Имам закани од овие психопативе од Десна, изјави Гоце Трајковски, донесен од Шутка да сведочи во Судот
Гоце Трајковски, еден од клучните сведоци за убиствата на Вања и Панче, кој водел паралелна истрага со полицијата за девојчето, донесен е од затворот во Шутка каде што заврши како обвинет за палење на кафуле во Кисела Вода.
Препорачано
Тој рече дека не познава никој од обвинетите, обвинетиот Љупчо Палевски бил во сродство со мајка му Кираца Трајковска.
Веднаш штом застана зад пултот за сведочење кажа дека има закани од партијата Десна која ја водеше Палевски.
-Имам закани од психопатите од партијата, од овие овде на Фејсбук – рече Трајковски.
Како што рече, му се заканувале од профилот „Недвижности Битола“ со порака „да пази што зборува да не пропадне во дупка“.
-Јас не сум 14-годишно девојче, ниту старец, не им се плашам – рече тој.
Со таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет, имале старо кумство, Ѓорчевски му бил кум на првата свадба.
Кога видел дека има исчезнато девојче и кога мајка му му кажала кое е девојчето, иако не се чуле 15 години, му понудил помош на Александар, која тој ја прифатил.
Трајковски кој беше во бегство и осомничен за палење кафуле, минатиот месец се предаде на полицијата. Тој на 15 ноември требаше да сведочи за неговата улога во потрагата по Вања, но не се појави во судницата поради панични напади.
Тој е сведокот кој водел истрага со таткото на Вања и заедно трагале по неа. Собирале и прегледувале снимки. Неговата мајка Кираца Трајковска, поранешна директорка на „Фершпед“ која исто така беше сведок, кажа дека тој имал здравствени проблеми. Подоцна се дозна од Обвинителството на брифинг, дека тој има и својство на осомничен за подметнување на пожар, бидејќи според податоците оттаму, на 13 ноември со уште три лица, запалиле кафуле кое било лоцирано во зграда во Кисела Вода.


