Интервју со Дина Дума, режисерка на „Сестри“: Филмот е инспириран од вистински настани од моите тинејџерски години

Дина Дума

Долгометражниот игран филм „Сестри“ на режисерката Дина Дума својата скопска премиера ја имаше на 16 декември во кино „Милениум“, а веднаш потоа влезе во кинодистрибуција во Скопје и во Битола, со што и домашната јавност ќе може да го види филмското остварување, кое со голем успех во изминативе четири месеци се прикажуваше на низа значајни филмски фестивали.

Штама додека оди последниот кадар. Приказната има отворен крај и секој гледач врз основа на сопствените искуства ја комплетира пораката. Дури откако ќе помине целата одјавна шпица публиката се созема и почнува заслужениот аплауз.

Таков ефект постигнува филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума. Или, барем така беше на скопската премиера на филмот на 16 декември во киното „Милениум“. Приказната во филмот открива еден сегмент од секојдневниот живот на адолесцентите. Раскажана е на филмски јазик што им е близок, бидејќи и самите го користат.

Фокусот е ставен на врсничкото насилство што е присутно во дигиталниот простор. Темата е глобална, а во „Сестри“ е направена вивисекција со еден единствен, но драматичен пример. Целта е да се предупредат младите генерации, но и да се поттикне целото општество за посериозен третман на сајбернасилството, кое се појави со брзиот развој на дигиталните технологии.

Скопската премиера на филмот „Сестри“ се одржа на 16 декември во кино „Милениум“

Во разговор со режисерката Дина Дума откриваме детали од досегашниот живот на филмот, но ги нагласуваме и пораките што тој ги пренесува.

Специјалната награда на светската премиера на „Сестри“ во Карлови Вари ги отвори вратите за многубројни филмски фестивали потоа. Каков беше приемот на филмот од публиката на фестивалите каде што лично присуствувавте?

– Наградата и самото учество на фестивалот во Карлови Вари ги отвори вратите и постојано добиваме покани за учество на филмот од многу фестивали. За жал, пандемијата не ни дозволува да одиме на сите фестивали на кои сме поканети. Голем дел од фестивалите имаат хибридна форма или се целосно онлајн. Но, на неколку фестивали на кои бев, на различни страни на светот, публиката го препознава филмот и добиваме многу позитивен фидбек.

Како жена сметам дека е исклучително важно да се отвори темата на врсничкото насилство во дигиталниот простор со надеж дека на овој начин нештата ќе се променат во нашето општество / Фотографија: Арис Рамос

Тематиката што филмот ја третира е чувствителна и глобално присутна. Врсничкото насилство во дигиталниот простор е присутно и кај нас и во светот. Кога темата се појави како мотив/инспирација за Вашето прво долгометражно филмско остварување и колку приказната во филмот е инспирирана од вистински случувања?

– За темата на филмот размислував уште додека бев студент. Филмот „Сестри“ е инспириран од вистински настани од моите тинејџерски години. Во моето училиште имаше секс-скандал, една девојка и едно момче беа снимени како имаат однос, видеото набргу стана вирално и целата ситуација излезе од контрола. Судбината на девојката ѝ беше запечатена, таа беше „slut-shamed“ (стигматизирање девојки/жени поради нивниот сексуален живот, н.з.) и доживеа друштвено исклучување, ги изгуби другарките и на крај мораше да се пресели во друга земја, а момчето стана херој во училиштето. Никој од надлежните во моето училиште не направи ништо, туку напротив придонесоа за нејзиното уништување.

Имав ретка шанса да поразговарам со околу 100 девојки на кастингот, кои беа отворени да ги споделат своите приказни на оваа тема. Набргу кастингот зазема димензија на „студии на случај“. Приказните беа за мене фрапантни, сите имале слично искуство или познаваа некој што имал слично искуство како во мојот филм. Тоа што ги спојуваше нивните приказни беше стравот дека „slut-shaming“ и друштвено исклучување може да им се случи ним, или да им се повтори. Тој страв е длабоко врежан кај цела генерација и понатаму директно влијае врз нивниот развој. Јас како жена сметам дека е исклучително важно да се отвори оваа тема со надеж дека на овој начин нештата ќе се променат во нашето општество.

На кој начин се одвиваше и во што се состоеше соработката на сценариото со Мартин Иванов, кој истовремено е и монтажер на филмот?

– Со Мартин Иванов работиме заедно уште од студентските денови. Додека ги монтиравме краткометражните филмови, секако, разговаравме и за најразлични теми, па во тие разговори почнавме да ја начнуваме темата на филмот. Согледавме дека имаме многу слични искуства од средношколските денови, иако не учевме во исто училиште. Согледавме дека онлајн булингот и „slut-shaming“-от бил присутен. Тоа што нѐ наведе да ја развиваме оваа приказна низ призма на антагонисти е токму прашањето: каков човек би можел да направи такво нешто, зошто некој би направил толку свирепо дело и кои се последиците од него?

Темата на филмот е предизвик за поширока анализа во општеството, а тоа беше повод дел од филмската екипа да биде присутна на дебати низ неколку градови во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово-базирано насилство“ со наслов „Не молчи, не трај, стави крај!“

Камерата точно го фокусира дејството и создава специфичен амбиент во кој се случува приказната. Колку претходната соработка со кинематограферот Наум Доксевски придонесе филмот да биде снимен со вистинскиот ракурс?

– Претходните соработки со Наум ни помогнаа многу, затоа што ние работиме уште од заедничкиот дипломски филм и добро се познаваме, и приватно и професионално. Кога работам со Наум, никогаш немам сомнеж за резултатот што ќе го добиеме на крај. Во подготовките на филмот посветивме долго време за да го пронајдеме визуелниот начин како да ја раскажеме оваа приказна. За мене беше најважно камерата секогаш да го следи главниот лик и да ја долови емотивната состојба. Камерата да ја следи актерската игра, а не обратно.

Во главните улоги на филмот „Сестри“ се појавуваат младите Антонија Белазелкоска и Миа Жиро

Играта на главните ликови е многу природна, кои истовремено успеваат да ја доловат и емоцијата и да ја изразат внатрешната драма. На кој начин се одвиваше комуникацијата со Антонија Белазелкоска и Миа Жиро во текот на снимањето?

– Уште додека го пишував сценариото, знаев дека за да ја постигнам автентичноста на светот на адолесцентите ќе биде потребно да кастирам тинејџери што нема да имаат претходно искуство со глума и снимање. Иако беше огромен ризик, бев свесна дека токму оваа одлука е клучна за да го постигнам натуралистичкиот пристап, кој сметав дека му е потребен на филмот.

За мене ова беше целосно нов пристап, досега не сум работела на овој начин. Ми беше важно девојките и целата актерска екипа што учествуваше во филмот да придонесат во приказната со сопствени искуства. Со Миа и Антонија поминавме три месеци во подготовки, зборувавме за нивни лични искуства што се инфилтрираа во приказната, заедно пробувавме техники на импровизација. Одлучив дека нема да ги оптоварувам со сценариото, па имаа дозвола да го прочитаат само еднаш, а кога излеговме на сет, ги водев низ секој кадар и секоја состојба.

Колку успехот на првото долгометражно остварување ги отвори вратите за следни филмови? Што следно би било во фокусот за нов филм?

– Се надевам дека овој успех ќе ги отвори вратите и за мене, но и за целата екипа што се посвети на филмот. Сѐ уште не сум спремна да го напуштам раскажувачкиот свет на тинејџерите и сметам дека имам уште приказни за истражување и за раскажување.

Марија Димитрова, продуцентка на филмот „Сестри“: Филмот веќе е во кинодистрибуција во Скопје и во Битола

Продуцентката Марија Димитрова и продуцентската куќа „Лист продукција“ во филмот „Сестри“ се вклучени од самиот почеток, кога тоа беше филмски проект во развој и кога добиваше награди на копродукциските маркети. Филмот е снимен во 2019 година на урбани локации низ Скопје, а поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија и е регионална копродукција со Црна Гора и Косово.

Во главните улоги на филмот се појавуваат младите Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Сценариото е на Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, шминката е на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев-Новоградска.

Светската премиера беше во Карлови Вари во август, македонската на 42. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола во септември. Што беше причината малку да се оддолжи премиерата на „Сестри“ во Скопје?

– Одложувањето на премиерата на „Сестри“ во Скопје, што воедно беше планирано да биде и старт на кинодистрибуцијата на филмот, главно беше поврзана со мерките за заштита од ковид-19, кои беа на сила во септември (25 проценти од капацитетот на кино-салите), а и „бранот“ што надоаѓаше. Проценивме дека е подобро да почекаме состојбата да се стабилизира, процентот на вакцинирани граѓани да се зголеми, а мерките да се олабават и да можеме да одржиме скопска премиера на затворено, во услови поблиски до оние на коишто сме навикнати, а и понатаму публиката да може поспокојно да го проследи филмот во кино-салите.

Светската премиера на „Сестри“ помина со награда на фестивалот во Карлови Вари / Фотографија: Михал Уреш

На колку фестивали досега учествуваше филмот и колку награди освои?

– По премиерното прикажување на „Сестри“ во Карлови Вари, филмот учествуваше на уште 15 фестивали, а веќе има покани и за фестивали во 2022 година. На Карлови Вари филмот освои Специјална награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, а на фестивалот „Екс-граунд филм фест“ во Висбаден (Германија) освои награда за најдобар долгометражен филм од младинското жири.

Веднаш по премиерата во Скопје, филмот почна да се прикажува и во киносалите. Какви се плановите во тој правец, каде ќе се прикажува?

– Филмот почна со кинодистрибуција во Скопје од 16 декември, а веќе од 17 декември е на репертоарот и во киното во Битола. Одлучивме да стартуваме со проекции во најголемите градови во Македонија, а по Нова година овој список да се прошири со другите градови, во кои има услови за киноприкажување филм. Исто така, наскоро филмот ќе се прикажува и на Нетфликс.

Филмот „Сестри“ е македонски кандидат за наградата Оскар. Успеавте ли да обезбедите логистика и средства за претставување на филмот низ САД?

– Од декември 2020 година работиме со продажните агенти „Cercamon“, кои се задолжени за продажба и за промоција на филмот надвор од нашата територија. Тие активно работеа на претставување на филмот во САД и пред членовите на Академијата. Се надеваме дека филмот ќе успее да влезе во потесниот избор, кој треба да биде објавен на 21 декември.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 110, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот