Елена Петреска со семејството/Фото: Приватна архива

Интервју со Елена Петреска: Велигден го славам во Белгија, но ми недостасува Македонија, таму и во воздухот се чувствува духовното значење на празникот

Луѓето во Белгија претежно се католици, па сите празници ни се разидуваат, така што кога празничната еуфорија стивнува, тогаш доаѓа нашиот Велигден. Но, ние се трудиме да ја зачуваме празничната атмосфера и да го прославиме Велигден на традиционален македонски начин.

Поп-пејачката Елена Петреска веќе извесен период живее во Белгија, каде што гради ново животно и музичко поглавје. Иако далеку од Македонија, таа вели дека традициите, особено за Велигден, се нешто што секогаш се труди да ги зачува. Во разговорот открива дел од најубавите спомени од детството, предизвиците со преселбата, како и плановите со нејзиниот бенд и идните настапи.

Елена Петреска/Фото: Приватна архива

Почнува Велигден, како ќе го прославите празникот сега во Белгија и дали ти недостасуваат традициите од Македонија?

– Луѓето тука претежно се католици, па сите празници ни се разидуваат, така што кога празничната еуфорија стивнува, тогаш доаѓа нашиот Велигден. Но, ние се трудиме да ја зачуваме празничната атмосфера и да го прославиме Велигден на традиционален македонски начин. А на прашањето дали ми недостасуваат традициите од Македонија – да, сѐ ми недостасува, бидејќи таму и во воздухот се чувствува духовното значење на овој голем празник.

Кои се најубавите спомени од детството поврзани со Велигден и има ли некој момент што ти останал засекогаш во срцето? Колку уживаш во вапсањето јајца, дали се држиш до традицијата – црвени или повеќе ги сакаш новите трендови и бои?

– Во Прилеп има традиција татковците за Велигден да ги шетаат децата по роднини и пријатели со корпа в рака да собираат јајца, а мајките седат дома да пречекуваат гости. Од тој период имам прекрасни спомени, а најголема радост ми беше тоа што ми купуваа нова гардероба за празникот, па знаев новите чевли да ги ставам во соба до креветот за да ги гледам и да им се радувам.

Велигденска декорација во домот на Елена Петреска/Фото: Приватна архива

Инаку, сакам да цртам и да декорирам јајца, најмногу на бела основа, но секогаш имам и една корпа со црвени за да се испочитува традицијата.

Велигденски црвени јајца од Елена Петреска/Фото: Приватна архива

Каков е градот Монс, што најмногу ти се допаѓа и како ја доживуваш локалната атмосфера? Па и како е таму за празниците?

– Монс е уметнички град, во центарот секогаш е декорирано, во зависност од периодот и празниците, така што секогаш ќе ја почувствувате празничната атмосфера. Локалците се секогаш расположени за разговор.

Дали се чувствуваш како дел од заедницата таму? Имаш ли пријатели со кои можеш да споделиш моменти, кафе или дружби?

– Имам многу пријатели, но претежно сите се интернационалци. Ние сме во интернационална заедница и не сме многу интегрирани во белгискиот систем и со локалците, а и тие (со исклучоци) можеби поради јазичната бариера се позатворени, кога станува збор за дружење.

Тешка ли беше одлуката да се откажеш од кариерата во Македонската опера за да го следиш сопругот во Белгија?

– Одлуката не беше воопшто лесна и сѐ уште ми стои таа тежина, да бидам искрена. Но, моментот кога се одлучивме дека треба да ја прифатиме понудата за надвор, беше момент кога ми требаше промена, добив желба да искусам живот надвор од Македонија, иако претходно никогаш не сум помислила да се преселам некаде, но, ете, животот некогаш си носи промени за кои не сме ни сонувале.

Елена Петреска со сопругот/Фото: Приватна архива

Што е со твоите настапи и бендот, дали планираш концерти и кога ќе дојдеш во Македонија да настапуваш?

– Тука во Белгија настапувам со бендот „The Rewinders“, со нив имаме веќе закажани настапи на неколку настани до средина на јуни, потоа до 31 јули времето ми е резервирано за Македонија, а потоа се враќам повторно и од 1 август веќе повторно имаме закажани концерти.

Во Македонија многу би сакала да настапувам, но, за жал, досега не сум добила некоја сериозна понуда откако сум тука, а секако дека сум отворена за соработка и би дошла без размислување.

Елена Петреска со семејството/Фото: Приватна архива

Како ти се допаѓа белгиската кујна, научи ли нешто ново што ти стана омилено или некој локален рецепт?

– Заштитен знак за Белгија е компирот, го има во сите варијанти и мислам дека тоа им е најзастапената храна. Досега од она што сум пробала, најомилен рецепт ми е Карбонад (Carbonnade) – телешко месо што се приготвува со темно белгиско пиво. Но, јас како и во Македонија така и тука, преферирам македонска и кинеска кујна што ми е засекогаш омилена.

Како децата се адаптираа на новата средина, им недостасува ли Скопје или веќе се чувствуваат како дома во Монс?

– Од оваа перспектива можам да кажам дека никаде нема детство како во Македонија, моите деца, пред да заминеме, веќе беа во македонско училиште, така што беа свесни за промената и, еве, и по три години ништо не може да ја замени Македонија за нив. Ако за нешто посакувам да си дојдам, тоа е токму за таа слобода што ја имаат децата кај нас. Иако многу луѓе што ќе го читаат ова, а кои не живееле надвор, нема да се согласат со мене, јас тврдам дека македонските деца имаа најубаво детство. Секако, животот тука има свои убавини и поголеми можности за децата како што растат, но во периодот кога треба денот да им поминува на улица во игра, Македонија е незаменлива.

Елена Петреска со семејството/Фото: Приватна архива

За крај, идните планови и предизвици?

– Во моментов фокусот и плановите се настапите и пробите со бендот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот