Имавме одлично прво полувреме, но недоволно за сензација во Хале

фото: kfsm.mk

Женската сениорска репрезентација на Македонија со пораз ги стартуваше квалификациите за Евробаскетот 2023 година. Имавме одлично прво полувреме во Хале, и водство (30:26). Но, во вториот дел следуваше голем пад во играта, во кој Германија ги казни сите грешки на нашата селекција за да направи пресврт и да победи со конечни 73:41.

Одлична прва четвртина одиграа нашите кошаркарки и вистинска штета е што ја завршија со „само“ четири поени предност (18:14). Штета од причина што добриот вовед во мечот во Хале, во кој имавме и највисоки (13:4), делумно ги загубивме.

Најмногу поради не баш идеалниот дефанзивен скок. Физички подоминантните Германки остварија предност во скокачките активности. Уште во првите 10 минути имаа девет скока повеќе (14-5). Но, осумте поени кои дојдоа од капитенот Митрашиновиќ (ја даде единствената тројка во тој дел од играта), добрата тимска игра во одбраната, ни ја дадоа таа предност по 10 минути од премиерниот меч во европските квалификации.

Македонската кошаркарка Матеа Николиќ на мечот против Германија/Фото: kfsm.mk

Благодарение на добриот шут од далечина, и успевавме да го сочуваме водството. По втората на тројка Стојановска, а трета наша во втората четвртина имавме 27:22. Но, имавме сериозни проблеми во скокот, особено во заградувањето на рекетот. Со мала помош од Николиќ и Митревска, на полувремето водевме, имавме 30:26, макар што погодувавме со 33.33% во шутот за два, но и за три поени.

Митрашинов на стартот од вториот дел се погрижи за 33:26, а потоа Германија направи серија од 10:0, и по двете врзани тројки на Хабекер, да стигне до првото водство (36:33). Нашиот селектор Александар Ашаданов побара тајм-аут во средината на тој период. Серијата на противникот ја прекина Кожобашиовска. Но, се појави нов проблем во играта на нашата селекција, слабата реализација на слободните фрлања. Во 25 минути од играта не реализиравме дури 10 од 22 изведени „пенали“.

Сето она што се градеше во првото полувреме го загубивме во третите 10 минути. Германките направија високи 28:7, со кои ја преземаа контролата над играта и над резултатот. На влезот во последната четвртина имаа убедливи 54:37. Не го решивме проблемот со скокот, домаќинот имаше двојно поголеми 48/24 во тој сегмент, и стануваше јасно колкав хендикеп претставува отсуството на Девана Бонер и на Ивана Кметовска во рекетот.

Во нашите редови Митрашиновиќ имаше 16 поени, а истиот учинок во германската репрезентација го имаше и Луиза Геиселсодер. Нова шанса за триумф ќе имаме на домашен терен, в недела навечер, во СРЦ „Кале“ – Скопје од 19.00 часот кога ни гостува Босна и Херцеговина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот