Грковска со поддршка на ИРЛ: Судот нема право да ја забрани слободата на медиумите

Славица Грковска
Фото: Влада на РСМ

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска со поддршка за ИРЛ се огласи на Фејсбук.

Слободата на изразување, јавниот интерес и слободните медиуми се врвен приоритет за едно општество. Тие не смеат да бидат загрозени ниту попречувани на каков било начин. Целосно се спротиставувам на скандалозните обиди да се дискредитира правото на новинарите да пишуваат, да алармираат, да критикуваат, да изразуваат сомнежи. Новинарската професија мора да биде самостојна, слободна, саморегулирана од страна на авторитетни медиумски тела и организации, во согласност со законската регулатива и новинарските стандарди. Никој нема право, ниту судската власт, ниту другите државни институции да ја забранат или ограничат слободата на медиумите и слободата на изразување кои се загарантирани со Уставот, напиша Грковска.

Ваквата реакција доаѓа откако судијката Јованка Спировска Панева ги осуди ИРЛ за клевета и навреда во случајот ,,Фероинвест против ИРЛ” за документарниот филм ,,Заговор против воздухот” и во пресудата наведе дека ИРЛ не е медиум и може да се соочи со забрана за работа.  На пресудата реагираа сите еснафски здруженија но и повеќе политичари. Меѓу нив е и претседателот Стево Пендаровски кој истакнува дека новинарството е слободна и независна професија и како таква треба да биде саморегулирана од страна на медиумски тела, а јавноста да биде информирана за прашања од јавен интерес.

ИРЛ објави делови од судењето односно од читањето на пресудата, каде судијката скандалозно наведува дека ,,Сашка Цветковска се претставува како истражувачки новинар” и покрај тоа што се работи за етаблирана новинарка со бројни домашни, регионални и светски награди за истражувачко новинарство уште од времето кога активна беше телевизијата А1 и кога таа доби награда за сторијата Списоци, во која покажано беше како се доведуваат по 15 гласачи за да ја поддржат партијата ВМРО-ДПМНЕ од страна на државни службеници. Оттогаш ИРЛ доби бројни престижни светски, европски и регионални награди за својата работа.

За самостојниот синдикат на новинари на Македонија спорни во пресудата се повеќе елементи, но главното спорно е наведеното оти ,,ИРЛ нема својство на медиум, членовите не се новинари” и дека ,,тие не смеат да објавуваат истражувања освен за внатрешни цели односно да им ги прикажуваат на членовите”. Новинарскиот синдикат е дециден дека ваквата пресуда е тежок удар за слободата на изразувањето и слободата на медиумите и води кон цензорски практики. Синдикатот потсетува дека судот не е надлежен да кажува кој е новинар а кој не е.

„Со оваа пресуда која беше објавена вчера не се навлегува во суштината на тужбата за наводната клевета кон поранешниот вицепремиер Анѓушев во емисијата „Заговор против воздухот“ емитувана во 2021 година на МРТВ, туку се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ сѐ со цел да се оправда пресудата на судијката Јованка Спировска Панева. Притоа се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност“, велат од синдикатот.

Здружението на новинарите преседанот ќе го пријави во Платформата на советот на Европа за промовирање и заштита на новинарството и безбедноста на новинарите. Таа платформа известува за сериозни закани за безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во Европа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот