Хирургот Ѓорги Јота оставен од државата откако го прегази малолетник без возачка дозвола: Од џеб платив 12 илјади евра за да проодам во Љубљана

Д-р Ѓорѓи Јота
Фото: Д-р Ѓорѓи Јота/Приватна архива

Долгогодишниот дигестивен хирург и професор на Медицинскиот факултет, доктор Ѓорги Јота бил одбиен за лекување и рехабилитација во Љубљана од страна на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, иако љубљанскиот Завод за физикална терапија е единствениот во Јужна Европа кој работи на проодување со робот. Пред неколку месеци, додека одел на Клиника, надвор од работното време за да посети пациенти кои ги оперирал претходниот ден, професорот беше прегазен од малолетник без возачка дозвола и тоа на пешачки премин.

Малолетникот уште не е осуден, а доктор Јота од свој џеб за рехабилитацијата во Љубљана платил 12 илјади евра, бидејќи формално правно, како што навеле правниците на ФЗОМ, рефундација не му следувала за рехабилитација. Меѓутоа, како што вели тој за „Слободен печат“, самата рехабилитација во Љубљана, за него била и лекување, затоа што благодарение на методата што ја користеле тамошните доктори, успеал да прооди за само два дена. Истото не можел да го направи во Македонија со месеци.

Тој за „Слободен печат“ вели дека после 35 години хируршка работа и спасени илјадници животи, смета дека заслужил не отстапка, туку да се олеснат условите за неговото лекување во Љубљана, наместо да се занимава со бирократски процедури.

– Комисијата што беше надлежна за мене, составена меѓу другото од неврохируг и од трауматолог, поднесе барање до Фондот, но од Фондот ме одбија. Специјалистите ја проценија ситуацијата и проценија што е најдобро за мене во тој момент. Во барањето пишува дека со оглед на типот на повредите и тоа што се очекува понатаму, за мене ќе е најдобро да одам на физикална терапија во Љубљана, каде што постои робот-проодување, бидејќи неподвижен бев пет месеци. Меѓутоа, пред десетина дена проодев во Љубљана. Тоа е навистина одличен центар и ми кажаа дека таму за два дена ќе проодам, што и се случи. Пред тоа се обидував на секој начин во Македонија, но не успеав. Но, ФЗОМ ме одбиле за рефундација, затоа што не е предвидена рефундација на средства за рехабилитација, туку само за лекување. Но, јас бев на лекување во Љубљана фактички. Самата рехабилитација со робот, мене ме излечи од неподвижноста. Ме чинеше тоа 12 илјади евра, си ги платив од џеб. Размислував дека животот ми е помил отколку да се расправам со бирократите на ФЗОМ. Нема шанса. Бев пред четири години во Норвешка, работев, па дел од тие заработени пари ги дадов за лекување, само да проодам. Правниците рекле дека не е предвидено рехабилитација да биде рефундирана. Но, јас овде не проодев. Овде тапкав во место, вели доктор Јота за „Слободен печат“.

Одлуката на Фондот за него била чудна.

– Искрено да ви кажам, кога го прочитав законот, правниците навистина работеле по законот. Но, јас како човек кој има спасено илјадници животи, мислам дека имам право, не да се направи некоја отстапка, туку некоја лесна измена на правилникот. Затоа што објаснувањето на комисијата беше многу убаво, стоеше дека ќе одам во Заводот за физикална терапија каде што ми е неопходно лекување со робот проодување. Зашто јас се спремам повторно да се вратам на работа, ќе треба повторно да се оперирам. Кога го одбија тоа, ми падна чудно. Заводот за физикална терапија во Љубљана е единствениот во Јужна Европа каде се работи робот проодување. Роботот мене ме прооде навистина, тоа е нешто феноменално, додава професорот.

Сообраќајката се случила кога докторот одел да посети двајца пациенти што ги оперирал претходниот ден.

– Вистинска среќа е што сум останал жив. После комата брзо се разбудив. Првиот збор што го проговорев после комата беше на норвешки. Централно, со паметот брзо се опоравив, меѓутоа бев врзан за постела. Не можев да се движам. Овде четири месеци никој не ми го среди лакотот. Требаше лакотот да ми го оперираат. Бидејќи нервот е фатен во калцификати и меѓу две коски и имав ненормални болки два три месеци. Покрај тоа што бев во Љубљана на рехабилитација, бев и во Клинички центар кај доктор Кастелец кој е трауматолог и тој го виде моето рамо и ми рече дека нервот мора хируршки да се третира. Моментално не можам да го свиткам бицепсот никако. Ќе треба да ми го издолжат и тоа со две операции. Едната операција е закажана во октомври за продолжување на мускулот. Овде никој не се нафати на тоа. Мислам дека ако продолжам вака со опоравувањето ќе бидам способен да се вратам во операциона сала за пет шест месеци. Десната рака и нозете ми работат, меѓутоа левата рака ми е ограничена поради нервот, додава докторот.

Шеснаесетгодишник без возачка дозвола со БМВ го прегази хирургот доктор Ѓорѓи Јота

Видео на денот