Инспектори во Осоговскиот манастир: Фреските биле преправани ама никој не дал дозвола

Фреските во Осоговскиот манастир биле преправани пред најмалку една година, најверојатно од лица на кои управата на манастирот им дозволила да ги исчистат имињата на некогашните ктитори на фреските, дознава Слободен Печат.

Црковните органи наводно не знаеле дека лицата на кои им било дозволено да ги исчистат и освежат потемнетите или избледени имиња на дарителите на манастирските фрески, своеволно и без дозвола се нафатиле да интервенираат и во горниот дел на сликите на светците, каде што стојат нивните имиња, а уште помалку дека ќе ги преименуваат во сосема други личности.

Забележани промени врз фрескоживописот /Фото: Слободен печат/Спона

Манастирот вчера го посетила екипа на Националниот конзерваторски центар, која востановила дека имало нестручна интервенција врз фреските на шест ликови на историски личности од средновековието, ни потврди конзерваторот Дарко Николовски од НКЦ. Преправањето било направено врз фреските на јужниот ѕид на црквата на кои се претставени царот Урош, цар Лазар, кралот Милутин и Стефан Дечански, како и на ликовите на Свети Никодим и Стефан Првовенчани на северниот ѕид.

Според фотографиите објавени минатата недела на сајтот на Српското културно друштво СПОНА од Скопје, кој го обелодени овој случај, овие историски личности претставени на фреските во во главната манастирска црква најпрвин биле преименувани во Свети цар Владимир Киевски, Свети Цар Јован Милостиви, Свети Константин Велики и Свети Никифор Фока, кај кои биле ставени имињата на Свети Константин Кавасила и Свети Јустинијан Први. Фреските се дело на најпознатиот фреско-живописец на овие простори, Димитар Андонов Папрадишки и се со исклучително голема уметничка вредност.

Изглед на Северен ѕид/ Фото: Спона

Нашата екипа, која го посети манастирот Јоаким Осоговски минатиот викенд можеше да се увери дека фреските ги носат точните имиња на светците, но дека на нив има траги од бришење и преправање во делот каде што стојат имињата на ликовите. Дека фреските биле преправани, но без дозвола на Црквата, потврди во изјава за сајтот „религија. мк“, дадена пред неколку дена, кумановско-осоговскиот митрополит Григориј.

Фото: Слободен печат/ Драган Митревски

Од Управата за културно наследство велат дека ќе се изјаснат за случајот откако ќе го добијат официјалниот извештај од Националниот конзерваторски центар кој треба да содржи стручна оценка за тоа колку и како било бришано и преправано.

За „Слободен печат“ потврдуваат дека, доколку навистина имало интервенција на самите фрески, тоа било направено без нивна дозвола и знаење.

„Се работи за споменик од прва категорија и вредно културно и историско наследство“, вели Ацо Костов, директор на Управата за културно наследство.

Фото: Слободен печат/ Драган Митревски

Интервенции врз ваков објект, доколку за тоа се укажала некаква потреба би морале да поминат низ соодветна процедура. Во случај да е потребно да се заштити или поправи некоја фреска најпрвин конзерваторите треба да ја утврдат потребата како и начините како да се изврши интервенцијата, да се извести Министерството за култура и да биде добиена дозвола, вели Костов.

За жал, и овој случај ја потврдува реалната состојба во која дури и најзначајните споменици на културно-историското наследство недоволно се чуваат и заштитуваат, коментираат нашите соговорници. Недостигот на кадри и на ресурси продонесе да нема редовни контроли на највредните објекти кои ги штити државата, па е сосема можно и во иднина да се случуваат вакви работи.

Слободен печат во манастирот Свети Јоаким Осоговски: Пиши-брши врз фреските, „уметникот“ непознат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот