Интервју со Горан Трајкоски – ГоТра, автор на музика за театар: Палета со бои на нашата музичка традиција
Во сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“ ќе се користи музика на Горан Трајкоски – ГоТра, кој заедно со јубилејот на МНТ ќе одбележи и свој личен јубилеј создавајќи музика за точно сто театарски претстави.
Препорачано
Своето повеќедецениско музичко искуство Горан Трајкоски – ГоТра го користи на фантастичен начин со создавање музика и за своите авторски албуми и за театарски претстави. Неговата стота музика за театар премиерно ќе може да се слушне на 29 декември, кога Македонскиот народен театар ќе одбележи 80 години од своето постоење.
Каков предизвик беше да се создаде музиката за сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, што се подготвува за 80-годишниот јубилеј на Македонскиот народен театар?
– Мислам дека, пред сѐ, е чест да се работи на подготовката на толку голема и јубилејна претстава. Ја имавме и таа среќа да сме таа генерација, да сме меѓу живите и во работна способност да можеме физички да одговориме на тие барања, и имаме благослов од времето, од настаните, од космичките енергии, сите ние, а мислам дека сме најмалку сто луѓе што се вклучени во подготовката на претставата, да бидеме дел од екипата.
Во однос на музиката на сцената ќе бидеме пет музичари. Заедно со мене музиката во живо ќе ја изведуваат Сашко Костов, Ана Митоска, Орхидеја Дукова и Оливер Настевски. Најголемиот предизвик беше тоа што имаме малку време за реализација, бидејќи кога во живо се свири на сцената, неопходна е поголема подготовка. Имаме два дела на подготовката – домашна работа и работа на сцена со режисерот и со актерите. Во таа смисла бевме прилично скратени со време и тука лежи најголемиот предизвик. Во тој временски теснец треба технички да се подготвиме музиката да звучи најмалку пристојно, а оптимално да звучи многу добро.
Каква музика во уметничка смисла ќе биде изведена во претставата?
– Концептот е да се користат теми и мотиви што претходно сме ги работеле, што значи дека поголем дел од композициите, тие што се скелетот на претставата, веќе сме ги работеле со режисерот Дејан Пројковски во изминативе дваесет години. Тука се теми поврзани со Рацин, Вапцаров, Миладиновци, Чинго, Прличев, како поети, или дела од други автори. Бидејќи е јубилејна претстава, се служиме со наследството на Македонскиот народен театар и на македонската култура, воопшто.
Сето тоа не е завршена работа, бидејќи сите материјали треба да се адаптираат и да се преправат за потребите на новата претстава. Тоа што го правиме како сосема ново е музиката што ќе се употреби како реакција на актерската игра и режисерската постапка. Значи има скелетна структура и музика што ја создаваме со импровизација како одговор на актерската игра.

Познат си како музичар што настапувал со повеќе групи и како композитор на театарска музика. Како се случи токму оваа да биде стота претстава за која подготвуваш музика?
– Судбината сакаше тоа да се случи во МНТ. Според плановите од почетокот на годината, мојата стота претстава требаше да биде во Битола. Но, оваа претстава требаше да се подготвува во април, а од познати причини беше пролонгирана во декември, додека претставата на која требаше да работам во Битола е пролонгирана за наредната година. Така се случи мојот јубилеј да се преклопи со јубилејната претстава на МНТ. Бог нареди мојот јубилеј да се случи во мојот матичен театар и јас сум пресреќен поради тоа. Не можев да местам, не можев да конструирам, но некој друг може.
Како воопшто се случи твојата долгогодишна соработка со Дејан Пројковски, бидејќи ти си еден од постојаните негови соработници, покрај сценографот, костимографот и кореографот? Како се создаде таа симбиоза на неговите режисерски визии и твоите музички композиции и афинитети?
– Почнавме да соработуваме на крајот на 2002, а премиерата беше на почетокот на 2003 година. Тоа беше претставата „Гилгамеш“ во Турскиот театар. На негова идеја, на негов повик почнавме да соработуваме и оттогаш постојано сме заедно. На прстите на една рака може да се избројат претстави што тој ги режирал, а јас да не сум бил вклучен како соработник за музиката. Тоа беше време кога Дејан ги правеше своите почетоци. Мислам дека беше негова трета или четврта претстава, а ниту мене не ми беше прва. И кај мене се случуваа некои промени. Такви беа околностите што во тој период престанав да работам со групата „Анастасија“ и почнав многу повеќе да се занимавам со театар.
Откако се најдовме продолживме двајцата да се развиваме и да созреваме, тој како режисер, а јас како композитор на театарска музика. Времето што го минувавме заедно и соработките спонтано покажаа дека се разбираме и дека заедничката работа на двајцата ни се допаѓа и ни ползува. Беше пријатна заедничката работа и затоа сѐ уште тоа го правиме.

Какви барања има Пројковски во однос на музиката за одредена претстава? На кој начин се кристализира идејата за музиката?
– Низ разговор. Најчесто тоа се случува со изборот на драмскиот текст што треба да се постави на сцената и потоа сите идеи доаѓаат низ разговор. Соработниците мораат да бидат и пријатели. Ние сме и пријатели и соработници. Сум работел и на поинаков начин, со луѓе со кои не се познавам или првпат сум се запознал, но со Дејан го делиме и пријателството и заедничката работа. Затоа преку разговори се кристализираат идеите за музиката, за режијата.
Покрај разговорите со Дејан, мене ми помагаат и сценографијата и костимографијата. Важно ми е како ќе изгледаат тие работи и во кој правец се движат. Секако, режисерот има улога во нивниот изглед, бидејќи разговара и со костимографот и со сценографот и со мене, но јас секогаш сакам да ги видам пред да почнам да ја создавам музиката. Често ми е доволно да ги видам скиците за костимите и нацртите за сценографијата за да добијам идеја во кој правец да се движам со музиката.
Во однос на твојот музички бекграунд, веќе ја спомна „Анастасија“, а јас мислам дека првпат за тебе слушнав преку групата „Афективен набој“. Потоа следуваа „Падот на Византија“, „Апореа“, веќе спомнатата „Анастасија“…
– …„Мизар“, од „Апореа“ беше создадена „Анастасија“, а потоа повторно „Мизар“, следуваше соработка со Вељанов, „Биоскопија“ со Елена Христова, „Циркус еуропија“, со германскиот бенд „Дајне лакаен“ како гитарист на нивните турнеи и концерти, со „Мугер фугер“, а денес сѐ уште соработувам со Вељанов. Во последниов период почнав да соработувам со битолската група „Вел“, кои ќе ми помагаат на концертирањето на мојот нов албум, кој се надевам следнава година ќе биде завршен и објавен.

Колку овој музички бекграунд ја дефинира музиката што ја создаваш за театарските претстави?
– Секако дека не можам да избегам од тој израз. Дејан ја знае мојата музика. Често знае да ми каже да одиме во правец, на пример, на „Анастасија“ или како „Мизар“ или… Тие нешта се дел од мојата историја, од мојата кариера, од мојот живот. Тие се составен дел од мојот живот, ги содржам, не можам да ги заборавам или да ги избришам. Секако, влијаат и во театарската музика, ги носам со себе како печат што не сакам да го избегнам, ниту да го избришам. Колку и да работам различна театарска музика, тој печат секогаш се провлекува како некоја, ако може така да ја наречам, музичка потсвест што се манифестира преку звукот.
Почетоците со првите бендови се панкерски, потоа доаѓа рафиниран звук со „Анастасија“, за со текот на времето да понираш во музички структури кои носат моменти на возвишеност. Тоа што константно се чувствува во музиката што ја создаваш е проткајување на православното музичко наследство. Од каде се појави таа инспирација?
– Тој звук почна да се појавува со „Падот на Византија“. Тогаш почнав да се интересирам за тоа и да самоистражувам, и до ден-денес го правам истото. Тоа е мојот животен проект. Да се користам со искуствата на минатото, поточно таа традиција, и веројатно тоа ќе го правам до крајот на животот. Честопати сум споменувал дека имам чувство дека од своите почетоци до сега се обидувам да ја правам истата музика, или поточно, да напредувам во истиот правец по којшто сум тргнал. На моменти работам во театар, поретко на филм, правам извесни завои, истражувања лево или десно, но повторно се враќам на истиот правец. Не бегам од мојата основна точка.
Се трудам музиката што ја работам да го содржи оној источен мистицизам, кој го содржи нашата православна музичка традиција и да направам еден вид интеракција со она што е останато и денес постои во оваа современа констелација како музичко милје. Јас не сум имун на влијанија од секаде на светот, како на позитивни така и на негативни, и затоа сметам дека она што го работам треба да ги содржи влијанијата на минатото, сегашноста и на иднината, како музичка желба.
Како фрагмент од еден разговор што сме го правеле пред повеќе од 25 години во сеќавање како анегдота ми останало дека за подготовката на музиката за „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во времето на „Анастасија“ заедно со Душко Димитровски сте преслушале 20 илјади магнетофонски ленти од фонотеката на Македонското радио за да стигнете до финална верзија на филмската музика?
– Тоа не беше само заради филмот. Јас работев осум години во иста канцеларија со Душко Димитровски. Тоа преслушување почна многу години пред да се појави можноста со „Анастасија“ да ја правиме музиката за филмот. Тогаш бев хонорарно ангажиран во Македонското радио и подготвував емисии за народна музика на свој начин, како што знаев и умеев, и истовремено ја делев канцеларијата со Душко. Тоа значи дека во тој период имав можност да пребарувам низ фонотеката и поточно во оној дел којшто беше од старото студио во Нерези, таканаречените „поплавени ленти“, кои во тоа време беа речиси исушени и многу често се кинеа.
Околу бројката не би можел да тврдам, бидејќи не сум броел колку музика од фонотеката сум преслушал. Но, сум преслушал многу работи. Секако, не за да ја направиме музиката за „Пред дождот“, туку заради своја едукација и затоа што сето тоа ме интригираше. Бев заинтересиран, сакав да се изградам и во својата музичка палета да ги ставам боите кои ги има нашата музичка традиција. Сакав тоа да биде дел од мене. Не сакав да ги земам како лепенки, туку сакав таа музика да биде дел од мојот музички израз. Моето битие да ја чувствува таа музика и да ја имам внатре во себе.
Покрај источната, или византиската музика, тука веќе се отворило и фолклорното поле на музичката традиција. Дали и тука трагаше по надградба?
– Тоа практично стана дел од мене и сакав тоа да биде така. Како што дел од мене е и музиката на нашата денешнина, на крајот од 20 век, кога сум бил тинејџер и кога сум се формирал како човек и како музичар. Тоа е еден од столбовите на кои сум се воспитувал и развивал. Вториот е духовната источна православна музичка традиција, нашата македонска и, пошироко, балканска традиција, а интересите ми оделе и до музиката од Блискиот Исток, бидејќи се поврзани. Ромејската музичка традиција, која денес ја нарекуваме Византија, во голема мера блискоисточната музика ја впила во себеси. Работејќи на театарските проекти се заинтересирав да ја запознаам и музиката на големите театарски и филмски композитори, како Нино Рота, или Бертолд Брехт, кој бил драмски автор, но истовремено бил и поет и композитор. Сум го слушал и неговиот соработник Курт Вајл, и така натаму.

Дел од твојата музика за театар веќе е објавена како албумско издание со наслов „На светов убавина“ (2017). Дали има план повторно да се зафатиш за таков проект?
– На тој албум беа објавени песни што биле користени во различни театарски претстави, адаптирани за сценско изведување. Имав желба за стотата претстава да објавам нов албум, но не успеав. Втората шанса веројатно ќе ја имам на 111-тата претстава. Ќе се обидам да го одбележам тој неофицијален јубилеј, бидејќи за стотката не успеав. Имам собран материјал, и планирав да се случи такво нешто, но од приватни причини не успеав да ја завршам таа работа. Едноставно немав време. Ќе планирам во текот на 2026 година да го подготвам материјалот и да го дадам на печатење, бидејќи сакам да го објавам на двоен винил, а да излезе во текот на 2027 година.
Во меѓувреме планирам да објавам албум со авторска музика. Дел од тој материјал заедно со групата „Вел“ го изведовме на ПИН-конференцијата на „Таксират“, а остатокот ќе го финализирам во скоро време. Тоа е мој албум кој е готов, а во концертната изведба на албумот ќе ми помагаат музичарите од групата „Вел“. Насловот на албумот ќе биде „На крилјата на лагата“ и го потпишувам како ГоТра. Албумот е еден вид продолжение на претходниот, кој беше со наслов „Тешкиот глас на новите химни“.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 313, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.12.2025)


