Христо Петрески избран за претседател на Друштвото на писатели на Македонија

Христо Петрески е нов претседател на Друштвото на писателите на Македонија. На Собранието на ДПМ тој беше избран со 56 гласови, осум повеќе од неговиот противкандидат Живко Грозданоски, и ќе ја води писателската асоцијација во наредните четири години.

За претседател на Собранието на ДПМ е избрана Кристина Николовска, а за Претседателството на ДПМ: Весна Мојсова-Чепишевска, Васил Тоциновски, Зоран Анчевски, Јулијана Величковска, Славчо Ковилоски, Лилјана Пандева, Владимир Мартиновски, Александра Јуруковска и Марина Мијаковска. Писателот Христо Петрески ќе ја преземе функцијата од Соња Стојменска-Елзесер, која го раководеше ДПМ од 2018 до 2022 година.

Петрески (1957, Крушево) членува во ДПМ од 1985 година. Дипломирал на Економскиот факултет на УКИМ во Скопје. Основач е и директор на издавачката куќа „Феникс” и на Фондацијата „Македонија презент”. Во својата изборна програма Петрески наведе дека ќе се залага еднаш во годината, да се примаат нови и млади членови во ДПМ, но со почитување на сите правила и критериуми за прием. Тој предлага да се воведе и награда за драмски дела, која може да го носи името на Горан Стефановски. Предлага и дисперзирање на книжевните настани со карвани од писатели низ земјава.

Петрески ќе се залага за меѓународна соработка со потпишување спогодби со сродни институции, пред сѐ од соседството. Во наредните четири години тој предлага ДПМ да објави шест антологии на современата македонска поезија, проза, критика, есеј, драма и творештво за деца и млади, а просториите на Друштвото да бидат реновирани. Членовите на ДПМ, како што стои во неговата програма за кандидатура, ќе имаат членски книшки со кои ќе остваруваат право на попуст во театар, кино, железнички превоз, ресторани… На домашна адреса тие ќе го добиваат и списанието „Стожер” – единственото гласило на ДПМ.

Видео на денот