Хрисохоидис: Загинати се шестмина туристи од Русија, Чешка и Романија, меѓу кои и две деца, а исчезнат е рибар

Сакам да истакнам дека немаше поплави, туку паднати дрва поради силниот ветер и ова беше причина за смртта на луѓето, рече министерот за цивилна заштита на Грција, Михалис Хрисохоидис за време на вонредниот состанок во Солун одржан утрово, по невремето на Халкидики, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот потврди дека загинати се шестмина туристи од Русија, Чешка и Романија, меѓу кои и две деца, а исчезнат е рибар, по кого трага крајбрежната стража.

По невремето постојат сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија што е во прекин од вчера во повеќе делови на Халкидики.

Паралелно, огромна штета е предизвикана на патната мрежа во општина Халкидики.

– Ќе работиме во следните часови и денови да се врати во нормала животот во регионот. Ова е наша должност, а во продолжение ќе дознаете и за санирање на штетите и сѐ друго што е предвидено со законите. Тука сме сите заедно да го поддржиме Халкидики, да изразиме жалење за невините жртви и во исто време брзо да ги затвориме раните, рече Хрисохоидис.

На состанокот во Солун одржан рано утрово освен министерот присуствуваа и префектот на регионот Централна Македониа, Апостолос Ѕиѕикостас и неговите заменици надлежни за цивилна заштита, градоначалникот на градот, претставници на војската, полицијата, крајбрежната служба и итната помош со цел да се одредат конкретните чекори и мерки за справување со ситуацијата.

Министерот упати апел до граѓаните доколку имаат информации за исчезнати, да пријават на телефонските броеви 100 на грчката полиција и 112 на цивилната заштита.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот