Хајредини: Да не се дозволи функционирање на взаемната амнестија

„Последните денови се кулминација на настаните од последните пет години. Тие пет години се присутни во последните пет дена. Се надевам дека Македонија ќе добие датум за преговори со кои властите се обидоа овие последниве 2-3 години да го свртат вниманието дека завршуваат сите проблеми на Македонија“, изјави во Утрински брифинг на „Слободна ТВ“, поранешниот министер и политички аналитичар, Џевдет Хајредини.

Тој вели дека е добро да добиеме датум, но не е точно дека наредниот ден се ќе биде добро.

„Не е точно затоа што кога ќе видат дека не се менува ништо разочарувањето ќе биде многу поголемо од досега. Се создаде клима кога Макрон го блокираше давањето на датум – дека толку убави зборови се кажаа за Македонија што се стекна впечаток дека е добро што не добивме датум чим ситуацијата била толку добра. Јас мислам дека дента кога ќе го добиеме ќе има некои писма од Европа до нас. Задачи и до сега ни доделувале, но не помагало многу кај овие политичари што ги имаме последниве 5 години, па и последниве пет дена. Состојбите не се менуваат, ни во корупцијата, ни во политиката, ни во меѓуетничките односи. Се продолжува со истата политика од порано“, рече Хајредини.

Хајредини смета дека Македонија влезе во многу тешка кризна ситуација по откривањето на невидениот криминал, корупција и неморал со прислушуваните разговори.

„Граѓаните пет години со тоа живеат. Сега сме ставени да тие бројни, стотина ликови што Македонија ја доведоа во оваа состојба да создаваат услови да повторно дојдат на власт. Сведоци сме дека фер избори не може да има, тие се однапред купени, ама нема потреба од големо купување“, вели тој.

Според Хајредини доволно е што има длабок јаз, не само идеолошки. Тој вели дека сме дојдени во ситуација Македонија да зависи од 10 албански пратеници.

„Кај ќе одат тие ќе формираат влада. И ВМРО и СДСМ тие 10 пратеници им ги обезбедуваат на албанската партија за после изборите да ја користат, а притоа толерираат невиден криминал и неморал. Можат да пукаат по свадби, по улици, а да не одговараат. Деновиве слушаме од Ахмети дека повторно ќе ги добие изборите, и во право е, бидејќи откако се распишаа предвремените избори масовно се даваат решенија за плати и на луѓе кои и до сега не оделе на работа. Имајќи предвид менталитетот, традициите и навиките се уште кај Албанците тој (семејниот живот) е по кохезивен. Еден човек може 20-30 гласови да обезбеди. Нивното бахато однесување кај другите Албанци, со бахато однесување поддржано од македонската партијата на власт влева страв кај албанските гласачи“, вели Хајредини.

Тој бара да се промени политиката на македонските политичари кон Албанците во целина.

„Дефинитивно да сфатат дека со УДБАшки методи не смеат да ги манипулираат Албанците. Албанци до смрт верни на УДБА имало, има и ќе има. Ако македонските партии кои доаѓаат на власт и натаму продолжат со истите методи да се користат во однос на Албанците, прават историска грешка која не води до стабилизација на Македонија“, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот