Хаос во Црна Гора – Украинец со „БМВ“ удри во придружбата на премиерот Милојко Спајиќ, повредени се тројца полицајци

Тројца полициски службеници кои биле во придружба на црногорскиот премиер Милојко Спајиќ се повредени во сообраќајна незгода во местото Скрбуша, на патниот правец Матешево – Колашин во Црна Гора, објави Нова.

Од Управата на полицијата соопштија дека Спајиќ, како заштитено лице, не се наоѓал во возилото со повредените полициски службеници, туку во друго возило од ескортата.

„Вијести“ објавија дека полицајците се здобиле со тешки телесни повреди, но дека тие не се опасни по живот.

Незгодата се случила околу 16.30 часот, а со другото возило, „БМВ“, со странски регистарски таблички, управувал В. С. (21) од Украина.

„Врз основа на досега преземените дејствија и прибраните сознанија, се сомнева дека до сообраќајната незгода дошло на начин што државјанинот на Украина, кој управувал со возилото марка ‘БМВ’, движејќи се по регионалниот пат Р-13 од правец Подгорица кон Колашин, на дел од патот каде што има полна линија, односно непрекината линија, од засега неутврдени причини преминал во спротивната коловозна лента и со предниот дел од возилото остварил контакт со предниот дел од службеното возило од придружбата – ескортата на заштитеното лице, кое се движело од правец Колашин кон Подгорица“, соопштија од полицијата.

Се додава дека во незгодата учествувало службено возило „Мерцедес“, првото возило од придружбата на заштитеното лице, со кое во моментот на незгодата управувал полицискиот службеник М. К. Во возилото се наоѓале уште двајца полициски службеници.

„Сите тројца полициски службеници се здобиле со телесни повреди и им е укажана лекарска помош“.

Со другото возило, марка „БМВ“, со странски регистарски ознаки, управувал В. С. (21) од Украина.

„Напоменуваме дека заштитеното лице не се наоѓало во наведеното возило, туку во друго возило од ескортата. По завршувањето на увидот и преземањето на сите законски пропишани мерки и дејствија, Управата на полицијата навремено ќе ја извести јавноста за околностите на овој настан“, соопштија од полицијата, пишуваат „Вијести“.

Увидот го извршила обвинителката од Колашин, Маја Шчепановиќ. Сообраќајот на таа делница бил во прекин два и пол часа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот