ХАОС: Дури и туристичките агенции немаа време да слушнат за ПЦР тестовите за излез

Граничен премин со Грција / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Невиден хаос направи Владата носејќи одлука која буквално почна да важи преку ноќ. Владата испрати соопштение до медиумите, вчера во 20 часот поппладне дека од 1 септември (денес?!) , покрај за влез во државава и за излез ќе се бара потврда за вакцинација, потврда за прележана корона, или пак, негативен тест – ПЦР, или брз антигент тест.

Ова на граничните премини предизвика вистински хаос. Затечени се патниците, од кои многумина не ни разбрале додека се спремале за пат дека во вечерните часови Владата донела ваква одлука. Затечени се и туристичките агенции. Дел и од нив не знаат за новата одлука!

„Слободен печат“ се обиде да разговара со повеќе туристички агенции кои имаат патувања за Албанија, или за Црна Гора – земји кои на нас не ни бараат потврда за вакцинација, прележан вирус или пак, негативен ПЦР тест. Но во агенциите едноставно како да останале без зборови и не знаеја што да ни кажат, па вообичаените одговори беа дека тука не им биле одговорните што може да ја коментираат состојбата и да кажат дали има нивни патници кои во моментов заглавија на граница. Во една од туристичките агенции велат дека допрва ќе размислуваат што да прават.

– Видов дека ноќеска има нова одлука од Влада, но детално не ја прочитав. Денес немаме тура која заминува за Албанија, но имаме утре па ќе видиме што ќе правиме – ни рекоа во ТА „Атлантис“.

Во Министерството за здравство поставивме прашање дали на границите ќе има можност за тестирање на граѓаните при влез и излез од земјава.

Владата „откри“ зошто треба тест за излез од земјава

На новинарско прашање зошто треба потврда за имунизација, или за прележан Ковид 19, или пак негативен тест за излез од земјата и тоа кога се патува во земји кои воопшто не бараат такви докумнети, портпаролот на Владата Муамет Хоџа на денешната прес конференција одговори дека “оваа мерка е придонес за масовната имунизација, како најсоодветен одговор за ширењето на Ковид-19“.

– Мерката е израз на нашата определба да направиме се што е потребно нашата земја да се препознае како земја која води активна политика за имунизација и која не треба да се препознава како земја –извозник на вирусот. Треба да се има предвид дека потврдата за вакцинација или прележан Ковид-19 е воообичаена постапка за влез во огромен број земи која граѓаните секако треба да ја испочитуваат – рече Хоџа.

На прашањето на новинароте зошто не се признава подолг рок за прележаните, туку само 45 дена од оздравувањето може да патуват со таа потврда за прележана корона, Хоца рече дека мерките се донесени по препорака на Комисијата за заразни болести.

Тестирање против ковид-19 на самите граници нема да има

Кои мерки ги донесе владата

Вчера Владата соопшти дека ги дополни мерките за спречување на проширувањето на вирусот што ја предизвикува заразната болест Кобид-19 со кои од 1 септември 2021 година домашните и странски државјани и за излез од територијата на Република Северна Македонија на граничните премини ќе мора да приложат: сертификат за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот Срс-ков 2, односно примени две дози на вакцина; или сертификат за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или медицинска потврда со негативен резултат од SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред излез од територијата на Република Северна Македонија, или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.

Владата ја дополни и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена доколку при влез во државата немаат негативен ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, при што времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивни трошок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот