Грција најави построги мерки: Сите фудбалски навивачки групи ќе бидат затворени

фото: EPA-EFE/Alexandros Beltes

Премиерот на Грција, Киријајос Мицотакис најави дека ќе бидат затворени сите фудбалски навивачки групи во таа земја.

Мицотакис по денешната средба во Атина со претседателот на УЕФА Александар Чеферин изјави дека сите навивачки групи на на фудбалски тимови ќе бидат затворени и заменети со официјални здруженија кои ќе работат во седиштето на секој клуб, пренесе националната телевизија ЕРТ.

На средбата со Мицотакис и Чеферин присуствуваа и сопствениците на фудбалските клубови Олимпијакос, Панатинаикос, АЕК и ПАОК.

Причина за ваквата одлука на грчкиот премиер беа инцидентите минатиот понеделник во Атина, кога дојде до жесток конфликт меѓу навивачите на АЕК и Динамо Загреб. Епилогот на тој хаос е убиството на навивачот на АЕК, Михалис Кацурис (29), кој беше избоден до смрт. Уапсени се 105 навивачи, од кои 102 хрватски државјани, кои до судењето ќе бидат во затвор.

ВИДЕО | Во 25 метри квадратни се сместени 15 луѓе: Хрватските хулигани се жалат на условите во грчките затвори

Мицотакис рече и дека полицијата ја презема контролата врз групи организирани навивачи „кои правеа проблеми“ и додаде дека овие здруженија ќе бидат затворени. Според него, за секоја екипа ќе има само по едно здружение, кое ќе биде под полициска контрола.
Премиерот на Грција предупреди дека во краен случај, доколку е потребно, може да бидат исклучени екипи од европските натпреварувања.

На состанокот беа усвоени четири мерки кои веднаш ќе стапат на сила – укинување на навивачките групи, целосно покривање на стадионот со видео надзор, построга контрола на делот од трибините каде што се наоѓаат најжестоките навивачи, додека четвртата се однесува создавање на опсерваторија за насилство со учество на други земји со цел УЕФА да може навреме да предупреди за настани од висок ризик.

-Хулиганството е зло што ги труе општествата, а видовме и односи меѓу државите. Станува збор за криминални групи кои договараат смртоносни средби под изговор на фудбалот – вели грчкиот премиер Мицотакис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот