Грлиќ Радман ја повика Србија да се приклучи кон санкциите против Русија
Хрватска континуирано работи на тоа Западен Балкан да остане во фокусот на НАТО, изјави министерот за надворешни и европски работи на таа земја, Гордан Грлиќ Радман, откако Алијансата го усвои извештајот за тој дел од Европа на министерскиот состанок во Букурешт, пренесува хрватски „Индекс“.
Препорачано
Грлиќ Радман рече дека Хрватска, како земја која е во непосредно соседство на Западен Балкан, „е најповикана објективно да сведочи и да ја подигне свеста за ситуацијата“ со цел да придонесе за усвојување на клучните документи и политики на Алијансата .
„Континуирано работиме за да обезбедиме Западен Балкан да остане во фокусот на Алијансата“, нагласи министерот. Во Букурешт, каде што тој учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на НАТО, рече дека Алијансата „почитувала одредени позиции“ на Хрватска во „стратешкиот концепт“ и дека зборува за важноста на Западен Балкан.
Грлиќ Радман повтори дека Србија мора да се приклучи на санкциите против Русија и дека мора да биде поексплицитна, конзистентна и кредибилна доколку сака да постигне европска перспектива.
Министерот најмногу зборуваше за ситуацијата во БиХ, поздравувајќи ги изборите одржани на 2 октомври и промените што ги донесе високиот претставник Кристијан Шмит со цел „политичка стабилизирање“ на таа земја.


