Страдате од хипертензија? Три златни правила за оние кои живеат со висок крвен притисок

Фото: Профимедиа

Хипертензијата (висок крвен притисок) е тивка глобална епидемија која погодува повеќе од 1,3 милијарди луѓе во светот, а речиси половина од нив не ни знаат дека имаат висок крвен притисок.

Оние кои знаат дека имаат висок крвен притисок можат да преземат три чекори за да ја држат својата состојба под контрола и да го намалат ризикот од срцеви болести и мозочен удар.

1. Вежбајте, избегнувајте сол, не пушете цигари

Вообичаените совети за здрав начин на живот вредат двојно, ако сакате да избегнете срцев удар, деменција, откажување на бубрезите и други здравствени состојби кои можат да бидат предизвикани од занемарен крвен притисок.

Тоа значи многу вежбање, урамнотежена исхрана, малку сол и живот без цигари. Здравиот начин на живот, исто така, ќе ви помогне да ја намалите потребата од лекови за крвен притисок.

Најдобри се спортовите за издржливост, како возење велосипед, пешачење или пливање, идеално барем три пати неделно по 30 до 45 минути. Притоа, најдобро е да избегнувате преоптоварување на кардиоваскуларниот систем. Ако, на пример, одите да трчате, обидете се да не спринтате до степен во кој едвај дишете.

2. Редовно мерење на крвниот притисок

Ако знаете дека имате висок крвен притисок, треба редовно да го мерите, на пример, еднаш неделно или секој месец, иако, сепак, најдобро е за тоа да се договорите со лекар.

При мерењето на притисокот дома, вредностите обично се пониски отколку оние што ќе ги добиете кога притисокот го мерите кај лекар. Тоа е затоа што многу луѓе во ординација се малку вознемирени, што предизвикува зголемување на притисокот.

Запишувањето на вредностите во дневник или апликација е добра идеја за следење на својата здравствена состојба, дури и ако се чувствувате добро како пациент со хипертензија, вашиот лекар, сепак, треба периодично да го мери вашиот крвен притисок, на пример, на секои шест месеци.

3. Не престанувајте да ги земате лековите

Лековите треба да се земаат точно како што е пропишано од лекар. Ова значи дека дури и ако се чувствувате добро, не треба да ја намалувате дозата – барем не без одобрение од лекар.

Секој што зема АЦЕ инхибитори, сартани или диуретици треба редовно да ги контролира функцијата на бубрезите и нивото на калиум, затоа што тие лекови, кои се користат за лекување на висок крвен притисок, може да ги оштетат бубрезите.

Експертите за здравје на срцето советуваат прегледи еднаш пред да започнете со терапијата, четири недели потоа, па по три месеци, а потоа на секои шест месеци, пренесува ХИНА.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот