Насловна корица на публикацијата „Етнолошки и антрополошки лексикон на Македонија: Личности и дела“

Институтот за етнологија и антропологија ќе промовира капиталното издание од својата област

На Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје (долна зграда на ПМФ) на 10 декември, во 11 часот, ќе се одржи промоција на капиталното издание „Етнолошки и антрополошки лексикон на Македонија: Личности и дела“.

Промотори на лексиконот ќе бидат проф. д-р Лилјана Макаријовска, дописен член на МАНУ, и м-р Елизабета Конеска, кустос-советник. Промоцијата ќе ја отвори Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова.

Публикацијата е резултат на повеќегодишен истражувачки напор започнат во 2022 година на Институтот за етнологија и антропологија. Лексиконот содржи околу 150 единици на над 750 страници што ги опфаќаат биографиите и делата на домашни и на странски етнолози и антрополози што оставиле белег во развојот на дисциплините. Со тоа се создава прва систематизирана целина што обезбедува преглед на повеќедецениската научна продукција и истражувачка традиција во Македонија од овие области.

Потребата од вакво дело произлегува од недостигот на интегриран преглед за личностите и институциите што ја граделе дисциплината, од зголемениот број истражувачи и публикации во последните децении, како и од неопходноста за интернационализација на македонската етнологија и антропологија преку поврзување со странските научни традиции.

Раководител на проектот е проф. д-р Љупчо С. Ристески, а во подготовката на единиците учествуваа сите вработени на Институтот. Автори на лексиконот се Илина Јакимовска, Ана Ашталковска Гајтаноска, Инес Црвенковска Ристеска, Виктор Трајановски, Александар Мешков, Бојана Мирчевска Чаковска, Елизабета Павковиќ, Даворин Трпески, Мирјана Мирчевска и Еда Старова-Тахир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот