Интервју со Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп: Сите треба да го поттикнеме колективното добро

Сакам да имаме фестивал што ќе се менува, но и ќе го менува театарскиот контекст - Ана Стојаноска

Под мотото „Промени се, промени сè“ од 7 до 14 јуни во Прилеп се одржува 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, а со програмскиот концепт „Ново читање“ уметничкиот директор Ана Стојаноска сака да ги прикаже современите трендови во македонскиот театар.

Како театролог, есеист, писателка и професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, но и како авторка на драмски текстови, театарски и театролошки изданија и монографии, д-р Ана Стојаноска до срж ја познава театарската проблематика.

Последниве две години целото свое знаење и искуство ги вложува во што поуспешна реализација на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп како уметнички директор и претседател на Собранието на фестивалот, функции што ги презеде во септември 2022 година.

Минатата година ја промовираше монографијата „Чашуле приказнувачот“, година фестивалскиот фокус го стави на творештвото на Горан Стефановски и на новите тенденции во македонскиот театар. Силно се залага за квалитативни промени во организацијата на фестивалот во Прилеп, но и во системот на македонската театарска продукција.

Уште минатата година, кога го преземавте раководењето со МТФ „Војдан Чернодрински“, почнавте да се залагате за промени. Годинава таквата тенденција ја истакнувате веќе со двослојното мото „Промени се, промени сè“. Какви се желбите, а какви можностите за промени во рамките на фестивалот?

– Желбите се големи, а можностите какви ќе си ги направиме. Мислам дека во секој од нас, ако е доволно слободен и креативен, постои потребата да се менува и открива што сѐ може да направи. Сакам да имаме фестивал што ќе се менува, но и ќе го менува театарскиот контекст, кој ќе иницира промени кај секој што избрал да се занимава со театар. И видливо е тоа, посебно деновиве во Прилеп дека успеваме на некој начин да ја почнеме промената. Тргнавме од начинот на организација, да ги поедноставиме и осовремениме сите активности во самиот процес, да ја креираме поинаквата естетика, па дури и да почнеме со онлајн продажбата на билетите за првпат оваа година. Фестивалот сакам да го поставиме на мапата на сериозни театарски фестивали и да го задржи статусот на најстариот и најважниот театарски фестивал во Македонија.

Меѓутоа, остануваат уште работи да се променат, посебно во односот на оние што се дел од фестивалот. Би сакала да нагласам дека овој фестивал е на сите театри, убаво е да се мисли дека фестивалот треба да прави многу работи за сите театри, но, исто така, и театрите треба да прават многу работи за фестивалот.

Театарот нѐ учи на колективна креативна игра, а тоа е мојата иницијатива од самиот старт на водење на овој фестивал. Сама не можам ништо, посебно не без својот тим, без поддршката од директорите на театрите и посебно не без локалната поддршка. Тоа не би сакала да се заборави никогаш. Ние сме сите дел од големата сложувалка – успешен театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Какви промени му се потребни на македонскиот театар во поширока смисла?

– Коренити или системски промени. Промени кои ќе размрдаат многу работи. Промени кои ќе нѐ изнесат надвор од комфорната зона и ќе ни направат можности за да создадеме успешен театар. За тоа да се случи потребно е да се организира поинаку самиот театарски систем. Не може да создаваме уметност на остарени принципи што не се адекватни на современието.

Потребно е да работиме сите на заедничка цел – сериозна театарска практика, современа и актуелна, професионална и естетски валидна. Имаме театарски професионалци, уметници, продуценти, работници, но некако ја немаме свесноста дека сите треба да го поттикнеме не само личното, туку и колективното добро. Да го тргнеме политиканството од театарот е првиот чекор. Потоа непрофесионалноста. И посебно најважното, театарот да го водат и креираат луѓето што го сакаат и знаат.

Фестивалот стави програмски фокус на творештвото на Горан Стефановски

Фестивалската програма е повеќеслојна со два клучни контексти на концептот „Ново читање“. Со какви намери го избравте фокусот кон творештвото на Горан Стефановски?

– Логично е по минатогодишниот автор во фокус Коле Чашуле, да го насочиме фокусот кон Горан Стефановски. Тој е маркантна фигура на македонската драма и театар. Без Горан многу работи ќе беа многу поинакви. Сметав дека е важно фестивалот да му оддаде чест и почит на големиот македонски драмски автор. До ден-денес кога ги препрочитувате драмите на Горан, секогаш наидувате на реплика од која ви се смрзнува крвта или ви треперат дамарите, реплика која јасно и отворено го илустрира контекстот и односот кон светот, истовремено толку модерно и толку класично истовремено, да не речам, лектирно.

Сметам дека таа промена што ја иницирав со ова издание е, всушност, логична последица на некои негови драми, претстави, предавања, размисли, есеи кои тој ги поставил како коренити во нашиот културен контекст. На овој начин сакам нашиот фестивал да го поставам како координата што ќе покажува како треба да се оддава почит на уметниците и на авторите што се дел од нашата традиција и кои ни овозможиле да дојдеме до ова што сме денес.

На отворањето беше изведена претставата „Хеда Габлер“ од Ибзен во режија на Васил Христов на Драмски театар Скопје

Вториот контекст е фокусиран на современиот третман во театарските претстави. Какви параметри исполнуваат селектираните претстави?

– Сакав да имаме големи фестивалски претстави. Во нашиот театарски контекст тоа значи претстава што покажува одредена промена, која чита и препрочитува на актуелен начин, која креативно ги надминува и сопствените стандарди. Затоа се водев од идејата концептот „Ново читање“ да се презентира низ оваа селекција. Се разбира дека имаше и други претстави што можеа да се земат предвид, но убавината на нашиот фестивал е дека и следната година може да бидат дел од селекција, па така оставив простор да се фокусираме на еден концепт и да го презентираме овие осум дена во Прилеп. Она што останува секогаш како место за коментар е изборот на претставите. Затоа би ја искористила оваа прилика да кажам дека секој уметнички директор создава програма која е негов концепт. И која треба да покаже одредена слика за театарот.

Пошироката фестивалска слика укажува дека дел од активностите сакате да ги извлечете од театарската сцена и да ги распостелете низ целиот град. Со каква цел?

– Фестивалите се измислени и создадени да ја слават уметноста. Театарските фестивали постојат да го слават театарот. А Прилеп има долгогодишна традиција на следење театар, на создавање театар и на славење театар. Сметам дека театарот е многу поширок од тесната рамка на театарската сцена. Иницијално, најмоќните театарски изведби биле тие што биле надвор од сцените, тие што биле водени од уличните изведувачи, оние кои гласно и отворено биле гласот на разумот, совеста на времето во кое се случувале. Мојата идеја беше и е да покажеме различни театарски формати, за да го привлечеме вниманието кон самата сцена. Театарот денес, во однос на доминантните медиуми е малку во заднина, но кога ќе го изнесете надвор од вообичаениот контекст, тој ја привлекува публиката.

Пред почетокот на фестивалот организиравте низа работилници, а еден сегмент беше посветен и на театарската писменост. Имаме театри со одлични актерки и актери, талентирани драматурзи, сценографи, костимографи, композитори… Имаме ли публика што знае точно да ги „прочита“ пораките на театарските претстави?

– Имаме, да. И за време на фестивалов имаме работилници што се случуваат. И тоа дека има публика покажува и интересот за сите претстави од овогодинешната селекција, но и бројот на луѓето што сакаат да учат, помагаат и презентираат театар. Публиката расте заедно со театарот. Тоа е таа непрекината релација од самите почетоци на создавањето на нераскинливата врска на оној што игра на сцена и оној што го гледа. Публиката не смее да се потценува. Публиката е најдобриот пријател, но и најдобриот показател за тоа каков е театарот во една земја. Затоа јас сакам да ја развиваме таа релација со публиката. Затоа имаме и Разговори на тркалезната маса, билтени, критички текстови, непосредна комуникација со театарските уметници. Затоа имаме и дел од работилниците што се посветени на односот на публиката кон театарот.

Отворање на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ на 7 јуни во Прилеп

Во реализацијата на фестивалот е вклучена одлична екипа во секој негов сегмент. Колку односот на екипата и волонтерите е клучен за реализација на успешен фестивал?

– Најважен сегмент, се разбира. За тоа колку е важен покажува интересот на младите луѓе да волонтираат на фестивалот (оваа година имавме пријавени 60 волонтери) и нивните објаснувања дека ова им се најдобрите и најубавите денови од годината. Истовремено, имам среќа што имам одличен тим кој го развива фестивалот на повисоко професионално ниво и кој покажува и докажува како се работи на еден сериозен начин. Секогаш кога се прави одредена промена, има одредени предизвици. Секогаш има некој што не сака да отиде чекор понатаму. Но, тимот на фестивалот е таков што успешно се справува со нив. Покажува дека на креативен и организиран начин може да се направи сѐ што ќе посака. Би сакала да напоменам исто така, дека фестивалот не би бил толку голем и успешен да не соработуваме на најискрен начин сите меѓусебно. Затоа од срце им се заблагодарувам на моите соработници и на сите волонтери.

Каков е Вашиот личен предизвик за успешна реализација на фестивалот во сите негови сегменти?

– Кога се нафатив на оваа работа, првиот мотив беше да не бидам од оние што само ќе кажуваат како не треба, туку дека ќе сработам онака како што знам и сметам дека треба. Вториот мотив беше да го вложам своето знаење и можности да продолжи традицијата на најстариот и најзначајниот театарски фестивал кај нас.

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп е традиција што треба да биде потврдена и препознаена како настан од национално значење. На тој начин се чува културното наследство. На тој начин една држава покажува како се грижи за својата традиција. Предизвици имаше многу, но најважниот е тој дека сакам на градот и на фестивалот да им вратам дел од она што тие мене ми го дале во годините на моето растење. Да оставам трага и да покажам свесност дека со љубов и со работа се постигнува многу.

Предизвици имаше многу, но најважниот е тој дека сакам на градот и на фестивалот да им вратам дел од она што тие мене ми го дале во годините на моето растење

Повторно ќе се вратиме на минатогодишното издание, кога истакнавте дека секое следно издание е чекор кон јубилејот – 60 години МТФ „Војдан Чернодрински“. Со каква визија пристапувате кон овој голем проект?

– Да, некако така си ја зацртав својата програма „Враќање дома“, која треба да трае четири години колку што ми е мандатот. Секое издание полека но сигурно да оди кон шеесеттото. Јубилејното издание би сакала да е посветено на македонската драма и целата селекција ќе биде направена од домашните драмски автори. Мислам дека на тој начин како фестивал ќе оддадеме почит и на минатото и ќе оставиме простор за во иднина.

Во поранешните децении секое четврто издание на фестивалот било посветено на домашната драма. Затоа сакав и така да ја затвориме програмата „Враќање дома“. Исто така, сакам да дојдеме до некои професионални стандарди кои овој фестивал ги почнал уште во 1965 година и ги развивал низ годините. Сакам тоа издание да покаже дека можеме многу повеќе.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 234, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот