Хана Корнети, писателка / Фотографија: Наташа Атанасова

Интервју со Хана Корнети, добитничка на наградата „Ванчо Николески“: Наградите не се цели, туку обележја во патот на еден уметник

Наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади на ДПМ ја доби „Илина и тајните на Бабин Заб“ од писателката Хана Корнети, која со својот магичен свет лесно допира до срцата на читателите.

Авторката Хана Корнети успева да балансира помеѓу забавата и едукативната вредност на текстот, нудејќи им на младите читатели свет што е магичен, но и релевантен за реалниот живот. Книгата „Илина и тајните на Бабин Заб“ ги промовира вредностите на пријателството, емпатијата и самоспознанието, а истовремено ги поттикнува читателите на критичко размислување и длабоко фантазирање.

Со овие зборови комисијата во состав Симона Јованоска (претседателка), Искра Донева и Ванчо Полазарески (членови) ја образложи наградата „Ванчо Николески“, која ја доби младата писателка Хана Корнети.

Во сериозна конкуренција со вистински мајстори на зборот жирито на ДПМ ти ја додели наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади во 2025 година. Какво чувство ти предизвика наградата?

– Прво, изненадување. Не од несигурност или со лажна скромност, туку, како што и самиот спомена, од една страна се самите финалисти, а од друга страна, низ годините имало и недобиени награди, така што брзо учиш да не си ја врзуваш вредноста на трудот со тоа дали тој добил или не добил награда. И исто така, брзо учиш дека секогаш има простор за подобрување, макар и добил награда.

Наградите не се цели, туку обележја во патот на еден уметник – па и општо, човек. Важно е да се ужива во процесот и да се работи на изострување на занаетот. Секако, кога некој тоа ќе го признае е прекрасно! Чест е да се добие вакво признание и особено од таква жири-комисија, автори со интегритет и печат.

Имам и среќа што на жири-комисијата ѝ „легна“ мојот сензибилитет. Ги доживувам сопствените приказни како чудникави и специфични, на теми што мене ме интересираат, не работи што се нужно актуелни. Не се потресувам околу правописот, бидејќи поважно ми е јазикот да е интуитивно препознатлив, жив и вибрантен отколку да е точен, и оттаму, можеби, некои од книжевниците со потрадиционален вкус побрзо би ме исклучиле од конкуренција.

Симона Јованоска и Хана Корнети на врачувањето на наградата во ДПМ / Фотографија: Наќе Батев

Книгата „Илина и тајните на Бабин Заб“ е продолжување на романот „Илина и шумските тролови“. За каков серијал поврзан со Илина станува збор?

– Илина е една симпатично-иритантна сезнајка, која низ своите јазик и светоглед ги вовлекува читателите во нејзините авантури низ двата света – секојдневниот и волшебниот. Во првата книга, Илина ги открива шумските тролови и со нив, целиот волшебен свет, каде што соништа, бои и мигови се собираат во тегли, каде што има ненаситни врани, вешти вештици, невешти гатачки и крадци на соништа. Во вториот дел, Илина учи да стане вештерка, почнува катастрофален музички бенд со татко ѝ, и повторно се бори со крадци – овој пат, на бои.

Во секојдневниот живот, Илина развива емпатија и свои начини за справување со предизвици, како развод на родители, загуба, создавање и одржување пријателства, и новата голгота на мајка ѝ за здрава исхрана, која ја лиши од редовниот доход на чоколади. Меѓу другото, тука и музиката ѝ станува начин на комуникација каде што зборовите не успеваат.

Во другиот свет, иако е полн со волшепства, Илина подобро се запознава себеси низ грешките што ги прави. Така ги открива своите недостатоци, но и својата сила. Учи за трпение и истрајност, откривајќи дека првата лекција во станувањето вештерка е да научиш да слушаш.

Книгите на Хана Корнети се објавени во издание на „Или-или“

Како Илина се роди во твоите мисли, воопшто?

– Идејата за првата книга ми дојде насон – сонував како изрезбан був одлетува од дрвена врата. Потоа ги напишав првите неколку поглавја од „Илина и шумските тролови“, а Илина брзо и сигурно си се оформи како лик. И во понатамошниот процес на пишување, некои проблеми и недоумици ми се решаваа насон. Инаку, бидејќи во книгите се вљубив уште како дете, овие книги ги доживувам како малечко оддолжување на фондот што тогаш ме хранел.

Колку преку авантурите на Илина се преиспитуваш самата себе и светот во кој сега живееме?

– Од личен аспект, во двете книги, на различен начин, Илина се справува со последиците на сопствените грешки. Веројатно кога Илина учи дека преку грешките се расте, сакам и себеси да се потсетам на тоа – а се надевам дека истото ќе им се закачи и некаде во мозокот на младите читатели, па кога ќе се најдат во сплетки што самите ги создале, ќе знаат да земат длабоко воздух и да се фокусираат на големата слика – дека нема растење без болка. Оттаму и во првата книга се бавам со чувство на вина, а втората со слушање на стомакот – или, сопствената интуиција.

Од аспект на светот во кој живееме, во двете книги централниот заплет е поврзан со некои работи што ме загрижуваат, ме вадат од такт и фрустрираат во денешниот свет. Во првата книга тоа е крадење на соништата. Во светот на Илина, тоа има конкретен негативец и причина. Но во светот во кој живееме, мотивација ми беше капиталистичкото општество, кое бара креативноста да се монетаризира, односно да се видоизмени за да биде исплатлива. На луѓето што сакаат уметнички да се изразуваат им дава неколку начини за заработување: работи во маркетинг-агенција, дизајнирај сајтови, пишувај џинглови итн. Потребни се тектонски движења за да се промени менталитетот на тоа како се доживува уметноста во општеството.

Во втората книга, главниот заплет се украдените бои од градот на шумските тролови. Гледаме како, иако тоа е само „естетски напад“ без „вистинска опасност“, троловите се сè подемотивирани од животот насред сивило. Така и ние живееме во беж, бежило, во сивило, и тоа ем естетско ем културолошко. Од една страна, „модерниот“ вкус е сиво-црни згради, бели автомобили и бескраен беж од тренерки, фотелји, ѕидови. Излегуваме од дома и шетаме насред беж, па така и самите делумно стануваме сиво-беж.

Под културолошко, зборувам за доминантните поп-наративи ширени преку дигиталната глобализација која ги окупира локалните мозоци со трендови и прашања кои ниту ги засегаат ниту, пак, ги хранат. Толку е важно да се биде одреден вид „кул“, кога ништо интересно не произлегло од бидување „кул“. Впрочем, кул работи се случуваат само кога си некул, автентичен и чуден, но доследен на сопствениот пат.

И повторно, ако уметноста е таа што му дава боја на животот, зошто тогаш е ставена на последно место? И зошто, како што скоро посочија во сегментот „Види вака“, живееме во земја каде што има повеќе казина и обложувалници отколку киносали и спортски терени?

На кој начин ги создаваш карактерите во приказната и како успеваш да ги креираш ситуациите во кои се наоѓаат?

– За почеток, дел од ликовите си влечат нишка од луѓе од крв и месо, во овој свет. Ми се чини дека за расказ, прво доаѓа дејствието, а потоа ликот. Но секако, и тогаш ликот мора да биде доволно човеколик и разработен во главата на авторот за на читателот да му се чини како тој да постои пред и по неколкуте страници во кои го запознава.

Во роман, секако дека имаш генерална идеја за дејствието, но многу е поважно солидно да се постават ликовите. Кога ликовите се доволно оформени, самите знаат да ја водат приказната. Тоа важи и за поставување на правилата во светот.

На пример, и за жал, ќе треба себеси да се земам како референца, расказот „Како да се разбуди човек“ од првата збирка, „Млечни заби“ го напишав токму со ова прашање – откако ќе ги поставиме карактерот на ликот и правилата на светот, колку може да го обликуваме текот на приказната?

Што самата научи во процесот на пишувањето на книгите?

– Првата „Илина“ дојде многу полесно од втората – сон, па идеја, па неколку поглавја, па цела книга. Секако имаше препишување на драфтови и преработување, но беше доста поглатко отколку пишувањето на втората „Илина“. Пишувањето на вториот дел беше потење врз тастатура, кризи дека е необјавлив хаос и самоизолирање за да ѝ се посветам. Освен истрајноста, ми помогнаа пријатели читатели и уредниците за да стигнеме до верзијата на Илина која, еве, доби награда.

Тоа што го научив, освен некои техничко-стилски недостатоци што ги согледувам во претходни книги и ги паметам за да ги „поправам“ во следните, е дека празнината што ја чувствуваме кога ни е тешко, на пример, кога процесот е мачен и чкрипи и ни се чини дека единствено решение е да се откажеме, не е непријателот. Од таа „празнина“ ѕиркаат стравовите, тагата, прашањата без одговор. Но, кога ја прифаќаме како дел од процесот и дел од себе, а не нешто од кое треба да се избега, ѝ дозволуваме на поцелосната верзија од нас да се пробие и да ни каже нешто важно.

Некои луѓе што ме познаваат ми кажале дека се чувствуваат како да ме слушаат додека ми ги читаат книгите / Фотографија: Андреј Коларовски

Книжевната критика посочува дека пишуваш текстови што се „истовремено интригантни, оригинални и книжевно извонредни“. Кога студираше историја и филозофија, дали воопшто планираше да бидеш писателка?

– Во „Амон Ра“ на Пелевин има дел што зборува за тоа како, кога сме деца, повеќе сме збир на сеќавања и слики, и дека некаква појасна слика за себе и за почетокот на сопствениот наратив започнува кога се врзуваме за одредена цел. За мене тоа беше идејата дека ќе пишувам, која се роди кога имав шест или седум години.

Така што, кога ги избирав студиите, веќе знаев кон што целам. Оттаму, изборот на историја и филозофија беше помалку со намера дека ќе работам во тие бранши, а повеќе со прашањето што ме интересира; што може да ми помогне да ги продлабочувам идеите, да развијам аналитичност; што ќе ми го отвори мозокот и ќе го научи да поставува поквалитетни прашања.

Колку стилот на пишувањето е дел од твојот карактер?

– Многу! Некои луѓе што ме познаваат, ми кажале дека се чувствуваат како да ме слушаат додека ми ги читаат книгите. Притоа, во книжевноста можам да се расфрлам со хумор што мене ми е смешен без грижата дали ќе му се погоди на соговорникот, која ја имаме во тет-а-тет средби. И далеку подобро се изразувам низ книгите отколку низ разговорите. Книжевноста дозволува да споделуваме идеи на интуитивен начин, преку приказни, и тоа, ми се чини, дозволува да впиеме одредена суштина, не рационално, туку инстинктивно.

По првата збирка раскази „Млечни заби“ (2021) како го почувствува предизвикот да пишуваш книги за деца и млади?

– Пред да ја напишам првата „Илина“, се мачев со пишување роман за возрасни. А се мачев бидејќи не бев спремна да го напишам, ни по сопствена зрелост ни по зрелоста на приказната. Токму насред тој процес, „Илина“ си слета толку природно. Како да пробував да начекам добра лубеница напролет, а си најдов јагоди. Иако немав конкретен план да пишувам за деца, испадна дека тоа е област што ме плени, во која уживам, а гласот на Илина поцврсто ме поврзува и со сопственото детство.

Од техничка страна, не сакав да бегам од тешки теми, но внимавав да ги контекстуализирам на начин што е соодветен за публиката. Исто и со изборот на зборови – некаде го приспособував речникот, а некаде оставав помладите читатели да прашаат по дома: „Што е ‘ретроспективно’?“, „Кој е Ниче?“ итн.

Во слободно време (аматерски) се занимаваш со музика и така се појави албумот „Голи песни“ во издание на „Шарла рекордс“. Каква радост чувствуваш при креацијата во овие две убави уметности – книжевноста и музиката?

– Учев пијано во нижо музичко и никогаш не бев добар вежбач. Сега ако требаше да работам на песни и техника како што преработувам текстови, веднаш ќе се откажев од музиката. На книжевноста ѝ пристапувам како на работа (која ја сакам), а на музиката како вентил за непосредна експресија, нешто што треба да излезе живо, необработено.

Секако, книжевноста помага во пишувањето на музичките текстови и неколку луѓе (Давид Ангелевски, Соња Станковска) ја категоризирале како трубадурска. Инаку, една од главните разлики е што музичките текстови далеку повеќе простуваат патетика, нешто што посветено го избегнувам во своите книги.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 321, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.2.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот