита Старова Ќерими и моите соработници Горанчо Ѓоргиевски и Александра Зиновски-Вилиќ, како и техничката екипа, професионално го организираа овој значаен настан.

Филип Кондовски, Дита Старова Ќерими и Емил Алексиев пред Даут-пашиниот амам

Каква беше соработката со семејството Кондовски и од колку извори се собрани изложените дела во Даут-пашин амам?

– Оваа голема ретроспективна изложба не можеше да се реализира без соработка со семејството и легатите на Димитар Кондовски, особено без помошта на Филип Кондовски, синот на Димитар Кондовски. Најголем дел од достапните дела се во трајна сопственост на семејството и оттаму решивме и да бидат застапени најмногу дела токму од оваа огромна збирка. Особено имајќи предвид дека голем дел од овие ликовни дела воопшто не се или не се доволно јавно презентирани. Од семејната збирка на изложбата во Националната галерија изложивме деведесет (90) слики од сите периоди на творештвото на Кондовски.

На изложбата и со текстот во каталогот се опфатени биографијата и сите творечки фази на Димитар Кондовски. Со каков концепт влеговте во селекцијата на делата и колку од нив се претставени на изложбата?

– На изложбата се претставени околу сто (100) дела на Димитар Кондовски. Тој зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии. Од овие причини целта на овој проект беше систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти што ја одредуваат неговата творечка дејност. Ваквиот методолошки приод овозможува увид во сложениот сплет од влијанија, идејно-естетски тенденции и авторски преокупации на уметникот.

Димитар Кондовски беше исклучителна, харизматична и контроверзна личност – Автопортрет од 1991 година

Во текстот во каталогот, покрај биографските белешки и експертизата на творештвото на Кондовски, правите паралела и со општествените и културни случувањата времето кога делата се создавани. Колку вредноста на неговото творештво била препознаена уште во времето додека живеел и создавал?

– Димитар Кондовски беше исклучителна, харизматична и контроверзна личност. Легендата за генијалноста на Кондовски како сликар почнува во Рим, далечната 1962 година, каде што тој има поставено своја самостојна изложба која ќе предизвика огромно внимание на италијанската и на југословенската културна јавност. Тогаш тој ги распродава сите дела од таа изложба и денес, за жал, немаме податоци во кои приватни колекции се тие дела и за нас тие се недостапни, а тоа е цел преломен период од творештвото на Кондовски.

Денес малку се знае дека Димитар Кондовски е еден од македонските уметници со најголем број меѓународни признанија. Кај нас беше почитуван и ценет, но тој беше во постојан судир со средината и со институциите на системот. Особено беше незадоволен и јавно ја критикуваше работата на музеите и на галериите. Во знак на протест, на пример, во 1977 година по повод дваесет и петгодишнината од творештвото тој самостојно организира изложба во своето ателје на свој трошок. Воедно, тој е редовен јавен критичар на културните состојби во Македонија.

Димитар Кондовски својата дејност не ја сфаќа само како контемплативен чин, туку како дејствување (акција) во рамките на реалните општествени околности и конкретната општествена средина

Една од карактеристиките на творечката дејност на Димитар Кондовски е настојувањето неговите дела да бидат во постојана комуникација со публиката за да ја остварат сопствената профетска функција во општествената заедница. Упорното инсистирање на поврзувањето со најшироките народни слоеви и вклучувањето во популарната култура несомнено кореспондира со идеите од тоа време, или поточно се јавува како реакција на евидентниот расчекор меѓу политичката теорија и практика, меѓу идеалите и реалноста, што кај Кондовски создава критичка свест за местото и улогата на уметникот во општествената заедница. Тој смета дека неговите дела се наменети за јавни објекти каде што ќе бидат достапни за најширокиот круг посетители. Со задоволство им се обраќа на неуките и на децата. Тој својата дејност не ја сфаќа само како контемплативен чин, туку како дејствување (акција) во рамките на реалните општествени прилики и конкретната општествена средина.

Колку ретроспективната изложба дава можност речиси триесет години по неговата смрт да се откријат непознати детали од неговиот живот и творештво?

– Секое дело има своја одделна приказна. Сите тие се дел од некоја поголема целина и припаѓаат на одредено време кога одиграле значајна ролја во животот на Кондовски.

Делата од апстрактно-геометриска провиниенција или иконовидните дела работени мунициозно на грундиран панел со злато и темпера се и најпознати и по нив се препознава творештвото на Димитар Кондовски. Меѓутоа малку се познати неговите рани дела. Изложбата во Националната галерија беше можност малку повеќе да се посвети внимание на овие дела од раниот период и на дела кои се исклучително значајни од преодниот период во шеесеттите години од минатиот век.

Полиптих – Геометриската апстракција е една од главните карактеристики на творештвото на Кондовски

Можно ли е од денешен аспект да се дефинира која е најзначајната карактеристика на творештвото на Кондовски?

– Димитар Кондовски во сликарството, уште на самиот почеток од својот ликовен развиток, забрзано го мина патот по кој повеќе од еден век се движеше современата уметност.

Својата творечка дејност Кондовски ја надоврза на две динамични линии на развиток на ликовната уметност. Едната детерминанта што го одредува неговото творештво е геометриската апстракција, која има своја сложена генеза и која ја следи питагорејско-платонската традиција и ја изразува концепцијата на универзумот уреден според прецизни нумерички односи на која ѝ одговара аналогната пропорционалност на уметничкото дело. Оваа детерминанта свој особен израз ќе најде во геометриската конструкција на неговите дела, користењето сложени математички пресметки за да се постави основната композиција, употребата на златниот пресек (sectio aurea), Фибоначиевата низа, геометриските модули и канони за одредување на пропорциите, сè до освојувањето на апсолутната симетрија, која ја изразува универзалната хармонија.

Втората детерминанта што го одредува творештвото на Кондовски е сликарството на знакот и симболот. Во делата на Кондовски знакот секогаш поседува високо симболична вредност. Тој не само што упатува кон внатрешниот свет на авторот, туку открива и нови видици кон универзалното, преку колективното искуство повикано од бездните на времето.

Неговото значење за македонската уметност е исклучително и неговиот придонес во теоријата на уметноста е ненадминат. Тој со своето дело отвори нови дотогаш ненасетени можности за истражување на сликарството разбрано не како доброволна забава, декорација или ре-презентација на стварноста, туку како потрага по вистината и откривање на тајните на светот.

Преку своите дела Кондовски бил во потрага по вистината и откривањето на тајните на светот

Уште од отворањето на изложбата, посетеноста е голема. Каков совет би им дале на тие што планираат да ја посетат изложбата – на што да посветат најголемо внимание?

– Освен уживањето во убавината на делата и во интелигенцијата со која Кондовски ги решава ликовните проблеми во сликата, сметам дека е добро да се прочита текстот од монографијата зашто таму се поврзани делата со времето во кое се создадени и со значајните настани во културата и уметноста како кај нас, така и во светот.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 129, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот