Инспекција во штипската болница: Кои лекари и сестри дежурале ноќта кога никој не ѝ се јавувал на пациентка оставена без кислород која почина?!

Михаела Довичинска, ќерка на 41-годишна пациентка која починала на штипското инфективно одделение со билатерална бронхопневмонија и Ковид 19, обвинува за скандалозно игнорантски однос на медицинскиот персонал на ова одделение.

Ќерката тврди, дека од податоците на мобилниот телефон на мајка и, евидентно е дека таа со часови не успеала да добие ниту едно медицинско лице да и донесе боца кислород во собата, во последните моменти од животот, кога таа боца кислород била клучна за нејзиното преживување!

Објавата на ожалостеното семејство, всушност е индиција за можна неодговорност на медицинскиот персонал во штипската болница. Итно е неопходна промена во системот, отворање на поголем број на линии за информации на семејствата и за помош на пациентите. И семејствата и пациентите кога ѕвонат на двата телефонски броеви или да прашаат за здравствената состојба на нивниот близок, или како пациенти да побараат некој да дојде кај нив во соба, да им донесе нешто или да им помогне, со многу напор и маки успеваат да добијат некој од другата страна на линијата!

Михаило Донев, чијшто татко беше сместен на штипската инфективна клиника пред да почине, вели дека татко му му велел на телефон, дека кај него во соба лекар влегувал еднаш на три до четири часа!

– И сам си седи пациентот, па што му даде Господ. Неколку пати ми се јавуваше татко ми, сам си ја тргаше маската, да ми каже дека никој нема!, ни рече Донев.

Здравјето нема цена, но иако успеете да соберете најмалку 12000 евра за лекување во приватна болница не значи дека ќе го добиете лекот

Како што дознава„Слободен печат“, директорот на штипската болница доктор Ален Георгијев, утринава дал устен налог, да му се даде извештај за тоа што се случувало ноќта кога никој не и одговарал на пациентката.

И директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирина Сотирова Бухова исто така ни потврди дека во тек е вонреден инспекциски надзор за конкретниот случај.

– Им дадов насока на вработените да го испитаат случајот. Има два телефонски броја, докторски и сестрински. На докторскиот број одговара доктор, а на сестринскиот број одговара медицинска сестра. Јас ќе испитам и ќе видам што ќе ми кажат. Знаете ли колку пациенти имаме? Над 60. Персоналот најголем дел од времето е во скафандери растрчан од соба во соба, а семејствата вртат постојано. Кога на некој пациент ќе му биде потребна медицинска сестра, тој врти на телефонот и потоа сестрата се облекува во скафандер и оди во собата, за да му помогне ако има болки или некоја потреба, ни изјави доктор Георгијев.

Утринава на двата телефонски броеви во Штип, и по неколку обиди не ни се јави никој. Телефоните ѕвонат до преѕвонување, а потоа се вклучува автоматска електронска секретарка.

„Се помиривме со сето ова. Судбина. Тие направиле се што можеле, толку можеле и на телефон да ни кренат за информација Презафатени се со пациентите. Тие се грижеле за мајка ми, но не можеле ништо да направат. Сето ова беа мои зборови за утеха на моето семејство и зборови во кои што верував и бев сигурна. Но, знаете до кога? До пред половина час господине Венко Филипче. Додека не го зедов телефонот на мајка ми кој ни го вратија за да ги прочитам јас сите утешни зборови што и ги пишав нејзе, но таа не била во состојба да ги прочита и не ги видов сите нејзини неуспешни обиди да го добие дежурниот медицински персонал на истиот број на кој се јавуваат луѓе од цела држава за да добијат информација за своите најблиски“, пишува ќерката на починатата 41 годишна жена, мајка и сопруга, за која што тврди дека немала никакви претходни заболувања односно коморбидитети.

Таа ги приложува сите повици и смс пораки кои биле упатени.

Фото: Пораки и повици од мобилниот телефон на мајка на Михаела, направени пред да почине

,,Во прилог ви ги доставувам сите повици во кои мајка ми се обидела да добие помош, да добие кислород за да дише. Првите обиди се во средата од 2 и 45 до 2 и 59 кога сигурно и бил потребен кислород за да преживее, но никој не ја удостоил со одговор. Кој мислат дека би вртел на тој број ако нема потреба, посебно не четири пати во текот на 15 минути? Никој, а посебно не пациент кој дише со кислородна поддршка. Истата вечер уште два обиди во 3:24 и 3:51. Колку вродиле со резултат можеме само да претпоставуваме. И еве сме кај клучната ноќ. После нашиот последен „нормален“ разговор на 12.11.2020 во 18:46 часот мајка ми се обидувала да добие помош кај истите тие сестри и доктори со 10 повици, неуспешни! Да, 10 неуспешни повици за да добие можност да дише! И не само тоа. Овде се и две молби за шанса за живот со две пораки од кои едната гласи ,,Ова е итно. Јави ми се.“ што била испратена како брза автоматска порака после неуспешен обид да ги добие преку повик и уште една порака„Боца кислород треба горе во четворката“ – порака испратена со којзнае колку мака и немоќност”, пишува Довичинска.

Лекар или друг здравствен работник, кој спротивно на својата должност, нема да му укаже неодложна медицинска помош на лице кое се наоѓа во опасност за животот или делото е сторено од омраза, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Ако поради ова дело настапи смрт на лицето на кое не му е укажана медицинска помош, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот