Интервју со актерот Никола Ристановски: Борбата против глупоста е многу потешка од борбата против злото

Никола Ристановски
Никола Ристановски / Фотографија: Кире Галевски

Премиерата на претставата „Народен непријател“ од Х. Ибзен во режија на Нина Николиќ во МНТ беше предизвик со актерот Никола Ристановски да ги откриеме основните слоеви на карактерот на главниот лик д-р Стокман.

Финален продукт од комплексниот проект „Патиштата на хероите“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ, а во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан, е претставата „Народен непријател“ од норвешкиот автор Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ.

Премиерата на претставата ќе се одржи на 9 мај на големата сцена во Македонскиот народен театар, со што ќе се одбележи и Денот на Европа. Главната улога на д-р Томас Стокман во претставата ја игра најнаградуваниот македонски актер Никола Ристановски. Иако драмскиот текст е напишан во 1882 година, во разговорот со Ристановски отвораме низа актуелни и современи теми.

Пред околу две години првпат слушнав за проектот „Патиштата на хероите“, но колку време работите на подготовките на претставата „Народен непријател“ од Ибзен во режија на Нина Николиќ во МНТ?

– Веќе поминаа две години од првичната идеја, меѓутоа последниве две години запреа многу други работи, така што и оваа претстава е дел од паузата што ни се створи во нашите животи. Во нормални околности веројатно немаше да имаме толку време за еден наслов да ферментира, но мислам дека тоа е корисно, особено кога се работи за големи автори, како Ибзен. Кога станува збор за големи автори несериозно е нешто да се прави инстант, бидејќи во кратки рокови не можеш да допреш до суштината на делото. Секако, тоа повторно не е никаква гаранција, но е добар темел барем чесно да пристапиш кон авторот и кон темата што се обработува, бидејќи не се лесни за анализа и мора да се работи систематично за да може да се дојде до некое ниво што би го задоволило авторот.

Така што, идејата е од дамна, но претставата се правеше во етапи и сега сме на самиот крај на подготовката, иако и сега се откриваат некои димензии што не сме ги виделе пред неколку месеци. Парадоксално е тоа што сите тие големи автори изобилуваат со едноставност, но до неа најтешко се доаѓа. Нема помошни средства и едноставно мора да ги превземеш големите автори во прво лице еднина и да се справиш со таа потрага по елементарност.

Главната улога на д-р Томас Стокман во претставата ја игра најнаградуваниот македонски актер Никола Ристановски

Текстот е напишан пред 140 години, но што е актуелно во ликот на д-р Стокман, кој го играш во претставата?

– Докторот Стокман е главната улога во драмата и тој е народниот непријател. Еден феномен се појавува кога разговараме за претставите, бидејќи самиот лик во претставата кажува многу повеќе од тоа што може да се објасни. Од друга страна, сите големи автори секогаш се актуелни и затоа се големи автори. Во своите драми имаат сочувано некакви вредности и даваат интроспекција на некои феномени на живеењето и на функционирањето, кои вредат еднаш-засекогаш и никогаш нема да исчезнат. Генерално, целата драматургија не е ништо друго, туку е обработка на борбата на поединецот против групата, независно дали таа група е општеството или средината во која живее.

Досега сум играл повеќе текстови кои поединецот и неговото незадоволство од светот во кој живее го ставаат во центар на вниманието. Секој голем текст од светската драматургија се сведува на тоа. Тоа значи копнеж по елементарна правда и елементарна вистина. Тие се и филозофска и религиска и уметничка категорија. Тоа што текстот бил поставен пред 140 години како современа дилема, а е актуелен и денес, ја покажува разликата во свеста. Може да се толкува и како драма што се занимава со еколошки проблеми, меѓутоа во крајна линија, сепак, тоа е драма за човек којшто е во конфликт со општеството во кое живее токму поради професионалната вистина што се обидува да ја наметне како нешто релевантно. Таа вистина не може да се разбере и затоа влегува во конфликт со потпросекот.

И ние живееме во едни околности кои се далеку од совршени. Демократијата можеме нетактично да ја наречеме и „диктатура на потпросекот“. На крајот пак се сведува на вистината на поединецот наспроти вистините на мнозинството и нивните вредности. Сепак, сѐ уште мислам дека големите поединци носат напредок, во било која смисла, без оглед на тоа дали се доктори, пекари, фудбалери, сеедно, тие со себе повлекуваат критериуми кои ги придвижуваат и средината и светот. Сето тоа е обработено во драмата на Ибзен.

Во големите драмски дела сѐ е напишано, само човек треба да има доволно професионалност, а со самото тоа и доволно време и волја и посветеност да дојде до јадрото, до суштината на текстот / Фотографија: Кире Галевски

При подготовката на ликот се држеше до текстот на Ибзен или зеде предвид и некои современи случувања и размислувања?

– На прв поглед, сите текстови што се напишани пред 200 или 500 години може да делуваат анахроно, меѓутоа тоа е само во лушпата, а кога човек ќе продре во јадрото сфаќа дека ништо помодерно од тоа нема. Затоа нема потреба од смислување или додавање на актуелности, преправање, допишување или приспособување на текстот. Не! Во таквите големи дела сѐ е напишано, само човек треба да има доволно професионалност, а со самото тоа и доволно време и волја и посветеност да дојде до јадрото, до суштината на текстот. Сѐ друго, како прво, е невозможно, а како второ, е непотребно. Тоа е како да сакаш да му најдеш клуч на Чехов. Нема клуч кај Чехов. Неговиот жанр е животот, а за животот нема клуч. Дури нема ни консеквентност. Нема ништо од надвор, туку има само од внатре, а тоа е кажување на личните приказни на ликовите кои треба да се состават во една заедничка приказна. Тоа е толку добро напишано да сѐ што треба е напишано внатре и нема потреба од додавање однадвор, туку треба само да си фокусиран на разоткривање на нештата. Тоа ми беше главната задача и со текстот на Ибзен.

Дали тоа значи дека паметните и големите луѓе го водат светот?

– Не, за жал, паметните луѓе не го водат, но тие го придвижуваат. А тие многу често се непризнаени херои, каменувани од своето време. Средината го каменувала Христа. Кога бил распнат мнозинството само посматрало. Истото се однесува и за Галилео Галилеј. Одбивале луѓето да поверуваат дека Земјата се врти околу Сонцето. Некои и ден-денес одбиваат, но се разбира, имаат право на тоа. Во таква ситуација е ставен главниот лик во драмата на Ибзен. Докторот се обидува да го убеди мнозинството дека водата во нивниот град е загадена. Меѓутоа мнозинството одбива да го прифати тој факт. Станува збор за контролирано мнозинство преку кое излегуваат на виделина интересите на градот, на бизнис-секторот и на целиот систем, кои заклучуваат дека загадувањето е занемарливо и дека треба да живееме врз загадена почва, бидејќи сите имаат некакви краткорочни или долгорочни интереси. Сепак, некои луѓе низ историјата немале способност, ниту волја да прават компромис и затоа биле спалувани на клада.

Колку тоа е потврда на фактот дека едни исти проблеми и исти грешки му се повторуваат на човештвото?

– Апсолутно! И во тоталитаризам и во демократија човекот повторно е слаб, суетен, злоупотребен, уплашен и уште долго време тоа ќе биде така. Дури ниту системот не го менува внатрешниот свет на човекот. Нашата задача, веројатно, е да ги откриваме причините и механизмите за таквата состојба. Веројатно тоа е еден од важните сегменти зашто би се поставувале вакви автори. Тие мора во себеси да носат некаква поука, не во филозофска, ниту во религиска смисла, туку длабоко човечка, хумана порака или мисија, преку која ќе ги согледаме нашите мани и ќе се обидеме самите ние да бидеме подобри. Единствено на тој начин да го промениме светот, бидејќи не постои друг начин. Светот не може да се промени однадвор, мора да се смени одвнатре.

Изминативе две години главно се правеа претстави од камерен тип, а „Народен непријател“ е прва претстава во МНТ во пост-ковид фазава со десетина актери на сцена. Поради неизвесноста со пандемијата, имаше ли страв дека, можеби, театарот ќе згасне?

– Не може да згасне театарот. Многу други работи ќе згаснат пред театарот. Тој страв кај мене го нема, бидејќи сум добро информиран. Театарот трае многу подолго од некои работи што мислиме дека се долготрајни. Театарот е излез за човештвото во нужни ситуации. Дури и лошиот театар е излез. Театарот не може да исчезне како таков, иако се проблематизираше институционалниот театар, но тоа се случуваше во целиот свет. Но, што и да се случуваше, театарот ќе успееше да најде начин да преживее. Театарот е жилава појава.

Од друга страна, пандемијата ја доживеав како мала пауза која никогаш не би можел да си ја дозволам. Во меѓувреме изработив неколку улоги надвор од театарот, на филм. Повторното враќање на сцената го доживеав како нов почеток, како нова возбуда. Паузата поради пандемијата ја употребив за лична интроспекција. Открив што ми недостигало, каде сум грешел, што сакам, а што не сакам. Така што овој период го употребив за себе. Веројатно имам некаква способност да сопствените мани ги претворам во корисности.

Ако се вратиме на ликот на Стокман во „Народен непријател“, драматуршката дефиниција е дека тој е „парадигма на современиот ангажиран маж“. Треба ли театарот да биде ангажиран?

– Мислам дека таа полемика е беспредметна, бидејќи театарот во својот бит е ангажиран и секоја дополнителна ангажираност ја поништува основната ангажираност. Тоа е работа на вкус. Театар може да биде сѐ. Има и легитимен политички театар и многу други театри, но во својата суштина театарот ја содржи ангажираноста. Не мора дополнително да се ангажира. Нема ништо поангажирано од добро поставен „Хамлет“, на пример. Не можеш да му дадеш дополнителна ангажираност, туку може да се случи да го плакатираш, а тоа се случува кога не можеш да допреш до суштината на таа драма. Се разбира, има и одличен ангажиран театар, меѓутоа големите драми и автори се апсолут.

Во крајна линија, најпарадоксално е тоа што еден од најнеангажираните автори е Чехов. Кај него не можеш да најдеш ни трунка плакатна ангажираност. Меѓутоа толку е сведен на анализа на човекот што нема потреба од плакати. Тој се занимава со причините, а не со последиците. Добриот театар, дури и ангажираниот, треба да се занимава со причините, односно да дијагностицира. Можеби не мора да дава одговори, но може да поставува точни прашања.

Ако општеството го гази ангажираниот поединец, тогаш што би можело да биде спас за поединецот?

– Нема спас за поединецот. Тој секогаш ќе биде распнат. Тоа е тоа. Или ќе си го „прифатиш крстот“, или ќе се согласиш со мнозинството. Една од главните теми за кои се зборува во текстот е борбата против глупоста. Таа борба е многу потешка отколку борбата против злото, бидејќи против злото можеме да се бориме на различни начини, но против глупоста сме немоќни. На глупоста не можеш да ѝ се спротиставиш со факти, ниту аргументирано, за разлика од злото, каде можеш да поставиш некаков концепт. Најпосле, во драмата се зборува и за професионалност, во случајов за лекар и за неговата посветеност кон својата заклетва, којашто секоја професија треба да ја има. Затоа мислам дека професионалноста е највисокиот облик на патриотизам. А драмата е многу елементарна. Лекарот дознава дека водата е затруена и дека причините треба да се отстранат. Во спротивно ќе се случи геноцид.

Во преносна смисла, тоа не се однесува само на водата, туку и на воздухот и на сите општествени услови во кои живееме. Наизглед ништо интересно, а во суштина есенцијално. Луѓето ќе се согласат на самодеструкција во интерес на некаков елементарен профит, независно дали станува збор за еден сендвич или за сто милиони долари на Бахамите. Луѓето се спремни да ги жртвуваат и сопствените деца за да добијат некаква моќ. Што е привид, бидејќи моќта не е ништо друго, туку страв од својата смртност, а сите сме смртни. Секое таложење на моќ е една голема самоизмама. Тоа се основните теми во драмата на Ибзен.

Целата драматургија на претставата не е ништо друго, туку е обработка на борбата на поединецот против групата, независно дали таа група е општеството или средината во која живее

Драматуршка белешка: Парадигма на современиот ангажиран маж

Претставата „Народен непријател“ се поставува како копродукциски проект во кој се вклучени актер(к)и од МНТ, а работи и меѓународна уметничка екипа. Драматург е Тамара Барачков од Србија, која прави детален опис на ликот на докторот Стокман.

– Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно. Можеби на почетокот несвесен за последиците и проблемите што ќе му ги донесе неговиот бескомпромисен став, и покрај ударите што му ги нанесе општеството, предводени од владејачката политичка структура и нестабилните новинари, доктор Стокман низ предизвици и падови, созрева и ги зајакнува, ги освестува и ги зацврстува своите крајни цели. Големо прашање е како денес да се прочита и да се толкува крајот на претставата. Во време кога, често, системот успева да го сомеле и да го совлада поединецот, предизвик е да се направи возможен и убедлив Стокмановиот оптимизам и одлуката да остане, но подеднакво важно е и прецизно да се дефинира (следната) цел и да се конкретизира полето за понатамошната борба на овој Ибзенов херој – напиша Тамара Барачков, драматург на претставата.

Фотографии: Кире Галевски

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 127, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот