Илјадници цвеќиња пролетва ќе го разубават Скопје

Фото: Град Скопје

Подготовките за пролетното раззеленување на јавните површини на целата територија на градот Скопје се во полн ек. Како што информираат од ЈП „Паркови и зеленило“, во чија надлежност е зазеленувањето и уредувањето на парковите, булеварите и другите зелени површини во градот, нивните екипи овој период се насочени на подготовка на теренот за претстојниот период, пролетта.

– Екипите активно од јавните зелени површини вршат собирање на лисната маса, чистење на зеленилото од камења, отпадоци, паднати гранки за да бидат подготвени и спремни за првото пролетно косење. Исто така, се врши кроење на грмушките, кроење на розите, ниската и високата вегетација, давајќи им облик за да ја добијат својата убава форма напролет – информираат од ЈП „Паркови и зеленило“, од каде што потсетуваат дека одржувањето на зеленилото во Скопје е процес што налага редовни активности, а не само сезонски.

За разубавување на градот, ова јавно претпријатие во соработка со Град Скопје има акции за садење нови садници на дрвја, како и за садење различни видови цвеќиња.

-Претпријатието во соработка со Град Скопје, секоја година напролет и наесен, како најпогоден период за садење садници, спроведува акција за садење садници од повеќе видови, и тоа на локации низ јавните зелени површини, булеварското зеленило и парковите. Тука би ја истакнале последната голема есенска акција каде што заедно со Град Скопје засадивме околу 15.000 висококвалитетни садници низ зеленилото во градот. Исто така, уредувањето и разубавувањето на зеленилото се составен дел од хортикултурата на еден град. Сметаме дека Скопје во однос на зеленилото е град со традиција, со доволно зеленило каде што се издвојува цвеќето. Претпријатието во соработка со Град Скопје и по налог ги уредува цветните делови од зеленилото утврдувајќи ја и соодветната локација за нив – објаснуваат од ова јавно претпријатие.

Во последните неколку години, освен садењето цвеќињата на зелените површини, сѐ почесто граѓаните имаат можност да уживаат во интересни цветни фигури по скопските улици. Најинтересни се желките, штрковите, но и топките од цвеќе, кои можат да се забележат на повеќе локации во градот.

– Заедно во соработка со средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ кои ги подготвуваат и ги изработуваат металните конструкции за цветните фигури, нашите екипи понатаму ги уредуваат со садење сезонски цветен расад, соодветен за конкретната цветна форма – велат од претпријатието од каде што објаснуваат и дека во производствените расадници на „Флораком“ ДООЕЛ, се произведуваат повеќе видови сезонски цветен расад, кои ги задоволуваат потребите за раззеленувањето на Скопје.

– Од есенскиот расад застапени се: темјанушката, хризантемата, украсната зелка, бела рада, брасика и селене пендула. Произведуваме и повеќе од 20 различни видови летен расад: бегонија, видови петунија, инпатиенс, џунџуле, винка, видови сардела, копривки, вербена, жарче, стратор, агератум и други. Од перените произведуваме: рузмарин, лаванда, сантолина, цинерарии и фестука. Од саксиското цвеќе најзастапени се: алојата, шефлера, јука, красула, папрат, пилеа, традесканција, хлорофитум и разни видови мини кактуси, додека од сеченото цвеќе застапена е стрелицијата. Исто така, се одгледуваат и повеќе видови на зимзелени, листопадни садници и грмушки – велат од таму.

Поголемиот дел од цвеќето е за потребите на уредување на градското зеленило, но од одгледаните растенија дел има и за продажба за сите заинтересирани граѓани што токму од овој расад сакаат да си го разубават својот дом, двор или градина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот