ГРК Охрид го елиминираше Цеље за историско финале во ЕХФ Европскиот куп
Ракометарите на Охрид направија уште еден голем успех во својата клупска историја, за македонскиот ракомет на меѓународната сцена.
Препорачано
На реваншот од полуфиналето од ЕХФ Европскиот куп полн со возбудувања во СЦ „Билјанини извори“ пред полни трибини и одлична атмосфера, играчите предводени од тренерот Борис Ројевиќ излегоа како победници во двомечот против словенечкиот Цеље.
Откако Цеље славеше на првиот дуел пред своите навивачи со 27:26, нашиот претставник триумфираше исто така со еден гол разлика (25:24), по што следуваа пеналите.
А во пенал серијата ГРК Охрид беше подобар со 4:3, откако Ѓукиќ го постигна четвртиот погодок, следуваше промашениот седмерец на Макуц, по што следуваше голема радост кај ракометарите на Ројевиќ и секако фановите на ГРК Охрид.
Најефикасни во редовите на ГРК Охрид беа Јасухира со девет и Стрмљан со седум голови, а значаен придонес имаше и голманот Пилиповиќ со 11 одбрани.
На спротивната страна најрасположен беше Периќ со осум голови, три повеќе од Анжиќ.
Противник на ГРК Охрид во финалето на ЕХФ Европскиот куп ќе биде Татабања од Унгарија на македонскиот репрезентативец Филип Талески.


