ИНТЕРВЈУ Мила Рељиќ: Главната цел ми е да изборам норма за Олимписките игри во Париз и да освојам медал

фото: Taekwondo klub „Tigri“ - Skopje

Квалификациите за олимписките игри се 9-10 март во Софија. До тогаш ќе имаме два Г1 турнири, 3-4 февруари во Инсбрук, Австрија и 10-12 февруари во Анталија, Турција – вели Рељиќ.

Македонската таеквондистка Мила Рељиќ имаше успешна 2023 година, што е одлична најава за она што следува во 2024 во која главната цел ќе биде да се избори норма за Летните олимписки игри во Париз. Патот до успехот никогаш не е лесен, а Рељиќ со нејзините достигнувања од најсилните меѓународни натпреварувања ветува дека со сето срце, работа и труд годинава ќе се бори за испишување на нова историја за македонскиот спорт, за македонското таеквондо.

Ја добивте наградата „Златна Олимпија“ за најдобра млада спортистка за 2023, а потоа и наградата за млада спортистка на Македонија од Агенцијата за млади и спорт и сојузот на спортски федерации..

– Наградите ми се голема мотивација за напорите што ги вложувам и постигнатите резултати. Секоја награда за млад спортист е вистинска заслуга за тоа што го има остварено и секако уште поголема мотивација за следни повисоки успеси.

Ќе одвојам дел од ланските успеси, златен медал на „Скопје Рамус Г1 Опен“, бронза на Европското клупско првенство во Софија и на отвореното првенство во Турција, сребро на Балкан Г1 Куп во Сараево, сребро на Талин Г1 Опен, како и бронза на Европското првенство У21 во Букурешт. Колку бевте задоволни од настапите и колку беше силна конкуренцијата?

– Минатата 2023 ми беше најуспешна до сега. Имавме 15 меѓународни Г1 натпревари, каде конкуренцијата е огромна бидејќи на тие турнири доаѓаат натпреварувачки од целиот свет каде освојуваат поени за олимписка и светска ранкинг листа. Првите неколку турнири не успеав да освојам медал, но добивав искуство кое многу значеше понатака во освојувањето на следните медали и секако бронзата на Европското до 21г. Покрај овие успеси морам да напоменам дека на Европските Олимписки Игри во Краков во јуни 2023 за малку ми избега медал да освојам. На крај бев петта што и тоа е огромен успех, затоа што на тие игри можеа да учествуваат само 14 најдобри од цела Европа. Потоа на Европско првенство во Олимписки категории во август во Талин, исто така бев 5-та каде повторно за влакно не стигнав до медал. Но, тоа е спортот, конкуренцијата е голема. Се борев со светска класа натпреварувачки некои и за мое неверување успеав да ги победам, а од оние кои губев, губев со минимална разлика.

Кажете ни нешто повеќе и за Таеквондо клубот „Тигри – Скопје“, какви се условите кои секако се неопходни за одржување на тренинзи?

– ТК Тигри опстојува успешно 16г и непрекинато работи. Јас порано како малечка тренирав во друг клуб и потоа се префрлив во Тигри од каде почнав и да правам успеси. Тренираме во училишна сала која само си ја опремивме со татами и со сите потребни реквизити за професионален тренинг. Имаме 4-5 сениори со кои можам да тренирам, но често одиме надвор од Македонија на спаринг кампови, каде се борам и тренирам со други натпреварувачки од мојата категорија. Исто така мојот тренер, Александар Ефтимов, минатата година направи три спаринг кампа во Скопје каде дојдоа натпреварувачки од други земји и на тој начин ја одржувам мојата врвна форма. Последен таков спаринг камп беше во декември месец каде беа дојдени Петра Столбова од Чешка (3-та на светска ранкинг листа), Теопула Сарванаки (светска вице шампионка од Мексико 2022г), Ива Петровиќ од Србија (1-ва на јуниорска ранкинг листа) и ние 4 трениравме цела недела заедно што е одлично 3 натпреварувачки од први 10 на светска ранкинг листа заедно да тренираат и прават спаринзи. Од 2-6 јануари бев во Солун на ТКД Фајт Камп и кон крајот на јануари ќе одиме во Ниш на Астерикс Спаринг денови.

Како течат подготовките, кои настапи ве очекуваат во годината во која ќе се организира и најголемиот спортски настан, Летните олимписки игри во Париз?

– Главна цел оваа година ни е да избориме норма да одиме на олимписките игри во Париз 2024 и секако да освоиме медал од таму. Квалификациите за олимписките игри се 9-10 март во Софија. До тогаш ќе имаме два Г1 турнири, 3-4 февруари во Инсбрук, Австрија и 10-12 февруари во Анталија, Турција. Имаме и еден олимписки тренинг камп во Лондон со британски, американски и други натпреварувачки, но тоа зависи од британска виза дали ќе добиеме на време.
Останатите подготовки ги правиме тука во Скопје, тренинзите се направени индивидуални и со тактики како да ги победам натпреварувачките на квалификациите. Конкуренцијата е голема зашто само 2 натпреварувачки од Европа можат да изборат норма. Во април имаме Европско сениорско првенство Г4 во Белград каде ветувам дека ќе освојам медал, а се надевам на златен. И за крај олимписките игри во Париз почеток на август, каде ако освојам норма да одам, ветувам медал, затоа што конкуренцијата од Европа е најсилна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот