Хелсиншкиот комитет за 17 годишникот кој беше врзан во болницата во Демир Хисар: Нечовечко и понижувачко постапување

Фото: Хелсиншки комитет

Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници се згрозени и остро реагираат за најновиот случај на 17-годишно момче со аутизам кое било врзувано во Психијатриската болница во Демир Хисар и од тоа има рани на рацете и нозете, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права објавено на нивнатата официјална страна.

„Ова ја покажува крајно загрижувачката состојба во психијатриските болници, особено кога се работи за насилство и несоодветно и нехумано постапување кон пациентите. Шокантни се сознанијата дека со луѓето се изложени на крајно нехуман третман што е спротивно на сите меѓународни принципи и стандарди, закони и меѓународни конвенции.Нехуманото постапување и малтретирање на пациентите во болницата во Демир Хисар го нотираше Европски комитет за спречување на тортура и нечовечки или понижувачко постапување или казнување (CPT)во извештајот за Република Северна Македонија: „Комитетот мора да ја изрази својата сериозна загриженост за веродостојните наводи од пациенти на различни одделенија кои биле врзувани за кревет со метални синџири и катанци. Таква практика не е прифатлива и се смета за нечовечко и понижувачко постапување“, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници за случајот во Психијатриската болница во Демир Хисар.

Оттаму додаваат дека и Извештајот за 2022 година на Народниот правобранител, го потврдил нехуманото постапување во установата.

„При посетата во една од работните простории на персоналот беа пронајдени кожени ремени за фиксација за коишто беше истакнато дека не се користат, како и метален синџир со катанче за заклучување на просториите кога има вознемирени пациенти. Во друга просторија беше забележан и цврст, дебел кабел за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената. Имајќи предвид дека ваквите средства може да послужат за заплашување, малтретирање или друго несоодветно постапување спрема пациентите, тимот на НПМ истакна дека е потребно тие веднаш да се отстранат.“

Од Хелсиншкиот комитет и Македонското здружението на млади правници додаваат дека ќе поднесат претставка до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да го испита случајот во рамките на своите надлежности, а во следниот период ќе спроведат мониторинг посети во сите психијатриски установи во нашата земја.

Инаку по исказите за нехуманиот третман кон 17-годишникот, Народниот правобранител најави дека ќе поведе постапка за Психијатриската болница во Демир Хисар.

„Слушнавме за настанот, објавија повеќе медиуми имајќи предвид дека немаме директна претставка директно од родителот како би можеле да ги добиеме основните податоци. Но, и овие се доволни за да иницираме една постапка. Да бараме од надлежните органи да се направи надзор над работата на установата и секако да бараме соодветни информации за изнесени наоди на родителот преку медиумите за начинот на којшто детето беше третирано додека било сместено во установата“, истакна државниот советник во Народен правобранител Васка Бајрамовска Мустафа.

ФОТО| Низ солзи, мајката на детето со аутизам врзувано во психијатриската болница Демир Хисар: Не можев да го препознаам!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот