Хроничните болни бараат да бидат ослободени од работа и да имаат редовни контроли

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Хронично болните пациенти бараат од Министерството за здравство и од Владата да ги ослободи од секакви службени обврски во услови на кризна состојба. Алијансата на пациентски организации потсетува дека хронично болните пациенти имаат потреба од редовни прегледи и контроли.

„Според моменталната ситуација со ковид-19, свесни сме дека на дел од пациентите не треба да им се врши преглед или да им се доделува терапија со физичко присуство и за таа група пациенти ја поздравуваме можноста за телефонска консултација и издавање електронски рецепт. Но, да не заборавиме дека меѓу нас има и хронично болни пациенти, кои се со влошени резултати и кои имаат потреба од редовни посети во соодветни специјалистички амбуланти, центри и клиники“, велат од Алијансата.

Оттаму укажуваат дека хронично болните имаат потреба од непречено функционирање на сите специјалистички амбуланти и центри.

„Ова подразбира дека нашето барање до Министерството за здравство е да се создадат можности сите лекари и специјалисти по хронична болест како и едуцираните медицински сестри да имаат редовно закажани термини. Воедно бараме итно да се донесе одлука за ослободување на хронично болните од училишни, студиски и работни обврски се до завршувањето на кризната состојба. Само заеднички со меѓусебно разбирање, но и со почитување на потребата секој здравствен проблем да добие соодветна медицинска грижа, како и да ги заштитиме хронично болните од можна инфекција со коронавирус, да создадеме предуслови да имаме здрава нација, која секако ќе ни треба по завршувањето на оваа светска здравствена криза“, вели Биба Додева, претседателка на Алијансата на пациентски организации на Македонија.

И претходно хронично болните пациенти се обидуваа во неколку наврати да ја разубедат Владата да ги ослободи од работни обврски, но тогаш надлежните тврдеа дека со потврда од специјалист доколку болеста им е влошена, можат да го сторат тоа. Тие се жалат дека препораката, пациентите кои ќе имаат влошена состојба кои ќе бидат прегледани од специјалист и ќе добијат боледување, не функционира во практика. Така тие се во ситуација на секои 15 дена повторно да посетуваат специјалист и да прават контроли.

Исто така, хронично болните се жалат дека нема промена во правилникот за боледување од Фондот за здравство.

– Она што никој не го поставува како прашање е врз основа на што хронично болните седат дома. Матичниот лекар нема можност да издаде боледување подолго од 15 дена. Така што, според мене, треба да се предочи дека и покрај извештајот од специјалист, хроничните не седат дома бидејќи нема нов правилник, а комисијата ги одбива – тврди Ана Нестороска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот