Интервју на Карлсон со Путин: Нема закана од глобална војна,Русија и Украина ќе се договорат

принтскрин x твитер

Американскиот новинар Такер Карлсон синоќа го објави долгонајавуваното  интервју со претседателот на Русија Владимир Путин, а ова е прво интервју на рускиот претседател за западните медиуми од почетокот на конфликтот во Украина во февруари 2022 година. Путин наведе дека „Русија и Украина порано или подоцна ќе се договорат“.

Зборувајќи преку преведувач, интервјуто почнува со тоа што Путин на прашањето на Карлсон за украинската војна му кажува: „Ова е ток-шоу или сериозен разговор?“

Тој потоа на Карлсон му нуди историска позадина на конфликтот, пред да ги каже своите аргументи за воената акција на Русија. Путин кажа дека сака ситуацијата во Украина да се реши преку преговори. Според него, Украинците и понатаму се чувствуваат како Руси, а тоа што се случува е „елемент на граѓанска војна“.

„Западот мисли дека борбените дејства во Украина засекогаш одвоила еден дел на рускиот народ од другиот, но до повторно обединување ќе дојде“, порача Путин.

– Путин долго зборуваше за историјата на Русија. И искрено, ни беше досадно и го прекинавме неколку пати, а тој беше лут поради тоа. Но, на крајот решивме колку вредат тие одговори. Она што ќе го видите ни изгледа реално, без разлика дали се согласувате со тоа или не. Владимир Путин смета дека Русија има историски права на делови од западна Украина – додаде Карлсон

На прашањето „Кој го крена Северен тек во воздух?“, Путин одговори „Сигурно вие“.

Поранешниот водител на Фокс њуз наведе дека бил „зафатен тој ден“, на што Путин кажа: „Вие лично можеби имате алиби, но ЦИА нема такво алиби“.

На прашањето дали има докази дека зад експлозиите стојат НАТО или ЦИА, Путин кажа дека „нема да влегува во детали“, но дека треба „да се бара некој кој е заинтересиран“ и кој „има капацитети“.

Карлсон го праша Путин дали ги постигнал своите цели во војната.

„Не. Сè уште не сме ги постигнале своите цели бидејќи една од нив е денацификацијата“, одговори рускиот претседател, сигнализирајќи дека Русија сè уште не е спремна да отстапи во Украина.

Путин кажа дека украинскиот претседател Володимир Зеленски по победата на изборите за претседател во 2019 година требало Украина „да ја поведе кон мир“, но дека потоа ја сменил одлуката/

„Според мене, тој помисли дека не треба да влегува во конфликт со неонацистите и националистите во Украина, бидејќи се агресивни и многу активни. А Западот предводен од САД ги поддржува оние кои ја антагонизираат Русија“, кажа Путин, додавајќи дека Зеленски зазел „позиција на моќ“ и покрај ветувањето на народот дека ќе ја сопре војната во Украина.

Путин истакна и дека војната во Украина почнала во 2014 година со државниот удар.

„Ние не ја почнавме оваа војна во 2022. Ова е обид таа да се сопре“, кажа рускиот претседател.

Путин истакна дека Русија морала да застане во одбрана на Србија за време на деведесеттите бидејќи Србите, како што кажа, се особено близок народ на Русите.

„Штом почнаа случувањата во Југославија, Борис Јелцин го крена гласот во знак на поддршка на Србите. Не можевме да не застанеме во одбрана на Србите бидејќи ни се особено близок народ, со православна култура. Тоа е народ кој пател со генерации“, кажа Путин.

Тој додаде дека САД во 1999 со бомбардирањето на Сојузна Република Југославија го прекршиле меѓународното право.

„Со тоа САД ја отворија Пандорината кутија. Што ни беше кажано кога Русија протестираше и го изрази своето негодување? Дека Повелбата на ОН и меѓународното право се застарени. Сега се повикуваат на меѓународното право, а тогаш зборуваа дека сè е застарено“, кажа Путин.

 

За Третата светска војна

Карлсон го праша Путин дали НАТО е загрижен дека ова ќе стане глобална војна или нуклеарен конфликт.

Барем за тоа зборуваат и се обидуваат да го заплашат сопственото население со замислена руска закана. Оние кои се реални знаат дека сево ова е лага. Но тие се обидуваат да ја предизвикаат  руската закана – рече Путин.

Карлсон го праша дали заканата за која зборува е руска инвазија на Полска и Летонија и дали може да замисли сценарио каде ќе испрати руски војници во Полска?

– Само во еден случај, ако Полска ја нападне Русија. Зошто? Затоа што немаме интерес за Полска, Латвија или каде било на друго место. Зошто би го направиле тоа? Едноставно немаме интерес. Тоа е само поттикнување закани – одговори Путин.

На акцентот на Карлсон на аргументот дека Русија ја нападна Украина, и затоа очигледно има територијални претензии во Европа, Путин одговори дека тоа „апсолутно не е точно“.


– Против здравиот разум е да се вклучиш во некаква глобална војна и глобалната војна ќе го доведе целото човештво на работ на уништување. Средства за одвраќање секако постојат – рече Путин.
;

За Кина

Путин рече дека Западот повеќе се плаши од силна Кина отколку од силна Русија, бидејќи Русија има 150 милиони, а Кина има 1,5 милијарди жители и нејзината економија расте 5 отсто годишно.

– Потенцијалот на Кина е огромен. Денес, таа е најголемата економија во светот во однос на паритетот на куповната моќ и големината на економијата. Таа одамна ги надмина Соединетите Држави и рапидно расте. Да не зборуваме кој од кого се плаши – рече Путин.

За Русија во НАТО

Карлсон го праша Путин и дали е вистина дека постои можност Русија да влезе во НАТО. Рускиот претседател одговори дека „се зборувало за тоа“, но дека тогашниот американски претседател Бил Клинтон рекол „не“.

– Можете да го прашате Бил – рече Путин.

За Бајден

На прашањето за последниот пат кога разговарал со американскиот претседател Џо Бајден, Путин одговори дека не се сеќава.

– Му кажав пред инвазијата дека прави голема грешка од историски размери со туркањето на Русија. Прашајте го што одговорил. За што да разговараме? Имаме контакти преку агенции. Постојано му кажуваме на американското раководство дека ќе можеме да се договориме во моментот кога ќе престанат да испраќаат оружје во Украина. Како да го наречам? – одговори тој.

За руското оружје

Путин во интервјуто го пофали и развојот на руската војска, наведувајќи дека руските сили „создале хиперсонични системи кои се уште се развиваат“.

– Ние сме пред сите, дури и пред САД и другите земји кога станува збор за развојот на хиперсонични системи. Секој ден ги подобруваме – објасни тој.

„Војната во Украина ќе ги обликува животите на нашите внуци“

Еден од најпознатите американски новинари, Такер Карлсон, во вторникот објави на социјалната мрежа „Х“ (поранешен Твитер) и официјално потврди дека ќе интервјуира со претседателот на Русија, Владимир Путин.

Како што објасни Такер на самиот почеток на видеото, многу е ризично да се спроведе вакво интервју, а потоа ја објасни причината поради која сака да направи интервју со Путин.

Тој додаде дека го направил интервјуто со претседателот на Русија затоа што тоа е работата на новинарот.

„Ние се занимаваме со новинарство. Нашата работа е да ги информираме луѓето“, кажа Карлсон преку снимката објавена на социјалните мрежи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот