ГРЕЈНАТА СЕЗОНА ПОЧНА: Дрвата се трошат како „алва“, за субвенции за инвертери ќе почекаме

огревно дрво/ Фото: Слободен печат

На стартот сме на грејната сезона, но „бомбастично“ најавените субвенции од страна на Владата за замена на печките на дрва со инвертер системи, никаде ги нема.

Пред речиси еден месец, заменик-министерот за животна средина и простoрно планирање Јани Макрадули презентираше низа мерки со цел намалување на аерозагадувањето, а меѓу нив беше и доделувањето субвенции за целосна замена на печките на дрва со енергетски ефикасни инвертер клима уреди. Овие мерки треба да се спроведат во општините во Градот Скопје, Тетово, Битола и Кичево.

„Слободен печат“ направи истражување до каде е оваа најавена мерка и како граѓаните реагираат на неа.

Според информациите кои ги добивме, оваа мерка се уште не е започната и се очекува да стартува до крајот на овој месец или почетокот на другиот. Ова значи дека сите заинтересирани за користење на овие субвенции ќе мораат да почекаат за истите, иако временските услови не го дозволуваат тоа, затоа што и централното греење во главниот град започна порано од предвиденото.

– Се очекува субвенциите за замена на печките на дрва да започнат до крајот на месецот. Како што е веќе познато, тие ќе бидат по принципот ваучер до 1.000 евра до 100% субвенција, на одредени локации. Ние имаме пуштен наш јавен повика за инвертер клими, а до вчера имаше 5 пријавено. Засега немаме голем интерес за другите субвенции и сметаме дека сите го чекаат овој јавен повик – велат од Општина Аеродром.

фото: Слободен печат

Во скопската населба Лисиче, која важи за една од најзагадените во градот, можевме да забележиме дека оние жители кои го користат дрвото како средство за затоплување на домот веќе одамна имаат купено дрва и се подготвени да ја дочекаат грејната сезона.

– Греењето на дрва е најевтино. Ние имаме парно и со него затоплуваме два ката. Според досегашните пресметки, со дрва е поевтино отколку на друг начин. Го имавме приклучено парното на струја, но зимно време сметките се движеа од 10.000 до 20.000 денари месечно, што е навистина многу. Особено што во населбава струјата е слаба и се случува кога е ладно да немаме струја, тогаш ниту еден систем не фукционира. Слушнавме за субвенциите, но не знам дали ние ќе имаме корист од тоа, затоа што ќе би бидат потребни повеќе уреди за да ги затоплиме двата ката – вели еден жител на Лисиче.

Инаку, на складиштата за дрва во нашиот град може да се забележи дека понудата за овој енергенс е голема. Цената за еден кубик дрва (бука) изнесува 3.400 денари, а во нив е пресметано сечењето и достава на истите до домовите на купувачите, додека дабот и габерот се продаваат по цена од 3.600 денари.

– Побарувачката за дрва е голема, иако беше уште поголема во текот на минатиот месец и во текот на летото. Повеќето луѓе кои се греат на дрва веќе имаат купено, но има и такви кои сега купуваат. Познати се цените, но тие може да варираат во зависност од понудата, поточно од залихите кои ги имаме, а тие може да се зголемат – ни изјави еден сопственик на склад за дрва во Скопје.

СЕ ОТРУВМЕ, МЕРНИТЕ СТАНИЦИ НЕ РАБОТАТ: Инверторите нема да го исчистат воздухот (АНКЕТА)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот