Групната изложба „На изворот на Климент и Наум“ ќе биде поставена во КИЦ-Скопје

Дело од Васко Ташковски

Во Културно-информативниот центар во Скопје, во Продажен ликовен салон, на 13 декември ќе биде отворена групната изложба „На изворот на Климент и Наум“ од колекцијата на Климе Коробар со дела каде Свети Климент и Свети Наум Охридски се творечка инспирација на сликарите, музичарите, копаничарите и поетите.

– Од 910 до 2023 година поминале единаесет столетија, но тоа временско растојание не ја избледило нашата меморија. И по толку столетија ние сме пак на она големо Сега, на изворот на Словото и Светлината што блика од наследството што ни го оставија Климент и неговиот собрат Наум. Тоа е духовно тело толку големо што добило димензии на безвременост и безименост, на нешто кое своето време и име ги растворило и втиснало во вечноста и просторот на колективната душа – стои во најавата на изложбата.

Свети Климент и Свети Наум Охридски се отворена тема и мотив, секогаш длабоко инспиративен и благороден за творечка креација, затоа што преку нивната светлина уште повеќе се зацврстува нашиот идентитет и алките на нашиот духовен континуитет.

Создадените дела на еминентни македонски уметници говорат за зацврстувањето на корените, почитта и пиететот кон делото на Свети Климент и Свети Наум Охридски, кои се еден од најмоќните столбови на нашето постоење и идентитет.

На изложбата ќе бидат застапени дела на Васко Ташковски, Глигор Чемерски, Благоја Дрнков, Петар Хаџи-Бошков, Симон Шемов, Павле Кузмановски, Петар Попчев, Владимир Георгиевски, Стефан Хаџи-Николов, Доне Миљановски, Ставре Димитров – Стадим, Илија Аџиевски, Димитар Малиданов, Благој Чушков, Ангеле Нацевски, Новица Трајковски и други.

Изложбата ќе биде отворена до 10 јануари 2024 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 208, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-10.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот