Хелсиншки најави „Марш за толеранција на различностите во образованието“

По повод Меѓународниот ден на толеранцијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права го организира единаесеттиот Марш на толеранција, кој ќе се одржи во сабота со почеток во 12 часот.

Маршот ќе започне пред Музејот на град Скопје, преку улица Македонија, до крајната точка на платото пред Универзитетот на ЈИЕ во Старата скопска чаршија.

„Образованието и младите ќе бидат во фокусот на овогодишното одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата. Причините се сериозни и секојдневно видливи – најчести извршители и жртви на злосторства од омраза се малолетни лица, а подемот на меѓуврсничкото насилство дополнително се зголемува со користењето на социјалните мрежи. Намалената толеранција на младите кон различностите е резултат на повеќе околности во општеството, но образованието се издвојува како еден од најпроблематичните фактори, со оглед на неговото клучно влијание во изградбата на ставовите и светогледот на младиот човек.

И покрај обемната материја со која се оптоварени децата и младинците во образовниот процес, училиштето сепак ги лишува од клучни животни вештини, од кои потоа зависи кохезијата на целото општество и иднината на цели генерации. Младите речиси и не се оспособуваат за критичко мислење. Учебниците и наставните програми се полни со дискриминаторски содржини, кои само ги зацврстуваат вкоренетите стеретотипи и предрасуди. Целосно е занемарена важноста од едукација за ненасилно разрешување конфликти. Долгогодишното игнорирање на потребата од сеопфатно сексуално образование ги направи младите дополнително затворени, ранливи и подложни на насилство. Исто така, неинформираноста на младите, но и нивното опкружување, раѓаат предрасуди и нетрпеливост во однос на децата со попреченост и нивното вклучување во редовното образование.

На 16 ноември ќе побараме вистински да се активира декларираната политичка волја за квалитетно и сеопфатно образование. Ќе апелираме за темелни промени во образовниот процес и содржини кои ќе соодветствуваат со времето во кое живееме и со реалните потреби на младите луѓе. Ќе ги повториме многупати изречените пораки за прочистување на наставните материјали од содржини кои дискриминираат и ја оправдуваат нетолеранцијата помеѓу различните групи и поединци. Ќе побараме континуирана надградба на наставниот кадар. Ќе порачаме дека образованието не смее да биде терен за перпетуирање на мислења и ставови кои предизвикуваат омраза, поделби и насилство. Ќе побараме суштински пресврт во образовните политики, кој ќе ги зајакне и научи младите како да се справуваат со животните предизвици – но на хуман, толерантен и ненасилен начин, со штитење на личното и туѓото достоинство и живот“ велат од Хелсиншкиот комитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот