ИНФОГРАФИК | Што може да значи повлекувањето на Русија од договорот Нов СТАРТ?

Ракета, Фото: Архива

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот најави дека Русија го суспендира учеството во договор Нов СТАРТ, кој се однесува на намалување на нуклеарното оружје во договор со Соединетите Американски Држави. Путин претходно го обвини Западот дека е директно вклучен во обидите да се гаѓаат руските стратешки воздушни бази, пишува „Ројтерс“.

„Денеска сум принуден да објавам дека Русија го суспендира своето учество во Договорот за ограничување на стратешкото нуклеарно оружје“, рече Путин.

Нов СТАРТ беше потпишан од претседателите Барак Обама и неговиот руски колега Дмитриј Медведев во 2010 година. Тој стапи во сила во 2011 година, а беше продолжен во 2021 година за следните пет години откако Џо Бајден стана претседател на САД. Овој договор им овозможува на инспекторите од двете страни да утврдат дали се почитуваат неговите одредби.

Според договорот, Москва и Вашингтон ветија дека нема да распоредат повеќе од 1.550 стратешки нуклеарни боеви глави и максимум 700 проектили и бомбардери со долг дострел.

Фото Слободен печат

Секоја страна може да врши до 18 инспекции на локации за стратешко нуклеарно оружје годишно за да се осигура дека другата страна не го прекршува договорот и дека не се надминуваат границите.

Сепак, инспекциите предвидени во договорот беа ставени во мирување од март 2020 година поради пандемијата на ковид-19.

Разговорите меѓу Москва и Вашингтон за продолжување на инспекциите требаше да продолжат во ноември минатата година во Египет, но Русија ги одложи инспекциите, а ниту една страна не се обиде да се договори за нов датум.

Русија претходно објави дека сака да го зачува договорот и покрај, како што го нарече, „деструктивниот пристап на САД кон контролата на оружјето“.

Заедно, Русија и САД имаат околу 90 отсто од нуклеарните боеви глави во светот, а двете страни нагласија дека војната меѓу нуклеарните сили мора да се избегне по секоја цена, пишува „Радио Слободна Европа“.

Сепак, руската инвазија на Украина ги турна двете земји поблиску до директна конфронтација отколку кога било во изминатите 60 години.

Соединетите Држави ја обвинија Русија дека го прекршила договорот со тоа што не дозволува инспекции на нејзина територија, додека Москва предупреди дека решеноста на Западот да ја „победи“ Русија може да го запре обновувањето на договорот, кој истекува во 2026 година.

Русија минатата година изјави дека опасноста од нуклеарен конфликт е реална и дека таа не треба да се потценува, но дека треба да се избегнува по секоја цена.

И САД и Русија имаат систем за верификација што гарантира дека нуклеарните ракети не можат „случајно“ да се користат по години на тензии во Студената војна.

Сепак, стравувањата од нуклеарна конфронтација се зголемија од почетокот на војната во Украина. Путин го потсети светот на големината на моќта што Москва ја има во својот арсенал и рече дека е подготвен да ги искористи сите неопходни средства за одбрана на „територијалниот интегритет“ на Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот