Хаосот со објектите што глумат „кабареа“ во Скопје е дозволен од тие што имаат инспекторска значка

Граѓаните низ годините постојано ги пријавувале дивите локали во Скопје, кои работеле без лиценца и без стандарди, но тие биле многу перфидно заштитени како „бели мечки“ првенствено од законските одредби во Законот за угостителска дејност. 

Во овој Закон, во членот 60, на пазарен инспектор му е дадено овластување да затвори ноќен бар, кабаре и диско без лиценца само привремено, за рок од 30 дена. Ако за 30 дена ваквите објекти не извадат лиценца, тогаш инспекторот може пак да ги затвори нови 30 дена. Меѓутоа законот не упатува на трајно затворање за немање лиценца.

 

Ова доведува до класичната слика во македонското општество денес – сопствениците на дел од овие објекти плаќаат парични глоби и да си продолжуваат со работа, повторно на диво. Како што покажува архивата на Антикорупциската комисија, на адресата на Антикорупциската комисија во февруари 2023 година пристигнале две пријави со наводи дека инспекторите од пазарната инспекција во Скопје работат незаконски и им прогледуваат низ прсти на тие локали и дискотеки што немаат лиценци, односно не ги затворале тие објекти што работат по полноќ во главниот град, а немале дозвола за таква дејност.

Антикорупциската комисија му наложила на Инспекцискиот совет, под чија надлежност се сите инспекторати во државата, да постапи кон инспекторите што незаконски работеле. Истото Антикорупциска му го наложила и на директорот на Државниот пазарен инспекторат во тоа време.

„Во текот на 2022 година иако континуирано се вршени контроли и изрекувани се глоби и санкции, истите се плаќани од страна на сопствениците, но локалите не биле затворени иако не поседувале соодветни лиценци, односно дозволи за работа. Фактот дека дел од нив, лиценците ги добиле во 2023 година (една година подоцна н.з.), а два локали уште немаат побарано дозвола за работа, говори за концентрација на голема моќ и влијание од страна на сопствениците на овие локали над разни државни тела и органи, што пак од своја страна придонесува за незаконско постапување на инспекторите од Државен пазарен инспекторат, но и од Министерството за внатрешни работи“, пишува во одлуката од Антикорупциска комисија.

Каква била пријавата?

 

Инспектори од Државниот пазарен инспекторат биле пријавени во февруари 2023 година дека ја злоупотребуваат службената положба и овластување и дека не постапуваат законски. Наводите во пријавата упатуваат на непостапување на инспекторите за време на вршење на инспекциски надзор во поголем број угостителски објекти, дискотеки и ноќни клубови во Скопје, во периодот во средината на декември 2022 година за време на викендите кога вршеле контроли. Во пријавата доставена до Антикорупциска комисија, се вели дека за време на вршењето на контролите, и покрај тоа што најголем дел од локалите работеле после дозволеното работно време и немале лиценци за ноќни клубови, тие не биле затворани и продолжувале да работат.

 

МВР дало информации само за еден месец, иако Антикорупциска им барала информации за цела година

 

Кога ја прочитале пријавата, антикорупционерите се фатиле за работа. Барале информации од МВР за сите контроли што полицијата ги спровела во наведените објекти во 2022 година. Но, МВР им дало информација само за декември 2022 – дека не излегле на терен во содејство со Пазарната инспекција во ниеден од локалите што биле предмет на пријавата. За другите 11 месеци од 2022 година, МВР ги сокрило податоците од антикорупционерите, иако биле побарани.

Според одговорите од полицијата – објектите во кои полициски службеници не стапнале во декември 2022 година во содејство со Пазарна инспекција биле: „Централ парк“, „Мусандра“, „Мецо“, „Мош“, „Епицентар“, „Терминал“ и други, произлегува од нивниот одговор до Антикорупциска комисија.

Државниот пазарен инспекторат, пак, одговорил дека континуирано вршел инспекциски надзори во сите наведени објекти, во неколку наврати во периодот од јануари 2022 до јуни 2023 година, при што за некои од угостителските објекти издавале решение за привремена забрана за вршење дејност, а кај други издавале налози газдите да платат парична казна. Некаде поднесувале и барање за поведување прекршочна постапка. Кога влегувале во дискотеките, во некои од нив им била приложувана и лиценцата за вршење угостителска дејност.

Министерството за економија, пак, на Антикорупциска ѝ одговорило дека за четири од наведените објекти издале лиценца за кабаре. Но, за дел од објектите никој не им побарал лиценца што значи дека некои од објектите работеле на диво. Законски, пазарната инспекција смее да ги затвори за период од 30 дена. Ако не извадат лиценца во тој временски период, пазарните инспектори можат пак да ги затворат ама пак за рок од 30 дена.

Законски основ за трајно затворање, не постои, тврди за „Слободен печат“ Стојко Пауновски, поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат.

Дополнително, некои од сопствениците погодуваат во центарот на дупките во законот, на начин што ги пререгистрираат фирмите на друго име во Централниот регистар.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот