Хавиер Бардем одговори на тврдењата дека е на црната листа на „Парамаунт“ поради поддршката за Палестина: „Не е изненадувачки“
Шпанскиот актер и оскаровец Хавиер Бардем ги коментираше наводите дека се нашол на црната листа на филмското студио „Парамаунт“ (Paramount) поради јавно изразената поддршка за Палестина, истакнувајќи дека ваквиот развој на настаните воопшто не го изненадил, пренесува „Телеграфи“.
Препорачано
Бардем претходно беше меѓу потписниците на отворено писмо, заедно со бројни актери и филмски професионалци, во кое тие наведоа дека одбиваат соработка со компании што го поддржуваат Израел. Според медиумските тврдења, токму поради ова писмо тој наводно бил ставен на црната листа на „Парамаунт“, со кој претседава Дејвид Елисон, заедно со други холивудски ѕвезди.
Во интервју за „Зетео“ (Zeteo), Бардем изјави:
„Не е изненадувачки, навистина не сум изненаден. Проблемот не е толку во нивната црна листа, туку во тоа со кого сакате и избирате да соработувате. Тоа е нешто што ќе стане појасно во наредните години.“
Актерот сакаше дополнително да ги појасни ставовите на потписниците на писмото:
„Би сакал нешто да разјаснам, за сите да разберат. Ние не сме против луѓето, ниту против нивната националност, религија или етничка припадност. Ние ги повикуваме на одговорност компаниите и субјектите што го поддржуваат овој геноцид, овој апартхејд и оваа нелегална окупација.“
Писмото, покрај Бардем, го потпишаа и познати филмски автори и актери како Јоргос Лантимос), Ава Дивернеј, Асиф Кападија, Ема Селигман, Бутс Рајли, Адам Мекеј, Оливија Колман, Ајо Едебири, Марк Руфало, Риз Ахмед, Тилда Свинтон, Гаел Гарсија Бернал, Ема Стоун и многу други.
Дополнително, на доделувањето на Еми-наградите во септември 2025 година, Бардем се појави на црвениот тепих носејќи палестинска марама, што уште повеќе ја истакна неговата јавна поддршка за палестинската кауза.


