Интервју со Христијан Бузалковски, првиот Македонец што ја возеше легендарната трка: Пулсот ми беше 160, Ле Ман е врвот
Бузалковски испиша и нова страница во македонскиот мотоспорт со освојувањето бронзен медал на европскиот шампионат во Верона.
Христијан Бузалковски е првиот Македонец што учествуваше на легендарната трка „24 часа Ле Ман“, сон и предизвик за секој професионален тркач. Тој вели дека „трката е навистина тешка бидејќи трае 24 часа без прекин, а подготовките се екстремни и траат со месеци“. Бузалковски испиша и нова страница во македонскиот мотоспорт со освојувањето бронзен медал на европскиот шампионат во Верона.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“ зборуваме за предизвиците што ги носи Ле Ман, за адреналинот и љубовта, како и за хуманитарните ангажмани кои го исполнуваат неговиот живот надвор од патеката.
Какво беше чувството кога ја доби понудата да настапиш на трката „24 часа Ле Ман“?
– Чувството беше многу возбудливо, затоа што не очекувавме дека ќе добиеме таква понуда. Буквално бевме збунети, а пулсот ми беше 160 кога го отворивме мејлот!

Што значи оваа трка за еден мотоциклист? Колку е тешко физички и психички да се вози 24 часа без прекин?
– Оваа трка е врвот што еден возач од овие простори може да го оствари – остварување на секој професионален тркач. Трката е навистина тешка, бидејќи трае 24 часа, а подготовките се екстремни и траат со месеци.

Со каков мотор возиш и колку се разликува ритамот и стратегијата на Ле Ман од другите трки на кои си учествувал?
– Во моментов се натпреварувам со мотор од 1.000 кубни сантиметри, марка БМВ. Ритамот и стратегијата на Ле Ман се многу различни, бидејќи мораш да издржиш – шестина по еден час. Треба да си константен, без падови и проблеми со моторот. Другите трки траат околу 25-30 минути и таму мораш да го дадеш својот максимум во секој круг.
Ти си првиот Македонец со ваква покана. Кои се најголемите предизвици со кои се соочува еден македонски мотоциклист што сака да се пробие на европско или светско ниво?
– Да, јас бев првиот Македонец што ја доби оваа понуда, а набрзо по мене и уште еден Македонец – Синиша, со кого заедно се натпреваруваме на европските шампионати. Најголеми предизвици се финансиите, бидејќи во овој спорт тие играат голема улога.

Од каде потекнува љубовта кон моторите? Кога сфати дека адреналинот е нешто без кое не можеш? Што велат твоите блиски за тоа?
– Љубовта кон моторите ми е наследство од семејството – татко ми и брат ми се возачи. Адреналинот е дел од мене уште од мала возраст, кога на три-четири години научив да возам мало велосипетче без помошни тркала. На 6 години го добив и своето прво моторче. На почетокот, мајка ми и татко ми се трудеа да ме спречат, но не успеаја. Сега се моја најголема поддршка.
Што значи за тебе бронзениот медал од европскиот шампионат во Верона?
– За мене, бронзениот медал е мотив повеќе да се подготвам уште подобро за секој следен предизвик. Потекнувам од држава без тркачка патека, па благодарение на Бог и сите поддржувачи, остваруваме историски резултати за Македонија.

Четири години по ред организираш хуманитарна акција за собирање пакетчиња за децата од ранливите семејства. Што најмногу те трогна во тие средби?
– Да, тоа е организација што почна скромно, но расте од година во година и навистина ми е мило поради тоа. Ме трогнува моментот кога им ги носиме пакетчињата и ја гледаме таа искрена радост кај дечињата. Сфативме колку малку е потребно да направиш некого среќен, барем за момент.

Кога не си на патека, што те релаксира најмногу?
– Обично сум во теретана на тренинг, а најмногу ме релаксира кога ќе одам во село и уживам во тишината.
Имаш ли некој ритуал што секогаш го правиш пред трка?
– Секогаш пред трка одам во црква кај мојот духовен отец, кој ми чита молитва. Со Господ напред одиме на патека.

Каков си како возач во град?
– Со автомобил сум примерен, а со мотор не сум учесник во сообраќајот затоа што немам положено за мотор.
Што е со љубовта? Како се балансира со динамичниот свет на трките?
– Му благодарам на Бог, одлично е. Имам девојка која ме поддржува максимално и сум многу благодарен. Балансирањето е многу полесно кога си со некој што те разбира и те почитува.


