Работник во металуршка фабрика / Фото: Слободен печат / Жарко Настоски

Индустријата сега може да гори каков отпад сака и тоа законски да го крие од граѓаните како „деловна тајна“

Пратениците во Собранието вчера го изгласаа Законот за контрола на индустриските емисии, кој треба да го регулира загадувањето од индустриските капацитети во земјава. Од организацијата Зелен хуман град (ЗХГ) велат дека законот е скандалозен и дека со него им се дава можност на индустријалците и бизнисмените да кријат каков отпад горат во нивните фабрики, под превезот на „деловна тајна“.

„Индустријата ќе има право да СКРИЕ информации кои се однесуваат на дизајнот односно на дејноста или активностите на зградата или инсталацијата, составот или употребата на одредени суровини, хемикалии или други материјали или производи ако тие бидат класифицирани како деловна тајна! Тоа би значело дека обичниот граѓанин ќе нема право да знае дали Усје, на пример, гори отпад, гуми или некој друг токсичен елемент! Мерките што се преземаат за да го намалат уништувањето на животната средина што би се констатирало при затварање на инсталацијата може да се СКРИЕНИ како информација (член 24, став 8). Со закон си овозможуваат најмногу 6 месеци (наводно) да загадуваат НАД дозволеното со интегрираната дозвола, а имаат дозвола и за максимум 500 часови во година што е уште полабаво зашто се „докажува“ со мониторинг што индустријата си го спроведува на сама себе, значи никој не ги контролира!“, велат од Зелен хуман град во реакција на носењето на контроверзниот закон.

„Од извештајот од спроведената „јавна“ расправа која ја одржало Министерството за животна средина може да се види дека и Макстил и Усје го „поздравиле“ и го „поддржале“ законот – од што е јасно каков е тој!“, додаваат од иницијативата и велат дека уште еден спорен момент со овој закон е тоа што е донесен во време на изборна кампања, што е спротивно на Архуската конвенција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот