ГРЕТА: Македонија има добри закони, но на жртвите на трговија со луѓе им треба подобар пристап до правдата

Законската рамка за борба против трговија со луѓе во Северна Македонија е подобрена, но неопходно е подобро спроведување на законите во однос на пристапот на жртвите до правдата, како и до ефективни правни лекови, пишува во последниот извештај на Групата експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) на Советот на Европа, објавен денеска во Стразбур.

Во извештајот на Групата базиран на информациите добиени за време на посетата во март лани се наведува дека бројот на формално идентификувани жртви е низок (помеѓу две и девет годишно, освен во 2021 година кога беа идентификувани 39 жртви на трговија со луѓе од Тајван), а трудовата експлоатација е доминантна форма на експлоатација.

ГРЕТА заклучи дека подобрувањата го вклучуваат Законот за странци од 2018 година, кој предвидува период на опоравување и размислување и обновливи дозволи за престој за жртвите на трговија со луѓе врз основа на нивната лична ситуација. Исто така во Кривичниот законик е вклучена и конкретна одредба за неказнување на жртвите на трговија со луѓе. Понатаму, во ноември 2022 година беше донесен Законот за исплата на паричен надоместок на жртвите на насилен криминал, со кој се воведува државен надоместок за жртвите на трговија со луѓе. ГРЕТА го поздравува и назначувањето на Канцеларијата на Народниот правобранител за национален известувач за борба против трговијата со луѓе.

ГРЕТА смета дека одредбите за правна помош на жртвите на трговија со луѓе не се јасни и има јаз во нивната примена. Групата ги повикува властите да обезбедат јасна основа за давање правна помош штом има разумни основи да се верува дека некое лице е жртва на трговија со луѓе. Исто така, ГРЕТА смета дека жртвите на трговија со луѓе треба да имаат ефективен пристап до пазарот на трудот и да им се обезбеди стручна обука и вработување за да се зајакне нивната социјална и економска вклученост.

И покрај тоа што го поздравува формирањето на Национална единица за борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти и зголемувањето на бројот на пресуди во споредба со претходниот период на оценување, ГРЕТА забележува дека во повеќето случаи казните биле далеку под законскиот минимум.

Групата во извештајот ги повикува македонските власти да ги зајакнат човечките, финансиските и техничките капацитети на агенциите за спроведување на законот за да им овозможат проактивна истрага на престапите за трговија со луѓе, користејќи ги сите можни докази, вклучително и доказите собрани преку посебни истражни мерки. како и финансиски и дигитални докази.

Истовремено се поздравува обуката на трудовите инспектори, но властите се повикуваат да го разјаснат мандатот на трудовиот инспекторат и да му обезбедат соодветни човечки и финансиски ресурси.

Позитивна оценка доби и ревизијата на Стандардните оперативни процедури на Македонија за третман на жртви на трговија со луѓе и работата на пет мобилни тимови за идентификација на можни жртви на трговија со луѓе. ГРЕТА повикува на натамошно зајакнување на идентификацијата на жртвите со вклучување на полициската единица за борба против трговија со луѓе во заедничките инспекции со Трудовиот инспекторат и во рациите што ги спроведуваат другите полициски единици во просториите каде што најверојатно ќе бидат откриени жртви.

Но, ГРЕТА е загрижена поради континуираното немање на безбедно сместување за машките жртви на трговија со луѓе и недостатокот на соодветно сместување за децата жртви. Затоа, Групата ги повикува властите да обезбедат соодветни финансиски и човечки ресурси за помош на жртвите на трговија со луѓе, вклучително и од специјализирани невладини организации кои имаат мандат да пружат помош, и да обезбедат на сите жртви на трговија со луѓе да им се гарантира ефективен пристап до јавната здравствена заштита.

ГРЕТА е независно тело кое го следи начинот на кој земјите ја спроведуваат Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе. Со Конвенцијата се обврзани сите земји-членки на Советот на Европа, како и државите кои не се членки Белорусија и Израел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот