ИНТЕРВЈУ Благица Петрески: Извозните компании ќе бидат клучни во посткризниот период

За извозно-ориентираните компании, ќе биде потребен друг арсенал од мерки, кои ќе им помогне да земат замав кога економијата ќе навлезе во позначајна стабилизација. Менаџирањето на јавните финансии мора да биде прудентно и рационално, со посебна внимателност на долгот кој е неминовно да расте во вакви околности, вели Петрески, извршен директор на Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс Тинк“.

Коронавирусот ја предизвика најдлабоката индуцирана рецесија на македонската економија, а тоа се рефлектирраше врз БДП, кој во вториот квартал од годинава, се намали за 12,7 проценти. Никој не знае до кога ќе трае оваа криза, а државата веќе обезбеди четири економски пакети за помош на стопанството и граѓаните. Економските експерти се најповикани да дадат оцена за тоа што е сработено досега и како понатаму да се искористат сите домашни потенцијали, во смисла на рационализација на трошењата и елиминација на сите непродуктивни расходи во наредниот период.

Владата го усвои четвртиот пакет економски мерки. Првичнитереакции, сепозитивни се додека не почне нивната реализација. Каква е Вашата оценка? Дали пакетот е добро осмислен и може ли да ја ублажи економската ситуација во ова време-невреме?

– Четвртиот пакет мерки е логично продолжение на претходните три и нашата генерална оценка е позитивна. Ние уште во мај-јуни извршивме детална квантитативна оценка на мерката „14.500 денари по работник“ и заклучокот беше дека таа била клучна за опстанокот на околу 60.000 работни места, имајќи предвид дека во вториот квартал беа изгубени околу 15.000 работни места. Остатокот поддржани работни места, околу 55.000 имале помал притисок од кризата, што не значи дека не биле погодени. Но, таа анализа покажа дека во овој втор бран, особено што рестрициите врз движењето се намалија, е потребно потесно таргетирање, односно помошта да стигне до тие на кои им е најпотребна, а со цел и општеството да не генерира загуби со неефикасна алокација. Во нашата продолжена симулација за покривањето на мерката, од почетокот на септември утврдивме дека со тесно таргетирање би се се покриле околу 69.000 работни места до крајот на годината. Навистина, во четвртиот пакет мерки ја гледаме таа мерка редизајнирана, со потесно таргетирање и проценето покривање од Владата од 83.000 работни места. Сепак, мерката само индиректно упатува на дејностите, односно ги таргетира само преку падот на нивните приходи.

Од друга страна, доколку поименично беа таргетирани и дејностите, тогаш ќе можеше и подобро да се опфатат помалите и поранливите претпријатија. Пошироко од оваа мерка, ми остана впечатокот дека четвртиот пакет мерки е се`уште социјален и е помалку развоен. Исклучок се секако одредени гарантни шеми, но тие беа најавени и во третиот пакет. Клучната компонента која треба да се јакне во претстојниот период се мерки и поддршка за компании кои може да го носат растот во посткризниот период, првенствено извозно-ориентираните компании. Според моето убедување, а во моментов Фајненс Тинк отпочна и со длабинско истражување на таа тема, за овој тип компании мерките од типот „14.500 денари“ веројатно не се клучни, па дури и неважни. Кај нив, потребен ќе е друг арсенал од мерки, кои ќе значат поголема подготвеност овие компании да земат замав кога економијата ќе навлезе во позначајна стабилизација и ќе го поддржат растот на економијата на подолги патеки.

За новите мерки ќе требаат и многу пари. Првенствено треба да се соберат сите неискористени средства од министерствата и агенциите, нотоа нема да биде доволно. Дали ќе треба да се задолжуваме и колку тоа ќе не чини во ситуација кога сите финансиери стануваат се попретпазливи и го поскапуваат капиталот?

– Вашето прашање зафаќа повеќе важни аспекти. Прво, да забележиме дека за првите три пакети мерки беа потрошени нешто под 200 милиони евра, наспроти најавите дека тој тежи 550 милиони евра. Второ, државата направи значаен обем на задолжување по почетокот на пандемијата, односно беа позајмени близу милијарда евра, од кои секако сите не се потрошени до овој момент. На пример, на сметката на државата во НБРМ моментално има околу милијарда евра, што е повеќе од доволно за менаџирање на сите ликвидносни потреби. Но, до крајот на годинава доспева за враќање еврообврзницата од 2015 година во износ од 270 милиони евра, што секако ќе го зголеми притисокот врз јавните финансии за 2021 година. Тогаш доспева и обврзницата од 2014-та, во износ од половина милијарда евра. Затоа, менаџирањето на јавните финансии мора да биде прудентно и рационално, со посебна внимателност на долгот кој неминовно ќе расте во вакви околности. Секако дека овие износи што доспеваат ја наметнуваат потребата од ново (ре)финансирање, за кое моменталните изгледи се дека може да се обезбеди по поповолни услови, но состојбата на меѓународниот пазар може нагло да се промени, зависно од развојот на ковид – кризата. Немам дилема дека треба да се искористат сите домашни потенцијали, во смисла на рационализација на трошењата и елиминација на сите непродуктивни расходи, за што ние како Институт говориме со години. Дури, како општество мора да се сме свесни дека и други групи граѓани кои останаа „недопрени“ од кризата, треба да сносат дел од товарот.

Се најавува и ребалансот. Очигледно е дека се што досега не се реализираше ќе треба да се брише. Освен тоа ќе треба да се подготвува и Буџетот за иднатагодина. Што ќе треба да се крати и во двете најавени операции?

– Од страна тешко е да се каже што конкретно треба да се брише и реалоцира, од причина што ретко кога се прави анализа за мултипликативниот ефект на расходите во буџетот. Секако, тука не зборувам за расходите кои се однесуваат на доделени права, како што се правата од социјална и здравствена заштита – тие се гарантирани и ќе останат. Но, сите расходи што вклучуваат дискрециска компонента треба да бидат реевалуирани, не само заради кризата, туку и општо. Вториот момент е реализацијата на капиталните расходи. Рационализацијата на буџетот ослободува простор за капитални трошења, или го смалува притисокот врз дефицитот и долгот, меѓутоа за да јакнат капиталните трошења треба добро развиен и осмислен систем. Видов дека владината програма сега предвидува некаква централна единица во Министерството за финансии која ќе се занимава со следење на реализацијата на капиталните расходи, но останува да видиме како тоа ќе биде поставено и дали може да биде ефективно. Мојот став останува дека секое капитално трошење кое не се базира, во најмала рака, на кост-бенефит анализа сноси ризик да не влијае врз потенцијалот на економијата.

Фајненс Тинк имаше сеопфатна и издржана анализа за импликациите од парафискалните давачки. Владата ги прифати сугестиите и се најавува нивно75 процентно кратење. Дали на тој начин ќе се олесни работењето на компаниите?

– Нашата студија беше прва од тој ранг и ви благодарам што ја квалификувате како влијателна во делот на политиките. Студијата беше експлоративна, значи имаше за цел да ја претстави големата слика и соодветно ги идентификуваше главните проблеми кај парафискалните давачки, со редица конкретни предлози за тоа што да се стори понатаму. Меѓутоа, потребна е дополнителна анализа во сегментот на парафискалните давачки, особено што многу од нив се на општинско ниво, и ние тоа ќе продолжиме да го истражуваме идната година. Во секој случај, студијата го потврди она што постоеше низ бизнис секторот како анегдотски доказ – дека парафискалните давачки се голем товар за компаниите, особено за малите компании, и дека е неопходна нивна рационализација. Сега, гледам дека Владата тргнува во акција за нивно рационализирање, што е добро, но сепак не треба да биде произволно и избрзано, туку проследено со анализа на секоја конкретна парафискална давачка.

Неминовно се наметна темата за етничките субвенции. Како гледате на овој предлог и дали тој е воопшто остварлив?

– Фајненс Тинклани имаше инфографик за продуктивноста на кој беше заклучено дека во јавниот сектор, меѓу 2011 и 2018, таа опаднала за 13,3 проценти, а во истиот период, во целата економија растела за 1 процент. Тоа е најеклатантен пример дека ако главниот критериум за вработување не се квалификациите, знаењето и компетентноста, туку е политичката припадност, роднинските врски, етникумот и слично, тогаш основите за раст на компаниите и економијата во целина се подриваат, што понатаму ја минира општествената кохезија и води кон несреќни луѓе.

Поради административни компликации, не е можно и оваа помош за исплатанапомошта за минималните плати да оди директно на сметките на работниците. Можни ли се повторни злоупотреби од газдите или тие ја научија лекцијата?

– Тоа е прашање кое излегува од економијата. Лично не сметам дека  субвенционирањето на платите треба да оди директно на сметката на работникот, бидејќи на таков начин ја прескокнува врската помеѓу работникот и работодавецот регулирана со договорот за вработување, а целта на таквата помош не е да биде чиста социјална помош, туку помош која и ќе го задржи работното место. Дали работодавецот може да ја злоупотреби таквата позиција и парите да ги задржи за себе – секако дека може, меѓутоа системот тоа треба да го мониторира и да го спречи или да го санкционира ако се случи, каков што беше примерот од пред некој период.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот