Хилари и Бил Клинтон на инаугурацијата на Трамп/Фото: EPA-EFE/SAUL LOEB / POOL

Хилари Клинтон на сведочењето пред Конгресот: Никогаш не сум го сретнала Епстин во животот, што не го распрашате Трамп вака под заклетва?

Сведочењето накратко беше прекинато откако републиканската конгресменка Лорен Боберт ја фотографираше Хилари Клинтон за време на затворената постапка и ја испрати фотографијата до конзервативен инфлуенсер, кој ја објави на мрежата „Икс“. Иако призна дека ја испратила фотографијата, Боберт тврдеше дека не направила ништо спорно, и покрај тоа што ги прекршила правилата на Комитетот.

Поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон денеска им изјави на членовите на Конгресот дека немала никакви сознанија за кривичните дела на Џефри Епстин и на Гислејн Максвел, со што започнаа дводневните сведочења зад затворени врати, во кои ќе учествува и поранешниот претседател Бил Клинтон, објави „Асошиејтед прес“.

– Немав никаква претстава за нивните криминални активности. Не се сеќавам дека некогаш сум го сретнала господинот Епстин – наведе Хилари Клинтон во воведната изјава што ја објави на социјалните мрежи.

Таа потсети на своето искуство од периодот во Белата куќа и како државен секретар, нагласувајќи дека на терен се соочувала со сурови последици од трговијата со луѓе. Посочи дека во Југоисточна Азија среќавала малолетни девојчиња присилени на проституција и изложени на тешки злоупотреби, од кои некои подоцна починале од болести, додека, пак, во Источна Европа разговарала со мајки што ги изгубиле своите ќерки во мрежи на трговија со луѓе и немале каде да побараат помош. Според неа, во многу делови од светот преживеаните останувале без поддршка од институциите, кои често покажувале рамнодушност наместо одговорност.

„Зошто не го прашате Трамп?“

Клинтон оцени дека Комитетот ќе дојде до вистинските одговори само ако го повика актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи под заклетва, наместо информациите да се добиваат индиректно. Таа истакна дека доколку истрагата навистина има за цел целосно расветлување на случајот „Епстин“, тогаш и Трамп треба директно да одговори на прашања за неговите контакти.

Сведочењето накратко беше прекинато откако републиканската конгресменка Лорен Боберт ја фотографираше Клинтон за време на затворената постапка и ја испрати фотографијата до конзервативен инфлуенсер, кој ја објави на мрежата „Икс“. Иако призна дека ја испратила фотографијата, Боберт тврдеше дека не направила ништо спорно, и покрај тоа што ги прекршила правилата на Комитетот.

Сослушувањата се одржуваат во Чапакуа, родниот град на Клинтонови северно од Њујорк, по повеќемесечни тензични препукувања меѓу поранешната двојка и Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците. Ова е првпат поранешен претседател да биде принуден да сведочи пред Конгресот.

Прашањето за одговорност за злоупотребата на малолетнички од страна на Епстин прерасна во силен притисок на Капитол Хил.

Претседателот Доналд Трамп, кој изрази жалење што Клинтонови се повикани да сведочат, минатата година попушти под притисок и дозволи објавување на дел од досиејата поврзани со Епстин, кој се самоуби во затвор во Њујорк во 2019 година додека го чекаше судењето. Клинтонови се согласија да сведочат откако нивните писмени изјави под заклетва беа одбиени, а претседателот на Комитетот, републиканецот Џејмс Комер, им се закани со постапка за непочитување на Конгресот.

ФОТО | И Стивен Хокинг на фотографиите на Епстин, сликан помеѓу две млади жени во бикини

„Бев во ужас како и секој пристоен човек“

Хилари Клинтон изјави дека, „како и секој пристоен човек“, била во ужас од она што јавноста го дознала за злосторствата. Таа наведе дека нејзиниот сопруг летал со Епстин на хуманитарни патувања, но дека таа лично не се сеќава на средба со него. Со Максвел, поранешната партнерка на Епстин, имала контакти на конференции организирани од Фондацијата Клинтон. Максвел присуствувала и на свадбата на нивната ќерка Челси Клинтон во 2010 година.

Бил Клинтон е посебно во фокусот на републиканците, кои бараат поголема контрола врз неговите врски со Епстин. Во првата серија документи објавени од Министерството за правда во јануари беа вклучени и фотографии од поранешниот претседател со луѓе чии идентитети беа редактирани. Клинтон не е обвинет за никакво кривично дело.

Комер посочи дека и работата на Хилари Клинтон како државна секретарка во борбата против трговијата со луѓе е причина за нејзиното сослушување. Таа го бранеше својот ангажман во справувањето со сексуалната експлоатација ширум светот.

Комитетот истражува и зошто Министерството за правда во претходни администрации не покренало дополнителни обвиненија против Епстин по спогодбата од 2008 година, кога тој се изјасни за виновен по државни обвиненија во Флорида за поттикнување проституција со малолетничка, избегнувајќи федерално гонење.

Сенката на Епстин се надвисна и врз поранешниот американски министер за финансии: Самерс заминува од Харвард

Одамна постојат теориите на заговор околу Клинтони

Теориите на заговор околу Клинтонови и нивните врски со Епстин и Максвел со години циркулираат, особено во десничарските кругови. Сослушувањето беше привремено прекинато откако конгресменката Лорен Боберт испрати фотографија од затворената постапка до конзервативен инфлуенсер, кој ја објави на социјалните мрежи, со што ги прекрши правилата.

Комер најави долги часови испрашување за двајцата Клинтонови. Тој изјави дека целта е да се разбере како Епстин стекнал толкаво богатство и како успеал да се опкружи со некои од најмоќните луѓе во светот.

Како можна следна личност за сослушување го спомена и министерот за трговија Хауард Латник, кој бил сосед на Епстин и имал контакти со него.

Демократите, предводени од нова генерација политичари, исто така, бараат транспарентност. Конгресменот Роберт Гарсија го повика и Трамп за да сведочи, истакнувајќи дека преседанот со Бил Клинтон треба да важи за сите. Сепак, Комер претходно изјави дека комитетот не може да го сослуша актуелниот претседател.

Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, најави дека ќе бидат разгледани нередактираните досиеја во Министерството за правда и порача дека „ќе ја повлечат секоја нишка“ додека не се разоткрие, како што рече, „масовното прикривање“.

Бил и Хилари Клинтон на списокот на сведоци за случајот Епстин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот