Илирида за почетници

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Илирида треба да биде регистрирана и да им се претстави на гласачите. Можеби платформата на партијата ќе привлече гласови, можеби Илирида ќе освои и некое пратеничко место, но поважно е што така меѓународната заедница конечно ќе биде алармирана, па многу е веројатно дека и нашиот пат во Европската Унија ќе биде олеснет.

За тие што не стигнале да дознаат што е Илирида, а во меѓувреме се подисплашиле од формирањето политичка партија со истото име, им препорачувам да се информираат на Википедија.

На интернет-енциклопедијата, Илирида е опишана детално на англиската верзија, а во пократки црти може да се пронајдат статии на српски, хрватски, српско-хрватски, босански, португалски, француски, романски и на албански јазик. На македонски јазик, за жал, нема ниту еден збор напишано на оваа тема. А, ако ви е тешко да пребарувате, тогаш може да дознаете нешто и од моето „свежо“ знаење за Илирида.

Во суштина станува збор за неславен обид за прогласување на Илирида или на Република Илирида на безмалку половина од територијата на Македонија, населена со етнички Албанци. Идејниот творец на Илирида е Невзат Халили, по професија професор по англиски јазик, а потоа и пратеник во Собранието. Интересно е што Халили двапати прогласуваше Илирида, првиот пат во 1992 година, а потоа и во 2014 година. Треба да се потенцира дека Илирида, во строго правна смисла, не значи и отцепување на т.н. албански територии од Македонија. На почетокот тоа беше автономија и спојување на Албанците од поранешна Југославија во една административна целина, за по распадот на поранешната држава и прогласувањето на независноста на Косово, идејата да еволуира во обид за федерализација на Македонија.

Во 1992 година имаше и некаков референдум и не баш мали протести во Скопје, инспирирани од Република Илирида, но поводот за излегувањето на демонстрантите во непосредна близина на Бит-пазар беше апсењето на едно малолетно момче од страна на македонската полиција, под обвинение за илегална продажба на цигари. На крајот овие немили настани се завршија со најлошото можно сценарио – во полициската акција четворица од демонстрантите го загубија животот. Во тие драматични денови пред 2.500 насобрани луѓе во Струга, Халили ја прогласи Република Илирида, која, ете, до ден-денес остана само на хартија.

Треба да се напомене дека Халили и во 2014 година повторно ја прогласи Илирида, но тогаш тоа го стори пред опскурен број свои соработници, во потполност игнориран од релевантните политички субјекти на Албанците во Македонија.

Тактиката повторно се менува, па сега Република Илирида еволуира во обид за формирање политичка партија Илирида, во чија програма повторно се содржани заложбите на Халили за федерализација на Македонија. За разлика од 2014 година, овој пат тоа предизвика сериозна дебата во нашата земја, како и панични реакции на „загрижените патриоти“ од македонскиот блок, кои повикуваат на остра реакција на Обвинителството и на другите надлежни институции, кои не би смееле да дозволат Илирида да биде регистрирана како политичка партија.

Мислам дека тоа е погрешно.

Во духот на демократијата и слободата на изразување, Илирида треба да биде регистрирана и како таква да им се претстави на гласачите. Можеби платформата на партијата ќе привлече гласови, можеби Илирида ќе освои и некое пратеничко место, но тоа и не е многу битно, поважно е што така меѓународната заедница конечно ќе биде алармирана, па многу е веројатно дека и нашиот пат во Европската Унија ќе биде олеснет и ќе започне да се одвива по забрзана постапка. Сличен процес предизвикаа и нон-пејперите, кои успеаја да го вратат вниманието на ЕУ врз регионот, откако по бриселските кулоари почнаа да се појавуваат карти со прекроени граници на Балканот.

Не сакам да бидам погрешно разбран, па некој да помисли дека ја минимизирам опасноста од федерализација на Македонија. Едноставно сакам да кажам дека Илирида нема никакви шанси да ја федерализира државава, но тоа не значи и дека некои други, многу посериозни политички фактори, „малку по малку“ нема да успеат во тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот