Интервју со Ерхан Шукри, уметнички директор и диригент на „Арко“: Музиката ја буди хуманоста во нас

Ерхан Шукри е уметнички директор и диригент на Гудачкиот камерен оркестар „Арко“

Ексклузивен двоен јубилеен концерт со наслов „Првите мои 20 во 30“ на 2 октомври ќе се одржи во салонот на Националната опера и балет, а иницијатор на настанот што ќе донесе многу музика, љубов и хуманост е диригентот Ерхан Шукри.

Симбиоза на два оркестри со повеќе од 70 музичари и детски хор, како и настап на голем број специјални гости ќе донесе концертот „Првите мои 20 во 30“, со кој Ерхан Шукри ќе го прослави својот двоен јубилеј. Концертот ќе биде илустрација на професионалната музичка дејност на Шукри, но и израз на неговата целосна посветеност на музиката, а хуманитарната димензија ги открива неговиот карактер, срце и душа.

Со еден концерт на 2 октомври ќе прославите два јубилеи – 30 години уметничка и педагошка дејност и 20 години Гудачки камерен оркестар „Арко“. Уметноста има хуманистичка димензија. Со каква цел ја додадовте и хуманитарната димензија на концертот?

– Хуманоста е нешто што сите го носиме во нас. Прашање е на време кога свесноста ќе се разбуди и ќе дозволи таа да почне да делува. Пред некое време ме погоди еден снимен прилог за немањето сензори, ленти и глукомери за децата со дијабетес и беше повод да се одлучам двојниот јубилеен концерт да биде со хуманитарен карактер. Се надевам дека ќе има одзив и дека со секој купен билет ќе можеме да помогнеме на ранливата категорија на семејства кои не можат месечно да си го дозволат тоа. Инаку во 2014 година, исто така, направивме еден хуманитарен концерт за децата со посебни потреби, а во 2004 година со Мандолинскиот оркестар „Скопје“ посветивме хуманитарен концерт за децата од Велес.

Одбележувањето на двата јубилеи, 30 години уметничка и педагошка дејност и 20 години Гудачки камерен оркестар „Арко“ за мене е заокружување на целата концертна активност, работата со учениците, свирењето во двата оркестри на НОБ и Филхармонија, како и свирењето во многубројни камерни оркестри што опстојуваат во нашата држава. Покрај тоа во овој временски период се случија многу патувања со музиката насекаде низ светот, на фестивали и натпревари со што се потврдуваше целокупната работа на сите полиња. Затоа, одлучив со еден целовечерен концерт да ги одбележам двата јубилеи и не случајно концертот е насловен „Првите мои 20 во 30“.

Концертот ќе се одржи во салонот на Националната опера и балет во Скопје

Програмата на концертот е богата и шаренолика. На кој начин ги избравте гостите што ќе настапат на концертот?

– По секој одржан концерт секогаш следувало прашањето: А што сега? Каков ќе биде следниот концерт, што програма да се одбере? Никогаш не сум брзал да се создаде квантитет на концерти, секојпат сум го слушал внатрешниот глас што потајно потшепнувал како да се реди новиот мозаик. Со тоа што овој концерт е заокружување на мојата работа, само по себе се наметна дека и програмата ќе биде со широки бои на палета насликана со музика што ќе ја исполнуваат Гудачкиот камерен оркестар „Арко“ и Мандолинскиот оркестар „Скопје“, два оркестри со кои работам долги години.

Некои солисти се наметнаа со самото одбележување на јубилеите – проф. Михајло Куфојанакис ми беше професор на ФМУ, неговиот син Момчило Куфојанакис ми беше ученик, сопранот Ивана Здравкова неколкупати настапувала на моите концерти. Интересно е што баритонот Џемиљ Реџепи настапи со мојот татко и Мандолинскиот оркестар во 2006 година и сега по толку години повторно доаѓа во Скопје. Со Добрила Грашеска почна дружбата преку други состави. Сестра ми Мерсиха Шукри долги години е дел од мојата работа. Секојпат сум сакал на моите концерти да имам различни солисти со презентирање на некој нов инструмент. Така што, и сега на мое големо задоволство Наме Јаркин и Ајдин Јаваш безрезервно ја прифатија мојата покана да бидат солисти на мојот јубилеен концерт. Случајна средба со нашиот маестрален актер Никола Ристановски наметна идеја и тој да настапи таа вечер. Посебно ми е драго што мојот татко Рамадан Шукри, доајенот во мандолинското музицирање, ќе ми биде драг специјален гостин, бидејќи тој ме инспирираше да работам со оркестри.

Какви беа реакциите на учесниците кога ја добија поканата за настап на концертот?

– На мое големо задоволство сите безрезервно прифатија да настапат на концертот. Им се допадна идејата и концептот на концертот и ми направија голема чест што прифатија. Со некои солисти и подолго комунициравме околу нивниот настап, со оглед на нивните постојани ангажмани. Но, во секој случај, различноста на самиот концерт беше голем предизвик за нив за да прифатат и да земат учество на овој концерт. Кога дознаа дека ќе правам симбиоза на два оркестри со повеќе од 70 музичари и детски хор се воодушевија од обемноста на концертот.

Хуманоста што ја носиме во нас е тесно поврзана со музиката и само преку музиката хуманиот дел во нас сѐ повеќе може да се освести

Јубилеите од овој калибар неминовно поттикнуваат сеќавања на почетоците. Кога и на кој инструмент лично почнавте да се занимавате со музика?

– Се разбира дека неминовно навираат сеќавања. Многу добро се сеќавам кога во 1993 година, како студент на трета година на ФМУ, почнав да свирам во оркестарот на НОБ и ги правев првите чекори во еден професионален оркестар учејќи го тој занает добри 14 години. Истата година почнав да му асистирам на мојот татко во Мандолинскиот оркестар, кој ми отвори широки порти да ја засакам работата со оркестри и да ме охрабри за да можам после три децении да влегувам на уметничката сцена со сериозни проекти.

А мојот почеток? Почна на 4-годишна возраст, кога го држев врвот на гудалото на татко ми додека вежбаше контрабас и помислував дека во секој момент ќе го пресечеме контрабасот. Но, веќе на 9-годишна возраст почнав да го изучувам мојот матичен инструмент – виолината, која ми ја даде најубавата медитација во мојот живот. На 12 години почнав да свирам гитара во мандолинскиот оркестар на мојот татко и свирењето во тој оркестар ми донесе убави спомени со многубројни патувања и дружења, кои ми ги отворија пошироко моите видици.

Потекнувате од музичко семејство, а вашите татко и сестра, Рамадан Шукри и Мерсиха Шукри, се меѓу учесниците на јубилејниот концерт. Какво беше нивното влијание врз Вашата музичка дејност?

– Многу ми е драго што мојот татко и мојата сестра ќе настапат. Татко ми е „виновникот“ за љубовта кон ансамблите и затоа се радувам што ќе биде на сцена заедно со мене. Знаеме дека аматерското мандолинско музицирање го има издигнато на високо професионално ниво, додека сестра ми со нејзиниот аристократски инструмент – харфата, ќе нè облагороди со нејзините прекрасни звуци.

Влијанието е обострано, бидејќи нашата комуникација секојдневно е исклучиво музичка, живееме за музиката, а и таа живее преку нас. Конструктивните консултации, критики и сугестии се секојпат добронамерни во служба на најубавиот нектар на боговите – музиката. Но, морам да признаам дека мојот татко ми беше секојпат идол и затоа ме мотивираше и инспирираше и јас да работам со оркестри.

Семејството Рамадан, Мерсиха и Ерхан Шукри

Во педагошката дејност значајна улога има инструментот виолина, а во Вашите активности големо значење има и работата со мандолинскиот оркестар. Што Ве мотивира и Ви дава сила да се посветите на двете дејности?

– Едното со другото е поврзано, бидејќи во основа е педагошка дејност со пласман и реализација во културата, односно презентирање на уметничката сцена. Како учител по виолина и камерна музика работам веќе 29 години и децата се најчистата хумана енергија од која се учи многу. Радоста е поголема кога ќе успеат да се пласираат некаде надвор од Македонија со продолжување на нивните додипломски студии и задоволството е уште поголемо кога ќе ве надминат со нивниот успех, а и вие како нивен учител ќе научите нешто ново од нив.

Мандолинското музицирање е интересен феномен кој е неизлечливо заразен, кој создава некоја магија на која не можете да ѝ одолеете, ве опива и ве вовлекува уште подлабоко, освојувајќи ве до последниот атом со сета убавина и со сите сетила. Морам да го спомнам и следново, за жал мандолинското музицирање замира во нашата држава, но се трудиме да ја задржиме таа традиција која опстојува повеќе од шест децении и мораме да признаеме дека има оправдан и издржан национален интерес за нашата држава. Тоа е еден од мотивите за да се работи со Мандолинскиот оркестар.

А виолината… кога ќе создадете свој колега од мали нозе е секојпат мотив да работите со талентирано дете и правилно да го насочите во музичките води.

Со каква цел пред 20 години беше основан гудачкиот камерен оркестар „Арко“ и што значи неговото име?

– „Арко“ се роди и почна во училницата каде што работам, во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. За да ги заинтересирам моите ученици самоволно им организирав настава по камерна музика, која веднаш ја засакаа и со часови не сакаа да си одат од училиштето. Тоа беа генерација од моите први ученици кои школувањето го продолжија во други средни училишта, но желбата за камерното музицирање остана. Се јавуваа и сакаа да свират. По едно патување во Кореја, во 2003 година јас ги собрав и приказната на „Арко“ почна да се пишува. „Арко“ секојпат бил отворен за сите оние што сакале да свират, а се занимаваат со друга професионална определба. Иако низ годините „Арко“ прерасна во зрел камерен оркестар во кој свират драги колеги од Филхармонија, Оркестарот на НОБ, ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. „Арко“ секојпат ќе ја има и аматерската основа и професионалната сериозна интерпретација. Инаку, „Арко“ претставува музички израз, односно начин на свирење на гудачките инструменти – „со гудало“.

Настап на Ерхан Шукри со Гудачкиот камерен оркестар „Арко“

На програмата на Вашите концерти има музика за сечиј вкус – класика, оперски арии, балет, филмска музика, фламенго, рок, латино, преку ориентот до македонскиот фолклор. Што е неопходно за лесно да се преминува од еден во друг музички жанр?

– Поминувајќи низ годините дојдов до сознание дека сите жанрови водат само кон една цел, се влеваат на исто место, а тоа е музиката. Убавиот избор на музика, без разлика која жанровска особеност таа ја носи во себе, е допадлив секому. Како што спомнавте во вашето прашање, музика за сечиј вкус, секојпат на моите концерти тематиката е различна, пораката е искрена и јасна, бидејќи пред сѐ за мене е прво предизвик да се направи нешто ново, различно од претходното и да се остане оригинален во својот уметнички израз. Затоа задоволството е исполнето со радост кога публиката ќе си замине со насмевка на лицето после одржаниот концерт. Инспирацијата и имагинацијата создаваат само убавина што е препознатлива за секое срце.

Погоре ја спомнавме хуманистичката димензија на уметноста. Што е тоа што може да се каже со музика, а не може да се објасни со зборови?

– Во моите креативни моменти се создавала и музика, музика која, сега за сега, ми стои во фиока, па се надевам дека еден ден и неа ќе ја споделам со јавноста. Многупати ме прашувале зошто не пишуваш текстови, зошто само музика? За мене лично поголем израз, поголема јасност, поголема длабочина и емоција секојпат будела исклучиво музиката што не вклучува збор. Се разбира дека не го потценувам зборот, но мислам дека музиката има една длабочина, која повеќе кажува отколку кој било искажан збор, буди посуптилна емоција и расположение. Музиката кај секого може да развие универзална фантазија со илјадници зборови што се дел од таа звучна вибрација. И затоа сметам дека хуманоста што ја носиме во нас е тесно поврзана со музиката и само преку музиката хуманиот дел во нас сѐ повеќе може да се освести. Хуманоста и музиката се отворени, јасни и искрени.

Настап на Ерхан Шукри со Гудачкиот камерен оркестар „Арко“

Со каква порака би ја поканиле публиката на Вашиот јубилеен концерт?

– Убавата музика е најдобриот лек за сите нас. Се надевам дека сите оние што ќе одлучат да дојдат на мојот јубилеен концерт, ќе имаат можност да уживаат во изборот на програмата, која, како што рековме, е за сечиј вкус. Музиката освестува, но и просветлува. Музиката ја буди хуманоста во нас. Нашиот концерт е со хуманитарен карактер за децата со дијабетес. Да ја покажеме нашата хуманост и за миг да помогнеме на ранливите семејства за нивните деца кои допрва ќе се сретнат со предизвиците на секојдневниот живот. Да изнудиме за миг топла насмевка и радост кај нив.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 198, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.09-01.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот