Хуманитарна акција „Сите за Мартин“ – возила со доброволци и опрема од Македонија тргнаа кон Халкидики

Седми ден трае потрагата по Мартин на Халкидики/Фото: Скриншот/Фејбук, Voria.gr

На социјалните мрежи македонските граѓани се мобилизираат за потрагата по 31-годишниот Мартин кој во неделата исчезна во водите на Егејското Море од плажата Мити на Халкидики.

-Потребно е едно доброволно лице, односно една кола, кој ќе се нафати да отиде до Халкидики утре. Покриено е патен трошок, смештај и јадење, целта е да се однесе опрема и лица, стручни спасувачи, кои ќе помогнат во барањето. Најверојатно ќе се остане цел викенд. Битно е да е поголема кола, караван или џип со цел да собере повеќе опрема, стои во објава на Фејсбук групата „Сите за Мартин“ и веќе се пријавуваат и возачи со сопствени возила.

-Почитувани Хуманитарци потребни се повеќе двогледи за утрешната екипа која ќе тргне за Халкидики во потрага по Мартин. Ќе бидат вратени соодветно со крајот на потрагата. Поради брзото организирање ве замолуваме да ни ги предадете во Центар или Аеродром – Скопје, објавија од страната Хуманитарни акции.мк

 


Вчера бил одржан и собир за помош и поддршка за потрагата по Мартин, при што идентификувана е потреба од луѓе кои знаат грчки, екипа со дронови (клубови, поединци и слично), луѓе со параглајдери/ Воздухопловни екипи, бродски клубови, едрилици, чамци, глисери и слично како и финансиски донации за гориво за воздухопловните и водените пребарувачи и за волонтерите, бидејќи официјалната потрага од државата е значително намалена после четвртиот ден.

– Контактирајте ваши познаници, фирми и кој било што мислете дека може да придонесе и помогне на кој било начин. Да ги тагираме надлежниве институции на сите објави, да бидеме што побројни и погласни. Да се чуе нашиот глас насекаде! Секоја помош е добродојдена. Да направиме се што е во наши раце за потрагата да продолжи и нашиот Мартин да се врати! Однапред благодариме за секоја ваша помош, стои во овој апел.

Паралелно тече и прибирањето на финансиска помош за пронаоѓање на Мартин преку апелот кој го објави неговиот другар Иван кој беше пронајден во неделата, ден по критичниот настан кога тројцата пријатели Иван, Васил и Мартин од плажата Мити, кај Посеиди беа однесени од морските струи далеку од брегот.

Братот на Мартин денеска пристигнува на Халкидики со надеж дека ќе го пронајдат Марти.

„Ми рече дека ќе ги помести небото и земјата за да го најде својот брат, мобилизирајќи се што му треба внатре. Ни рече да бидеме спремни на се и можеби ќе плати повторно да надлета авион да полета, како што се случи вчера“, изјави вчера за Voria.gr шефот на волонтерски спасувачи Рамос.

„Ќе направам се и по секоја цена да го најдам мојот брат“, му рекол братот на Мартин на Рамос.

Воедно тој информираше дека психолошката состојба на мајката на 31-годишниот е многу тешка. „Се надеваме дека со доаѓањето на другиот син таа ќе може малку да се смири. Таа е жена сама во земја која не го ни зборува јазикот. Дури и некои нејзини роднини кои дојдоа од Северна Македонија си заминаа и таа е сосема сама, само со нас“, додава тој.

Грчката крајбрежна служба продолжи со потрагата, се вклучи и полицијата

Денеска е во тек голема потрага со три пловечки пловни објекти, летала и дронови како и пешачки дел. Понатаму, се очекува повторно да полета авионот на Солунскиот аероклуб, додека доколку нема резултат, утре, како што нагласува Христос Рамос, ќе се користи специјален дрон со термални камери кој се очекува да донесе повеќе резултати.

Како што соопшти прес-службата на крајбрежната стража, таа од своја страна изутрината извршила копнени претреси, кои воедно биле и последни, бидејќи отсега инцидентот го истражува полицијата.

Во областа има добри временски услови кои помагаат во пребарувањето за следење.

Воедно, градоначалничката на Касандра, Анастасија Чалкиа, за Voria.gr нагласи дека „општината Касандра е тука за се што е потребно. Досега ништо не ни е побарано, но тука сме да помогнеме“.

Како се случи инцидентот?

Сè започна кога тројцата мажи го избраа Халкидики за одмор, по повод прославата на роденденот на Иван. Како ден за роденденско славје тие ја избраа саботата, иако во околината дуваше силен ветер, па отидоа на песочната плажа Мити која е позната како опасна и непредвидлива, но веројатно тројцата пријатели не го знаеле тоа па влегле во морето да пливаат.

Дента тие се однесени од морските струи далеку од брегот. 25-годишниот Васил прв се извлече од брановите со помош на луѓе од крајбрежната стража.

30-годишниот Иван е пронајден жив во неделата откако пливал 20 часа со помош на топка. Откако излезе на брегот, тој рече дека неговото спасување е најдобриот роденденски подарок досега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот